НИ ШТАКИ, НИ ВИЛИЦИ! Лекувајте се приватно, па ќе ви вратиме кога ќе проработиме..
Најлесно објаснување, и денес најпопуларно, е „хакерски напад“ во системот на ФЗО, иако тоа би значело дека стотици илјади лични податоци на здравствените осигуреници, со адреси, матични броеви, трансакциски сметки, медицинска историја, паднале во рацете на злонамерници, што само по себе е хорор. Она што зачудува, пак, е дека тој „неовластен влез“ се случува токму кога во тек е „мигрирање“ на базите на податоци на ФЗО на „клауд“, а одржувањето на системот го презема нова фирма.
Хаварија на информацискиот систем на Фондот за здравствено осигурување внесе хаос во здравството, ги остави вработените во овој сектор без плати, а го загорчува животот и им прави голем број проблеми на пациентите, матичните лекари, болниците и на претпријатијата.
Повеќе од 10 дена Фондот за здравствено осигурување не може да ги врши обврските кон пациентите затоа што неговиот централизиран компјутерски ситем е надвор од функција. Порад тоа во 109 јавни здравствени установи не можат да се исплатат платите, затоа што таа постапка подразбира користење на базите на ФЗО. Расте револтот кај вработените во јавното здравство, кои не ја добиле платата за јануари.
Додека компјутерскиот систем на ФЗО не работи, пациентите не можат да отворат боледување, ниту пак да го затворат, или да си рефундираат пари за да им биде исплатено боледувањето, доколку е подолго од законските 15 дена. Не работат ниту второстепените комисии за потврдување на предлозите за боледувања, издадени од матичните лекари. Истовремено, доцнат и исплатите и на породилните отсуства.
Плаќајте приватно, чувајте сметки!
Покрај тоа, пациентите што користеле услуга и платиле некаква партиципација, не можат да си ги рефундираат парите што им следуваат. Од Фондот им порачуваат на граѓаните да ги чуваат сите белешки и сметкопотврди, и дека сè што платиле ќе им биде надоместено кога ќе се врати во функција информатичкиот систем.
Пациентите не можат да земат матичен лекар, или да се префрлат од едeн матичен лекар на друг, затоа што матичните ниту можат да пријават ниту да одјават пациенти.
Матичните имаат уште еден проблем, кој може да стане уште поголем, ако овој прекин потрае. Имено, тие не можат да креираат фактури за своите услуги кон Фондот, и нема да можат да си наплатат за сработеното. Ако тоа потрае до крајот на месецов, покрај лекарите во јавносто здравство, и тие во примарното, како и во приватните здравствени институции, нема да можат да земат плата.
Нововработени не можат да се пријават како здравствени осигуреници, дури и ако фирмата што ги вработила ги пријавила и ги платила придонесите за нив, така што тие не можат да користат здравствени услуги. За нив не е јасно ниту дали и како ќе може да им се надоместат парите ако во меѓувреме, додека се врати во функција ФЗО, користеле здравствена услуга и ја платиле приватно.
Голем проблем за пациентите е и тоа што не можат да добијат никакви ортопедски помагала, како инвалидски колички, штаки, протези, па и „памперси“ и други медицински помагала, иако имаат право на тоа. Цените на овие помагала на „приватно“ се многу високи, а прашање е колку долго ќе мора да чекаат да си ги рефундираат парите кога ФЗО ќе го врати во функција својот информатички систем. Тука најпогодени ќе бидат социјално загрозените граѓани.
Прегледи може, а лековите „на слепо“
Со оглед на тоа што системот Мој термин сè уште работи, матичните лекари можaт да пишуваат упати и да испраќаат пациенти на специјалистички прегледи, но поради падот на системот на ФЗО мора истовремено да се вратат на старата форма на евиденција, да пополнуваат обрасци и слично, за сето тоа подоцна да биде внесено во системот на ФЗО. Рачно се внесуваат и предлозите за боледувањата.
– Вратени сме 40 години наназад, како што се работело пред времето на компјутерите, но за да може болните пациенти да го оправдаат своето отсуство од работа поради болест која бара подолго лекување тоа го правиме рачно, со пополнување т.н. ИЛ-обрасци – велат матичните.
Уште еден огромен проблем предизвикан од падот на системот на Фондот за здравствено осигурување е тоа што во аптеките немаат увид кој пациент има или нема здравствено осигурување, за да можат да му го издадат лекот на рецепт. Податоците со кои располагаат аптеките се само до 5. февруари, зашто веќе од следниот ден системот на ФЗО е надвор од функција.
