Македонци, нека ни е честит културниот клуб “Никола Вапцаров“
Над мојата земја в небо опира Пирин,
и мугрите в бура Илинденски песни пеат
Никола Вапцаровж
Зрно по зрно – Македонска погача
На почетокот, драги мои Македонци, веднаш да ви кажам дека за отворањето на културниот клуб “Никола Вапцаров“, во Благоевград, ќе напишам две колумни и една репортажа. Оваа колумна и репортажата ќе бидат за убавите нешта што ги доживеав во Благоевград, втората колумна ќе биде посветена на Џамбаз-неолит свеста и култура, која ја видов во Благоевград и не можа да ја премолчам. Ама ајде првин за убавите нешта. За нашата македонска култура. За македонизмот и амблемот на македонството – Никола Јонков Вапцаров, со кој одговоривме на бугарскиот фашизам.
Вчера, 30 октомври, Господово лето 2022, во Благоевград, Пиринска Македонија, Република Бугарија, бевме сведоци на отпочнување на нова историска фаза, од дејствувањето на Македонците во Бугарија. Поточно вчерашниот ден ќе биде запаметен по тоа што сите ние Македонците од Македонија, Бугарија, Грција и Албанија правевме историја. Со свеченото отворање на културниот клуб на Македонците во Бугарија “Никола Вапцаров“, на дело, суштински, а не формално, ние Македонците покажавме и докажавме дека културата може само да не зближи, да соработуваме со нашите соседи Бугарите, да не оплемени и за век и веков да ја тргне омразата што разни ретроградни субјекти, сили и фактори ја пикаат помеѓу нас, со цел да не закрвави и оддалечи. Овој историски чин е голем, најголем во последните седумдесетина години, од причина што претставува чин на обновување и континуитет на културната автономија на Македонците, сватена како развивање на македонската традиционална и модерна култура. Еден вид културен мост меѓу Македонија и Бугарија, меѓу Македонците и Бугарите.
Морам да истакнам дека вчера ја видов Македонија во своите географски и етрнички граници. Се запознавме, ракувавме, се прегрнавме, ние Македонците од Македонија, со Македонците од Бугарија, Грција и Албанија. Домаќините не пречекаа и послужија со погача, па јас искоментирав: “Ајде аирлија нека е, зрно по зрно – Македонска погача, така нека ни се множат културните клубови, во Бугарија, Грција, Албанија, Србија“. Амин! – одговорија сите што ме слушнаа.
И така некако се почувствувавме како едно(она Емпедоклево едно, ама македонско), заборавивме на маките, преселбите, протерувањата, дележите. Од нашата поединечна енергија, продуциравме голема синергија, која ја почувствуваа и жителите на Благоевград и полицијата, па кон нас се однесуваа цивилизирано, онака како што доликува на држава членка на ЕУ. Секако, тоа не се однесува за Џамбаски и неговата разулавена орда, ама на нив ќе им посветам посебна колумна, веднаш, после оваа која ја читате, а се однесува само на убави работи.
Затоа најпрвин браво за нашите Македонци во Бугарија. Признание на членовите на “Друштвото за заштита на човековите права“ во Благоевград. Поздрав до ОМО Илинден – Пирин, до неговите водачи и членови(Милан Ризаков, Атанас Мазнев, Александар Лазов, Тони Боцевски, Кирил Цонков, и многу други). Им се поколонувам на тие луѓе кои ги издржаа најголемите притисоци, закани, и сите нечовечки методи на заплашување и физички и духовен терор.
Голема благодарност до Глигор Цанев и Минчо Остас од Торонто, Канада, за финансиите што ги донираа за отворање на клубот, и до Ристо Никовски за неговото љубезно содејствие и координирање на активностите, за да го доживееме овој историски чин(според повелбата и благодарницата на клубот).
Тука посебно сакам да му изразам чест и да му оддадам признание на Ѓорги Јанчов, напатен Македонец, кој ги поминал и преживееал репресиите и теророт на комунистичкиот режим во Бугарија, и во својство на секретар на “Здружението на репресираните од комунистичкиот режим во Бугарија“, ми ја подари книгата “Речник на говора на село Логодаж, Благоевградско“, од авторот Фердинанд Десподски, 2009, Софија.
Мора да се истакне и пофали сенсот на јавните личности од Македонија(историчари, дипломати, адвокати, професори, новинари, аналитичари, луѓе од културата и уметноста, политичари) дека орворањето на овој културни клуб, е настан од исклучителна важност за Македонија и Македонците, па со своето присуство и активно учество во програмата и протоколот, дадоа свој голем допринос за неговото успешно организирање и реализирање.
Вообичаено велиме “Нема правда“, ама, во случајов, да знаете, ИМА ПРАВДА И ПРАВЕДНОСТ: Човекот кој во 1938г. го осниваше “Македонскиот литературен кружок“, што беше чин на национален македонски подвиг, постхумно доживеа, неговите Македонци, да му се оддолжат, така што на првиот културен клуб во Бугарија, му го дадоа името негово – Никола Вапцаров. Со тоа докажавме дека ние Македонците се гордееме со Кољо, си го носиме со себе и во себе и вечно сме му благодарни за неговата приврзаност кон Македонија – директна, емотивна, национална, синовска поврзаност.
За крај морам да ви кажам нешто, што мене многу ми значи: До сега само во два града, Кочани и Кавадарци, ме среќавале лѓе и можеле да ми кажат се: од најдобро, до најлошо, од најголеми пофалби, до најголеми критики, и сето тоа да биде со позитивна енергија, на добар тон, искрено и најдобронамерно. Сето тоа, и многу повеќе, го доживеав вчера во Благоевград каде се запознав со многу луѓе и разговарав со нив како да се познаваме со години и децении. Од нашите Македонци во Бугарија, бев примен како најнивен, за што сум им многу благодарен.
Македонци, да сте ми живи и здрави и секое добро за вас.
Сотир Костов
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Просечната нето плата во април 45.452 денари
Просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во…
Констатирани неправилности, Обвинители намерно и неоправдано направиле…
Комисијата за утврдување на дисциплинска одговорност на…
Путин како Мицкоски: Тектонски промени во глобалната…
Рускиот претседател Владимир Путин се обрати на…
Српските возови добиваат бизнис класа
За околу година, година и пол, „Србијавоз“…
Мурати: Македонија некогаш беше пример на надеж…
Коалицијата „Европски фронт“ предводена од ДУИ денеска…