Што (о)стана од: Македонската? Револуционерна? Борба?
Времето е навидум празнично, па и колумната би требала да биде соодветна на поводот. Државниот празник воведен во 2007 година што треба да го слави Денот на македонската револуционерна борба (поточно, основањето на Македонската револуционерна организација, МРО, во 1893 година) низ годините стана обичен неработен ден. Најпрво, опозицијата беше најгласна против она што го нарече „Денот на ВМРО“, мислејќи на ДПМНЕ, на груевизмот и сл.
Подоцна, и кога стана власт (по пат на обоена револуција, т.е. класична смена на режим помогната однадвор) го остави негибнат – по инерција. Или поверојатно за да ја затскрие својата непатриотска историска улога, која доброволно си ја зеде на плеќите за да ги задоволи геополитичките центри на моќ. Како и да е, празникот остана, а ниту се празнува, ниту пак живеат идеалите на она што тој го симболизира.
Срамот не се крие, не се мие, не се брише – колку и да сме познати по умешноста да забораваме. Особено контрастот помеѓу 19 октомври (2018) и 23 октомври (1893) е силен денес, на 23 октомври 2022 година – момент кога оној „сточен пазар“ во кој се престори Собранието, сега демне во пресрет на уште една најавена уставна промена. Пред четири години се чинеше дека набојот е силен и дека власта нема да се осмели да го послуша советот на еврокомесарот за проширување Хан, кој советуваше игнорирање на резултатот од неуспешниот референдум (нотиран со акт на ДИК) и туркање на уставните измени со примена на „балкански методи“.
Тој ден тешко се заборава од секој од нас што има трошка разум и свест за историскиот миг и за значењето на чинот: треперевме цел ден по секоја вест за криминалот што се случуваше во Собранието и надвор од него, по холовите на правосудниот систем, амбасадите, притворските одделенија. Кога доцна во ноќта, неславните „Осуммина“ дигнаа рака за отворање на постапката за промена на Уставот, само заофкавме како беспомошни очајници.
Но крикот не излезе надвор, туку се задуши во нашето веќе очајно битие. Гледам во спомените што ми ги нуди социјалната мрежа Фејсбук, каде што сум напишала: Да бевме вистински народ, сега ќе бевме на улица! Неколку дена подоцна се „прослави“ државниот празник, а иронија на судбината беше што божемниот Ден на ВМРО го посрамотија токму пратениците на партијата што себеси се смета за наследник на она вистинското В/МРО.
Не е отповеќе да ги повториме нивните имиња, како потсетник на нивниот, ама и нашиот срам: Елизабета Канческа-Милевска, Сашо Василевски, Љубен Арнаудов, Владанка Авировиќ, Крсто Мукоски, Зеќир Рамчиловиќ, Нора Исмаиловска-Старова и Емилија Александрова. Се разбира, во наредните недели и месеци следуваа протести пред Собранието, ако смеам така да ги наречам тие настани. Лично, ќе ги паметам како денови на неизбришлива траума. При секое излегување на тие протестни собири, како што се приближував до собирното место, така ме издаваа нозете. Знаев однапред дека таму ќе ги сретнам истите луѓе, соборци (иако со мнозина не споделувам ист идеолошки поглед на светот, но Македонија ни е единствената татковина што ја имаме). Накратко, македонскиот народ (уште еднаш, којзнае по кој пат) потфрли и ги предаде идеалите на МРО.
Не знаеше како да ги одбрани ни сопствениот Устав и народна волја од насилници и поткупливци.
Гледано од денешна перспектива, што остана од МРО? Сѐ што е на М е фактички забрането, иако победи се слават во судските сали каде што треба да се брани нешто толку очигледно и есенцијално. Револуционерноста е забранета, бидејќи е опасна по постојната состојба на духот и телото на нацијата (сфатена како демос, да се разбереме! Без паника.) На цена е послушноста, подаништвото, молкот се цени како злато, кимањето со глава е доблест и влезница за повисоките ешалони на власта. Револуционерниот дух не се мири со социјалната и друга неправда, тој бара и инсистира на радикални (коренити) промени. Во моментов најбунтовни се покажаа вработените во Јавното сообраќајно претпријатие, кои дошле до ситуација во која веќе не може да се молчи пред гладните усти на децата. Борба? Хм… Ние, според министерката за одбрана, би се бореле – ама во Украина, против Русите. Еве, од устата на децата ќе издвоиме и за скап систем за противвоздушна одбрана, иако целата бајка беше дека НАТО ќе нѐ брани и тоа ќе било поевтино од градење сопствен одбранбен систем.