– Има и многу скапи лекови, и доколку издадам лек, може да се случи да треба јас од свој џеб да го платам на мојот добавувач, веледрогерија или од каде и да е набавен. Фондот може да рече „па тој пациент нема здравствено осигурување“, така што навистина сега работиме на слепо и имаме огромен ризик да западнеме во долгови. Приморани сме да не издаваме лекови, освен на најитни пациенти – велат од приватните аптеки.
Хаос надвор, хаос и внатре во ФЗО
Хаос и паника владее и во самиот Фонд за здравстено осигурување. Раководните лица се кријат од јавноста, не одговараат на телефонски повици, ниту пак даваат изјави или држат прес-конференции за да објаснат што точно се случило и колку долго ќе трае оваа хаварија. Засега од таму нема официјални соговорници. Недостапна е директорката Магдалена Филиповска Грашкоска, а покрај неа, другите одбиваат да говорат.
Дознаваме дека се мобилизирани сите експерти, надворешни и внатрешни, за да се отстрани проблемот, кој е огромен, со оглед на тоа што се работи за огромни бази на податоци. Луѓето од ИТ секторот на ФЗО, кои од година во година се сè помалку, зашто најдобрите заминуваат во приватниот сектор, со денови се на работа, не спијат, во обид да се отстрани проблемот, а некои од нив „прегореле“ од напор и отишле на боледување.
Засега во Фондот не може да се најде соговорник кој ќе објасни во што е суштината на проблемот и како дошло до него.
Наводно, станува збор за хакерски напад однадвор, и за тоа биле повикани експерти од МВР кои треба таа хипотеза да ја потврдат. Во Фондот неофицијално велат дека е потврден „неовластен упад“, но МВР сè уште не се обратило на јавноста за ова прашање.
Доколку тоа е точно, проблемот може да биде многу посериозен, затоа што ФЗО ги има сите лични податоци на пациентите, и нивното пробивање може да има и пошироки реперкусии. Станува збор за повеќе стотици илјади, ако не и повеќе од милион лични податоци, со имиња и презимиња, адреси, матични броеви, медицинска историја, па дури и трансакциски сметки на оние пациенти на кои ФЗО им исплатувал некакви надоместоци и исплати. Може само да се замисли какви сè злоупотреби се можни доколку овие податоци паднат или веќе паднале во рацете на злонамерни поединци. Да не заборавиме дека Фондот како инстиутуција има обврска да ги заштити личните податоци на граѓаните, како што е предвидено со закон, што го повлекува и прашањето на одговорност доколку таа обврска не е извршена како што треба.
Хакерски напад во „вистински“ момент
Сепак, теоријата дека станува збор за хакерски напад, може да е само дел од одговорот, кој во овој момент им е најлесен на надлежните за да се задоволи интересот на јавноста. Имено, Фондот подолго време најавува, а од неодамна почна да работи на единствен централизиран информациски систем, на кој како што е најавено, треба да мигрираат сите податочни бази од досегашниот систем, од нивните сервери на т.н. приватен облак (дата клауд) кој е закупен кај Македонски телеком. За, мигрирање, одржување, па и за безбедноста на податоците на ФЗО ангажирана е компанијата Некстсенс. ДОО Скопје, со која ФЗО на 23 јануари оваа година склучи договор „за одржување и надградба на софтверско решение од новиот централизиран ИТ-систем и веб портал на Фондот“. Договорот е склучен на една година, со максимален износ од 10.620.000 денари (околу 172.000 евра). Претходно, на 14 декември лани, ФЗО склучил договор и со Македонски Телеком за „услуги за изнајмување приватен облак за примарен и секундарен податочен центар во Фондот и миграција на апликации и податоци“, односно закупил „простор“ за пренос на своите бази од серверите на ФЗО на овој „облак“. Договорот е во износ од 38.940.000 денари (околу 63.000 евра). Како што дознаваме, од неодамна новата компанија го презела раководењето со базата на Фондот и почнало мигрирањето на податоците. И токму во тој период се случил „неовластен влез“ во базите на податоци на ФЗО и тие се онеспособиле.
Засега не успеваме да добиеме одговори, ниту од ФЗО, ниту од МВР, ниту пак од фирмата Некстсенс што точно се случува, од какви размери и од каква природа е хаваријата на системот, колку време е потребно тој да се врати во функција, и дали податоците на граѓаните се безбедни.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Преку демократски механизми ќе настојуваат да се…
Ќе ги искористат сите демократски механизми, а…
Уште ова ни требаше: СЗО свикува итна…
Шефот на Светската здравствена организација (СЗО) рече…
Во Одеса беше прогласена воздушна тревога, по…
Во Одеса попладнево беше објавено воздушно предупредување,…
Талески: Има одговорност кај Гаши, но ВМРО-ДПМНЕ…
Во овој краток период откако оваа влада…
12-годишно момче во Косово нашло 2.500 евра…
Дванаесетгодишно момче во Скендерај во полициска станица…