Нацистичка секретарка учествувала во убиството на над 10.000 луѓе осудена на две години условна казна во Германија
Во можеби последното судење од тој вид (на нацистичките криминалци), Ирмгард Фурнер доби двегодишна условна казна за нејзиното учество во операцијата на концентрациониот логор Штутхоф во Втората светска војна.
Тогаш една тинејџерка и секретарка на командантот на логорот, а сега деведесет и седумгодишна жена, пред германскиот суд официјално беше прогласенa за соучесник во убиството на повеќе од 10.000 луѓе во нацистичкиот концентрационен логор во близина на Гдањск. „Секретарот на злото“, како што ја нарекоа медиумите, беше државен службеник во командата на логорот од 1943 до 1945 година помеѓу 17 и 19 години. Таа беше обвинета дека помагала во систематското убивање на затвореници како дактилографка и секретарка. Одбраната побара Фурнер да биде ослободена бидејќи нема докази дека знаела за систематското убиство, иако неспорно е дека загинале илјадници луѓе.
Ова не е првпат оние кои не биле директно инволвирани да бидат прогласени за виновни за помагање и поттикнување егзекуции во логорите, но веројатно ќе биде последен, бидејќи обвинетите нацистички криминалци стануваат сенилни, стареат и умираат. Поради некои здравствени причини, невозможно е да им се суди. Својот животен век го завршуваат со природен процес, влегувајќи во старост, со своите деца и внуци, пензии и соодветен третман. Нивниот живот во слобода или поточно можноста за избегнување на правдата беше овозможен до 2011 година, кога работата во концентрационен логор беше утврдена како основа за вина, без докази за конкретно кривично дело. Дотогаш, судовите бараа докази за директна вмешаност во кривични дела.
Оттогаш, на неколку стогодишници – сметководители и чувари- им се судеше за злосторства. Правдата, ако може така да се нарече, ги стигна само затоа што успеале да живеат.
И во логорот Штутхоф, во најстрашното страдање, загинаа околу 65.000 Евреи, Полјаци и заробени советски војници. Во времето кога Ирмгард Фурнер работеше таму, луѓето масовно се убиваа во гасните комори. Кога започна судењето минатата година, Фурнер побегна од домот за стари лица со такси. Неколку часа подоцна, таа беше пронајдена на улиците на Хамбург. Таа проговори дури по повеќе од еден месец, велејќи: „Жал ми е за се што се случи. Жалам што во тоа време се најдов во Штутхоф. Тоа е сè што ќе кажам“.
Жал ми е за семејствата на жртвите, бидејќи правдата не стигна до многу нацисти. Жал ми е за семејствата на оние кои ги преживеаја камповите, но не дочекаа да се соочат со оние кои ги мачеа на суд.
Во нејзиниот случај судот го исполни барањето на обвинителството и адвокатите на преживеаните. Кривичниот закон не можеше да ја надмине казната од две години. Но, пресудата, иако законски максимална, сепак е гротескна.
Ефраим Зуроф, директор на Центарот „Симон Визентал“ во Израел, за Дојче веле изјави дека ова е најдобрата казна што можеле да ја добијат бидејќи и било судено во суд за малолетници, но дека условната казна е апсурдна бидејќи тоа значи дека казната ќе биде извршена само доколку лицето го повторува делото. Очигледно е дека нема да го повтори тоа.
Трагедијата од нацистичката ера не заврши со затворањето на логорите. Продолжува со судењата на стогодишници – поранешни државни службеници, што некои го сметаат за навреда и исмевање на жртвите и нивните семејства. Ги нарекуваат судења на мртвите. Други, пак, велат дека правдата лежи токму во овие задоцнети процеси и долгиот животен век на оние како Ирмгард Фурнер, затоа што со нив ќе замине и сеќавањето на најголемите злосторства на човештвото. Според нивното мислење, овие стражари и секретари се жив доказ за мрачниот период и служат да нè потсетуваат во тешките времиња на најтрагичните неуспеси на човештвото.