Дома, според нив, борбата заврши. Шарено и весело. Добивме што заслуживме. Сега е време на позитивна филозофија: мисли добро и доброто/позитивното само ќе си дојде. Така нѐ храбрат новинарки вдомени во странски редакции: бидете позитивни, бидете оптимисти, верувајте во себе, ќе нѐ биде! Да шириш дух на оптимизам и наратив позајмен од „семе синапово“ во време на општо страдање, сиромаштија и несигурност (башка закана од глобална војна) – простете, ама малку непристојно да не е!? Особено од позиција на сигурна и многу висока плата… Бљак! Се обидувам на студентите да им ги објаснам одликите на политичката заедница и смислата на нејзиното постоење, а свесна сум како звучат зборовите доблест, емпатија и солидарност во средина во која „сит гладен не верува“.
Но ајде да се потрудам да најдам сили за некаква надеж и визија! Во чест на сите оние што ги дале животите за Македонија. Историските факти зборуваат дека македонството и револуционерноста оделе рака под рака, и тоа токму во времиња на тектонски историски пресвртници! МРО е создадена во процепите на Отоманската Империја, КПМ во предвечерјето на вториот голем светски лом. Независноста дојде како резултат на распадот на биполарниот поредок (без оглед што не ја баравме и што не ја ни зачувавме, ама на хартија постоиме). Сенката на третиот светски лом е над нас, го признавале ние тоа или не. Дури и граѓаните на развиените земји се будат.
Од благосостојбата ништо, неизвесност и страв, студот во коски, цените до небо, влади паѓаат како крушки (особено на Даунинг стрит 10). Непристојно е да се каже дека зимата ќе нѐ одмине – па, нели, самите дозволивме да нѐ посеверњачат? Баравте, гледајте! Ни НАТО ќе нѐ брани, ни ЕУ ќе нѐ храни (или грее – впрочем, ене ги на самити како се караат и борат за сопствените интереси наместо за европска солидарност). Од мантрите за НАТО и евроатлантските соништа уште малку ќе живеат некои ситни профитери и шверцери на своите животи. Но големиот прскот се наближува. Можеби, ако куртулиме како човештво, македонството ќе застане на нозе и ќе ја покаже својата длабоко потисната револуционерност.
Бидејќи да се биде Македонец/Македонка е прашање на бунт, а не на конформизам и опортунизам. Тешки времиња се пред нас. Времиња во кои најмногу ќе треба да си докажуваме дека сме луѓе, дека сме упатени едни на други, дека сме солидарни, дека знаеме да се оттргнеме од омразата кон другиот, дека имаме емпатија кон девојчињата со кибритчиња и дека нема да дозволиме најслабите во заедницата да ја платат највисоката цена со својот живот. А најновиот историски прскот можеби ќе создаде нова можност за преродба, за ново МРО, кое заедно со другите ќе се зафати за изградба на подобар свет. Затоа што стариов е на умирање…
Колумна на Билјана Ванковска за “Нова Македонија“
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Активни се пожарите во Чашка, Велес, на…
РЦУК Велес, известува дека шумски пожар на…
Изгубено 3-годишно девојче во Неа Флогита, се…
Во познатото туристичко место Неа Флогита, Грција…
(Видео) Претседателката ќе чека новата влада да…
Сиљановска ќе почека да се формира новата…
ДУИ му помогна на Мицкоски за двотретинско…
Со 88 гласа “за” пред 3 часот…
Американската амбасада ќе ги подобрува односите помеѓу…
Аташето за култура и образовани на САД…