Груевски: Македонија е единствена земја во светот која донесе закон за денационализација на имотите на Евреите убиени во Холокаустот
Поранешниот премиер Никола Груевски по повод 80-годишнината од депортацијата на македонските Евреи во Треблинка, на Фејсбук објасни како е изграден Меморијалниот центар на жртвите на Холокаустот во Скопје, но раскажа и приказна за депортацијата на Евреите од Штип.
– Денес е денот кога повеќе од 7 илјади Евреи беа однесени од Македонија во концетрациони нацистички логори и подоцна погубени.
За нивно сеќавање овозможивме изградба на музеј на холокаустот преку обезбедени буџетски пари кога го креиравме Законот за денационализација донесен во март 2000 година и подготвен за неполни три месеци со помош на професорите Гале Галев и особено тогаш веќе одамна пензионираниот а сега веќе и покоен Проф. на правниот факултет Георгиевски, во кој закон предвидовме дека конфискуваните имоти на сите убиени Евреи од Македонија кои немаат наследници, бидејќи и нивните деца де убиени, ќе бидат обештетени и парите ќе бидат ставени во специјален фонд на холокаустот, а фондот ќе изгради музеј и други објекти со чии приходи ќе се финасира музејот.
Бевме прва земја во светот што го направи тоа во закон за денационализација и тоа беше четврти таков музеј во светот. А можевме и поинаку ако сакавме и никој немаше да ни забележи бидејќи во нити еден закон за денационализација не се предвидело такво нешто, во ниту една земја.
Изградивме и споменик на холокаустот пред самиот музеј. Финасиравме документарен филм за Евреите во Македонија, а финасиски го подржавме и филмот “Трето полувреме” кој дојде како предлог на неговиот режисер и продуцентска куќа и кој ни направи многу политички проблеми со Бугарија. Јас во тоа време не бев ни свесен дека погибието на Евреите во Македонија била табу тема во Бугарија за која народот во денешните генерации е неинформиран и не се учи по историја во училиште за тој дел, дека народот таму речиси и да незнаел за тоа, и дека таму се зборувало само за тоа дека нивниот цар кој бил сојузник на Адолф Хитлер издејствувал Евреите од Бугарија да се спасат, што е вистина, но не и Евреите од Македонија под бугарска окупација. Дознав за тоа кога почна снимањето на филмот и првите реакции и одгласи за истиот.
Јасно е кој ги спроведе тие масовни и бесмислени монструозни убиства односно геноцит. Нацистичката власт во Германија во тоа време и во делот на Македонија и режимот на тогашна фашистичка власт на царска Бугарија.
Ова не значи дека денешните генерации Германци и Бугари се виновни за тоа. Не може дури да се виновни ни сите од тогашната генерација Германци и Бугари бидејќи и тогаш многумина биле против вакви злодела, но не можеле ништо да сторат. Сепак, не смее да се заборави овој светски и историски монструозен скандал и злодело, за да не се повтори.
Јас за холокаустот не научив во училиште на час по историја или слично. Туку многу порано како дете од мој близок, очевидец и сведок, пред чии очи се случувале настаните. Мојата баба Благородна Мијалкова која до својата педесета година живеела во Штип каде и е родена, град во кои имало и однеле на погибие многу Евреи, личност со која го поминав најголем дел од слободното време во детството. Таа почина во 1991 година половина година пред да наполнам 21 година.
Како вчера да беше кога уште на пет годишна возраст, а потоа на неколку пати ми го повтори истото со повеќе детали, раскажувајки ми го потресните настани од градот Штип, од Горно Маало каде живееле, кое во тоа време е центар на градот, каде се преселиле баба ми и дедо ми од родната куќа на дедо ми Михаил (Мијалче) во населбата Ново Село во Штип.
Кога веќе бев голем приказната ја чув заедно со уште една димензија одкако си замина од мојот дом еден мој другар кој имаше сериозен и неизлечив здравствен проблем, чии дедо и баба биле пријатели и сограѓани на баба ми и дедо ми, што беше и тема меѓу мојот другар и баба ми кога се видоа кај мене дома.
Се сеќавам како ми раскажуваше:
“едно многу рано утро се слушна џагор од многу луѓе, врева, тропот, невообичаена раздвиженост, звук на гужва и звучеше нешто вознемирувачко. Слушнавме и тропот на нашата порта и отворивме. На вратата беа неколку калфи од работилницата за изработка на кондури на дедо ти, кои беа Евреи, а зад нив вооружена бугарска полиција. Дедо ти имаше 14 калфи и беше најпознат производител на најмодерни во тоа време кондури, чизми и други обувки, главна конкуренција му беше “Бата” и од него доаѓаа да купуваат кондури од различни градови од Македонија, не само штипјани, бидејќи ја следеше италијанската мода на изработка на кондури.
Тој обучуваше и други млади луѓе кои сакаа да го изучат тој занает и беше главен во градот за издавање потврда кога некој ќе го изучи занаетот.
Неколкумината калфи, млади момчиња, ни соопштија дека ги носат, дека веројатно веќе нема да се вратат, дека можеби ќе ги убијат и дека полицајците им понудиле нешто како последна желба пред да заминат, па тие побарале да се поздрават со мајсторот со кого ги поминуваа деновите учејќи занаер и работејќи секој ден и кого многу го почитуваа.
Почнаа да се будат и луѓе од други околни куќи и да излегуваат пред портите да видат што се случува. Полицијата (бугарската) ги носеше Евреите некаде. Тоа беше многу тешка и болна разделба.
Веднаш разбравме што се случува, но за жал ниту ние, ниту никој не можеше ништо да стори.
Тоа беа луѓе со кои дедо ти работеше секој ден, но и многу други Евреи од градот ни беа пријатели. Речиси сите беа работливи, домаќини и добро образовани. Беа добри и честити луѓе пред се, со кои се дружевме и се почитувавме и никому немаа ништо лошо направено.
Со калфите на дедо ти кратко ни беше дозволено да поразговараме и да се испратиме, ги тешевме дека ќе се вратат, а срцата ни се кинеа бидејќи и ние не веруваме многу во тоа, иако имавме некоја мала надаж, но многу мала. Гледавме и читавме што се случува, но барем да им ја намалиме болката, што да каже човек во таков момент освен да се надева.
Им велевме дека ова сигурно ќе е привремено и дека пак ќе бидеме заедно наскоро, па така влевајки им ним надеж и кај нас жарот на надежта се одржуваше дека можеби некој од нив ќе преживее.
Тие исто така се надеваа во тоа иако надежта не им беше преголема.
Многу тежок момент беше тоа. Многу тешка средба, тешка разделба, тешка глетка. Беспомошен си, а гледаш пред тебе како ти ги носат пријателите некаде од каде најверојатно живи нема да се вратат. Свесен си дека речиси сите тие живи, здрави, добри, умни и невини луѓе со кои до вчера си делел и добро и лошо можеби и веројатно никогаш повеќе нема да ги видиш, а неможеш да им помогнеш.
Срцата ни се кинеа кога пред нашите очи со оружје во рака на војници и полицајци присилно ги носеа нашите невини пријатели а не можевме ништо да сториме за да ги спасиме.
Но вознемирувањето и изненадувањето беше уште поголемо неполни 10-15 минути одкако ги однесоа сите Евреи, кога потоа видовме како многу луѓе се упатија кон нивните куќи, а меѓу нив и некои наши познати и пријатели меѓу многуте други луѓе, кои беа тргнале да соберат од работите што ги оставиле, да ги опљачкаат нивните веќе празни со луѓе куќи.
Едни од нив (ги спомена по име, но ќе се воздржам од изнесување имиња), беа и дедото и бабата на твојот другар кои тогаш беа посиромашни и ние често им помагавме.
Поминаа покрај нашата куќа и ни велат “ајде што чекате, ги однесоа Евреите и нема никогаш да се вратат, ајдете и вие да собереме што има од нивните куќи, што можеме”.
“Како ќе собираме од нивните куќи, па тие ни се пријатели, греота е, им одговоривме”, вели таа.
“Ни мафнаа со раката и продолжија. Јас и дедо ти бевме многу тажни и плачејќи се повлековме дома.
Потоа тие (оние кои ги повикувале на пљачкање) одеднаш станаа многу богати, веројатно најдоа некое злато во нечија куќа на некои богати Евреи, а по некоја година дедо ти кој го носеше целиот приход во куќата се разболе и падна тешко болен цели 13 години.
Од прилично имотни кои помагаа на други посиромашни, ние по некоја година дојдовме во ситуација ние да бараме пари на заем за да преживееме. Јас почнав да работам се и сешто, дури и чистев, работев во текстилни фабрики и ми беше многу тешко со две малолетни деца и тешко болен маж кој веќе неможеше да работи ниту да се движи. Едвај прежиевевме додека вујко ти не порасна, дипломира и почна да работи.
Но, дедото и бабата на твоето другарче тогаш, во тие за нас тешки години почнаа да не одбегнуваат кога ќе ме видеа на улица како доаѓам од спротива па ка менуваа улицата за случајно да не им побарам помош, исто како и некои роднини на кои претходно многу сме помагале.
Од мене им е простено, но не знам само зошто Господ понекогаш враќа на нивните поколенија, што се виновни децата, внуците…” , ја заврши низ солзи во очите приказната, алудирајќи на мојот другар со имотни родители, но со сериозен здравствен проблем.
Оваа приказна никогаш нема да ја заборавам.
Ниту делот за носењето на евреите од Штип, ниту оној вториот дел.
Мртвите нека почиваат во мир!
Живите да не дозволат за ничии цели и интереси да создаваат болка или да одземаат животи на невини луѓе независно на нибната веска, национална или било каква припадност.
Животот го дава Бог! И само Бог може да го одземе!
Освен во крајна неизбежност при самоодбрана. – напиша Груевски на Фејсбук.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Активни се пожарите во Чашка, Велес, на…
РЦУК Велес, известува дека шумски пожар на…
Изгубено 3-годишно девојче во Неа Флогита, се…
Во познатото туристичко место Неа Флогита, Грција…
(Видео) Претседателката ќе чека новата влада да…
Сиљановска ќе почека да се формира новата…
ДОБРА ВЕСТ! Младиот Никола ја победи болеста!
Во објава на својата официјална страна на…
ДУИ му помогна на Мицкоски за двотретинско…
Со 88 гласа “за” пред 3 часот…