Великани на светската историја: Алберт Ајнштајн, гениј на светската наука и историја
Креативноста е зараза, пренесете ја!
За поставување на нови прашања, нови можности, за согледување
на старите проблеми од нов агол, потребна е творечка фантазија која го
означува вистинскиот напредок во науката.
Кој е Алберт Алнштајн?
Физичар или филозоф?
Пацифист или идеен творец на атомската бомба?
Прв научник на Големата(нова) наука или “поп“ тотем, Мерлин Монро на модерната наука?
На прв поглед, не е тешко да се одговори на овие прашања. Ама, и не е така лесно. Сепак, ќе се обидиме да дадеме соодветни одговори, па ќе видиме што ќе испадне од сето тоа.
Алберт Ајнштајн несомнено е најголем гениј во светската историја. Неговите теории(докажани во пракса) доведоа до револуционерни промени во поимањето на космосот, времето и просторот. Тој е предводник на една блескава елипа на умот, чии членови се Коперник, Галилејо, Њутн, Декарт, Бекон, Волтер, Кант… сите еден до еден генијалци, чие најјако оружје им беше сивата материја што ја поседуваа во своите глави, и начинот на кој размислуваа, пишуваа, зборуваа и дејствуваа.
Со право Ајнштајн е најзначаен научник на 20-от век. Автор на општата теорија за релативноста – ремек дело кое ја опишува гравитацијата како искривување на просторот и времето. Неговите размислувања за прашањето ‘’Што би се случило кога би можело да се јава на еден зрак светлина?’’, го променија светот. Идеите на Ајнштајн им обезбедија на физичарите толку многу прашања, колку што тие имаа одговори. Наоѓањето решенија кои ќе ги исполнат равенките на овој научник, простор – време, кои ја опишуваат кривата на нашиот универзум, се покажа многу тешко. Затоа и неговата теорија бавно се сфаќаше и прифаќаше. Но, тоа е факт и доказ дека тој бил пред сите умови, и токму поради тоа е еден од најголемите на сите времиња. А како таков познат е како многу самоуверен и полн со луди идеи. Не случајно неговото име е синоним за гениј, и отелотворување на интелект. Ненадминат генијален ум.
Прогласен за личност на цело едно столетие – 20-от век. Научник со впечатливо лице и карактеристична – разбушавена фризура. Многу често овие негови карактеристики се користеа за модел на луд научник и расеан професор. Бил свесен за фактот дека е омилен и почитуван, но го мачело сознанието дека никој не го разбира. Сите се согласуваат дека тој беше комбинација на брилијантност, личен интегритет и јавен активизам, одлики кои ги поседуваат малку интелектуалци. Тој е и признат гениј, докажан хуманист, заколнат пацифист и несомнен ексцентрик. Како таков, симпатичен на безброј негови поклоници, следбеници и симпатизери. Без оглед дали ја сфаќаме релативноста и неговата теорија за истата, неговиот излив на генијалност го заинтригира целото човештво.
Беше Евреин од Германија, кој емигрираше во САД, но се чувствуваше како граѓанин на светот. Ционист, социалист и агностик исторвремено. Непоправлив пацифист. Славата ја стекна како научник, не уживаше во нејзините благодети, но градеше ексцентрична слика за себе. Неговата најпозната слика, го прикажува со разбушавена седа коса како го плази јазикот. Неговите социјални, политички и религиозни идеи не им беа многу убедливи на современиците, но затоа пак научните идеи беа прифатени без резерва. Знаеше да покаже невиден активизам во политиката(борбата против нацизмот), религијата и ционизмот. За некои ставови, во врска со социјалните права на луѓето, но и живот без хидрогенска бомба, доаѓа во судир со Хувер, ФБИ и макартизмот, а во 1952 година ја одбива понудата да биде прв претседател на Израел. Повеќе од очигледно е дека храбрите ставови и турбулентниот живот на Ајнштајн фасцинирале многу луѓе.
Така Бертран Расел, за овој креативен генијалец има кажано дека не бил само голем научник, туку и голем човек, а Јаков Броновски јавно укажуваше дека Њутн е богот на Стариот завет, а Ајнштајн е личност на Новиот завет. Притоа сите се согласуваа дека тој е полн со хуманост, чувства и огромна симпатија.
И Алберт Ајнштајн, умот на 20 век, исто така одбил да ги користи традиционалните линеарни, нумерички и вербални форми за креативно размислување. Како Леонардо и Галилео пред него, и Ајнштајн верувал дека овие алатки се корисни, но не и неопходно, па така тој отишол еден чекор понапред, и тврдел дека најважно од сè е фантазијата.
Познато е дека Ајнштајн е тој кој изјавил дека: “Имагинацијата е поважна од знаењето, затоа што имагинацијата е неограничена“. Исто така во едно писмо до неговиот пријател Маурис Соловин ги објаснил тешкотиите на кои наидува при употребата на зборови за изразување на неговата филозофија за науката, поради тоа што тој не размислувал на таков начин. Тој повеќе размислувал преку дијаграми и шеми, значи сликовито – користејќи слики складирани во неговите ментални мапи.
Сотир Костов
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Акиов и се извини на службеничката за…
По насилниот инцидент на денешната седница на…
Трагeдија во Охрид: Жена загина кога автомобил…
45-годишна жена од Охрид трагично го загуби…
Владата ќе ги покачува пензиите непосредно пред…
Министерката за финансии, Гордана Димитриеска Кочоска, денеска…
Дали ДПМНЕ го награди Максим со 243…
Од унгарскиот кредит од 50 милиони евра,…
Николоски: ОПОЗИЦИЈАТА ЌЕ ОСВОИ ОД 0 ДО…
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски…