Груевски со нова историска лекција: Средбата на македонската делегација со Тито
СРЕДБАТА НА ОСТРОВОТ ВИС ПОМЕЃУ МАКЕДОНСКАТА ДЕЛЕГАЦИЈА (М.А.ЧЕНТО, ЕМАНУЕЛ ЧУЧКОВ, КИРИЛ ПЕТРУШЕВ) И Ј.Б.ТИТО НА 24 ЈУНИ 1944 ГОДИНА КАДЕ СЕ БАРА ОБЕДИНУВАЊЕ НА МАКЕДОНИЈА И ПРАШАЊЕТО ЗА ОБЕДИНУВАЊЕТО НА МАКЕДОНИЈА ВО НОБ И АСНОМ
До средбата на островит Вис во Хрватска дошло по одржувањето на иницијативниот одбор за АСНОМ а пред одржување на првото заседание на АСНОМ.
Всушност македонската борба и стремежот за слобода и независност на Македонија трае со децении и својата кулминација ја доживува во текот на Втората светска војна, односно преку народноослободителна борба во периодот 1941-1944 година.
Народноослободителното движење од Втората светска војна по својата суштина всушност е движење за национално ослободување на македонскиот народ и создавање македонска држава и е продолжувач на илинденската традиција.
Така во овој период македонскиот народ поттикнат од желбата за конечно создавање своја слободна држава стана дел од антифашистичката коалиција насочена против нацистичка Германија и нејзините сојузници, како што била царството Бугарија во регионот на Балканот во тоа време со водачи кои се пројавиле како продолжувачи на илинденските традиции. Така на пример Кузман Јосифовски-Питу, укажувал дека Македонците мора сами да си ја извојуваат слободата, со сопствени сили и без помош.
Истовремено НОБ како продолжувач на илинденската традиција, а претставено од Акциониот народноослободителен комитет (АНОК), не ги признавало Букурешкиот и Версајски договор со кои била поделена Македонија помеѓу Бугарија, Србија, Грција и Албанија и постоел отворен стремеж за обединување на Македонија.
Ова е видливо на пример во приговорот на АНОК кон Манифестот на Главниот штаб подготвен од Благој Хаџипанзов и Киро Глигоров, во кој помеѓуостанатото се говори дека „слобода и рамноправност на една третина од Македонија“, онаа што беше во границите на бивша Југославија, не се доволни, затоа што „делумно ослободен народ не е слободен народ“.
Затоа тие принципи не можеа да се прифатат како применливи на македонската реалност, односно во „тесните рамки на Југославија“ во кои рамки не можеше да се реши македонското национално прашање.
Во споменатиот приговор исто така било нагласено дека македонското прашање битно ce разликува од националните прашања на другите поробени народи во Кралството Југославија и проблемот на Македонија и неговото решение ги надминува рамките на Кралството Југославија.
Потоа се наведува дека југословенското раководство не е доволно информирано за македонското национално прашање, дека за македонскиот народ Југославија симболизира „најцрно ропство“ и таа претставува „вештачка комбинација“.
Со приговорот кон манифестот се повикува Главниот штаб да се откаже од него, нагласувајќи дека македонскиот народ мора самостојно да cе избори за обединување на Македонија и треба да се направи друга автономна национална програма врз основа на историските национални стремежи.
Така постепено се создаат не само внатрешни туку и меѓународни услови за конечно создавање македонска држава, како и национално ослободување на Македонците.
Идеите за ревизија и промена на одредени договори кои ја делат Македонија не биле умрени меѓу македонските водачи на македонското национално движење.
Од историските документи се гледа дека тие сакале да издејствуваат ревизија на Букурешкиот договор од 1913 година и Версајскиот договор од 1919 година, со кои беше направена поделбата на Македонија, и тоа сакале да се случи преку промена на државните граници на балканот со крајна цел обединување на Македонија и македонскиот народ во една држава, вклучително и по воен пат доколку поинаку неможе.
Ова прашање го коментирал и Методија Андонов-Ченто, кој ги објавил своите стремежи во весникот „Илинденски пат“ кој излегувал меѓу март и август 1944 година. Ова месечно списание било орган на Народноослободителниот фронт на Македонија и било печатено во неколку различни локации, вклучувајќи Дебарца, село Ехловец во Кичевско, и печатницата „Илинден“ во Штип. Уредници на списанието биле Страхил Гигов, Васил Ивановски и Веселинка Малинска, а меѓу авторите биле Бане Андреев, Љупчо Арсов, Диме Бојановски, Венко Марковски и други.
Ченто таму го актуализирал прашањето за обединување и независност на Македонија и на македонскиот народ како главна задача и крајна цел што требало да се остварат.
Овој порив за обединување на Македонија во тие 1943 и 1944 година е видлив од повеќе акти во текот на НОБ, но и од средбата на македонската делегација, на 24 јуни 1944 година во состав Методија Андонов-Ченто, Емануел Чучков и Кирил Петрушев, која на островот Вис се сретнала со Народниот комитет за ослободување на Југославија, на чело со Јосип Броз-Тито, кога било поставено и се дискутирало горливото прашање за обединување на Македонија по ослободувањето од окупацијата. Тоа подразбирало воено освојување на егејска и пиринска Македонија и нејзино припојување кон новата држава Македонија која веќе било испланирано да стане дел од идната југословенска социјалистичка држава.
Кои биле тројцата македонски преставници?
Кирил Петрушев родум од Богданци (1895 –1980) бил прв министер за внатрешни работи на Македонија, подоцна маргинализиран од политичкиот живот поради поддршката на Резолуцијата на Информбирото. По Првата светска војна, тој се преселил во Бугарија, но во 1923 година, по Септемвриското востание, се вратил во Југославија. Активно се вклучувал во синдикалното движење. По бугарската окупација на Македонија во Втората светска војна е прогонуван и апсен. Учествувал на Првото заседание на АСНОМ на кое е избран во Президиумот. На 6 август е назначен за повереник за внатрешни работи, а на 14 август Президиумот на АСНОМ го избрал за член на Комисијата за утврдување на престапите на окупаторите и нивните слуги. Во 1944 година Петрушев станал и член на Комунистичката партија на Македонија.
При изборот на првата влада на Македонија на Третото заседание на АСНОМ на 16 април 1945 година, Петрушев бил избран за министер за внатрешни работи. На таа функција останал неполна година, до 11 февруари1946 година, кога е преместен за министер за градежништво, а при изборот на новата влада на 18 април 1946 година е избран за министер за труд и на таа функција останува до 26 октомври 1948 година, кога е разрешен заради поддршка за Резолуцијата на Информбирото, исклучен од КПМ, ослободен од сите функции и пензиониран.
Емануел Чучков (1901-1967) бил македонски интелектуалец македонски државник, учесник во НОБ, универзитетски професор, општествено-политички и културно-национален деец. Тој е и првиот штипски доктор по географски науки.
Роден е на 27 ноември 1901 година во штипската населба Ново Село во патриотска фамилија. Тој бил внук на Ефрем Чучков, истакнат македонски револуционерен деец, член на ЦК на ВМРО и близок соработник на Гоце Делчев и Тодор Александров од кој бил наследен како член на ЦК, но останале многу блиски до крајот на животот на Ефрем Чучков во 1923 година.
Младиот Емануел уште како ученик во 1919 година станал член на социјалистичкиот кружок. Во 1921 година активно учествувал на изборите кога за првпат бил уапсен од страна на југословенските власти.
Во 1923 година тој е еден од основачите на разгранокот на Македонската младинска тајна револуционерна организација (ММТРО) во Скопје, нелегална студентска организација што се залагала за создавање самостојна македонска држава, а во нејзиниот устав се вели дека нејзин член може да биде „секој студент или ученик од повисоките гимназијални одделенија и кој е Македонец по потекло“.
Емануел Чучков не застанал со своите активности. Кога во мај 1927 година доаѓа до голема провала во ММТРО кога биле уапсени повеќе нејзини членови, бил уапсен и Емануел Чучков.
Како резултат на провалата во декември 1927 година започнал т.н. Скопски студентски процес, кога се обвинети 20 македонски ученици и студенти.
Меѓу обвинетите е и Чучков, но поради недостиг од докази бил ослободен од обвинението.
Тој продолжил со својата нелегална активност и повторно бил затворен.
Во 1929 година го положил професорскиот испит во Белград и сѐ до 1941 година работел како гимназиски професор во Србија и Босна. Бил на служба во Охрид како стажант каде повторно бил затворен. По ослободување од затвор, стажирањето го продолжува во Свилајнац (Србија).
Во 1929 година го положува професорскиот испит во Белград, по што службува сè до 1941 година како гимназиски професор во Србија и Босна, а во меѓувреме кратко време работел и во Штип и во Великата медреса во Скопје.
По бугарската окупација во 1941 година, Емануел Чучков е поставен за директор на гимназијата во Прилеп, а потоа во Скопје и Штип.
Во 1943 година Чучков се вклучил во НОБ и станал член на групата интелектуалци што го сочинуваат Акциониот народноослободителен комитет (АНОК). Овој орган ја вршел функција на највисоко тело на НОФ на Македонија пред неговото формирање. Ја координирал и ја сочувал работата на Народноослободителен одбор на окупираната територија од вардарскиот дел на Македонија. Вршел подготовки за формирање повисоки органи на народната власт.
По формирањето играл улога на највисок Народноослободителен одбор. Распуштен бил со формирањето на Иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ. Од ова тело произлегол и приговор на АНОК кон Манифестот на Главниот штаб подготвен од Благој Хаџипанзов и Киро Глигоров.
Во 1943 година Чучков станал член на групата интелектуалци кои го сочинуваат Акциониот народноослободителен комитет – АНОК. Во август 1944 година учествувал на Првото заседание на АСНОМ и е избран за член на Президиумот на АСНОМ како негов втор потпретседател.
Чучков говорел во слободно Скопје, 1945 година настан од кој се зачувани фотографии.
На 14 август Президиумот на АСНОМ го избирал за член на Комисијата за утврдување на престапите на окупаторите и нивните слуги. Како претставник од Македонија, на 30 август 1944 година е испратен во Народниот комитет за ослободување на Југославија НКОЈ. Во НКОЈ ја врши функцијата повереник за земјоделство, а на 7 март 1945 година кога е формирана Привремената сојузна влада на чело со Јосип Броз Тито, станува министер за Македонија.
Ставовите на Чучков како сојузен министер за Македонија во раководните кругови на Федерацијата се оценети како националистички, сепаратистички и анти-југословенски, поради што е тргнат од функцијата и е вратен во Македонија.
Иако деградиран, од 1946 до 1950 година е пратеник во Народното собрание на Македонија, а од 1946 до 1947 година ја врши функцијата директор на Народната библиотека во Скопје, го основа Заводот за домашни уметнички ракотворби „Македонски фолклор“, а од 1948 година станува соработник на новооснованиот Институт за национална историја . Тој бил и директор на “Танец”. Работел и на други задолженија но како доктор на науки својот животот го завршил како професор на Економскиот факултет во Скопје.
Познато е дека членовите на президиумот на АСНОМ неколку години по ослободувањето најчесто поради промакедонските ставови кои најчесто се квалификувале како националистички или сепаратистички се соочиле со проблеми и остранувања, но најтешко од тројцата македонски преставници на островот Вис поминал Методија Андонов Ченто успсен ба 14 јули 1946 година, за кого веќе имам детално пишувано и кој завршил во долгогодишен затвор со лажно обвинение и за кого семејството долго време одкако бил уапсен не знаеле што се случува со него а на судењето било очигледно диригирано сѐ, од атмосфера до пресуда (подолу линк во коментари)
Но, да се вратиме на средбата на Вис. Во ноември 1944 година бил основан иницијативен одбор за свикување на АСНОМ — тело на народноослободителното движење на Македонија во текот на Втората светска војна задолжено за подготвување и свикување на Првото заседание на АСНОМ. Основан е во селото Црвена Вода (Дебрца) и е активен до одржувањето на Првото заседание на АСНОМ на 2 август 1944 година. Негов претседател е Методија Андонов – Ченто.
Одлуката за формирање на посебно тело што ќе има задача свикување на АСНОМ е донесена на Преспанското советувањеодржано во август 1943 година.
Активностите за негово формирање течат до ноември 1943 година, кога е формиран Иницијативниот одбор (ИО). Во негов состав влегуваат: Методија Андонов – Ченто (претседател), Страхил Гигов(секретар), Цветко Узуновски, Венко Марковски и Михаило Апостолски. Во својата работа ИО тесно соработува со Главниот штаб на НОВ и ПОМ, кој постапно ги префрла политичките ингеренции на ИО.
На состанокот на ИО одржан на 30 април во кумановското село Стајовце, меѓу другото, е одлучено ИО да се прошири со нови членови. Во проширениот состав на ИО влегуваат и членови од групата приговарачи на Манифестот на Главниот штаб.
По проширувањето неговиот состав брои 22 члена: Методија Андонов – Ченто (претседател), Емануел Чучков и Бане Андреев (потпретседатели), Киро Миљовски и Киро Глигоров (секретари), Михаило Апостолски, Цветко Узуновски, Кирил Петрушев, Епоминонда поп Андонов, Страхил Гигов, Никола Минчев, Петре Пирузе, Мара Нацева, Благој Хаџи Панзов, Владимир Полежиновски, Ристо Бајалски, Борко Темелковски, Тодор Циповски, Панко Брашнаров, Тодор Ѕвездин, Генадие Лешков и Милан Стефанов.
На 6 мај 1944 година се одржала заедничка седница на ИО за свикување на АСНОМ и Главниот штаб под претседателство на Методија Андонов-Ченто, на која била избрана тричлена македонска делегација за посета на југословенското раководство, во состав: Методија Андонов-Ченто, Емануел Чучков и Кирил Петрушев.
Нешто подоцна било договорено кон делегацијата да се приклучи и Светозар Вукмановиќ-Темпо (1912-2000), југословенски револуционер, учесник во НОВ, општествено-политички деец на СФРЈ и подоцна Народен херој на Југославија, кој во 1941 станал член на Воениот комитет на КПЈ, а потоа и на Врховниот Штаб на НОВ и ПОЈ. Како делегат на ЦК на КПЈ пристигнал во Македонија во втората половина на февруари 1943 година и ја спроведувал политика по однос на поврзувањето КПМ со КПЈ.
Неговото делување во Македонија е контроверзно, поради сомневањата дека тој имал влијание во ликвидирањето или отстранувањето на многу видни македонски граѓански и комунистички водачи. Темпо имал двојна улога за време на Народноослободителната борба (НОБ) и во годините по Втората светска војна. Прво, како воен организатор, назначен од Јосип Броз Тито да ги организира и координира партизанските единици во Македонија, одговорен за обединување на разните партизански одреди и за формирање на народноослободителната армија на Македонија.
Но тој имал и друга улога, улога на политички комесар,и имал задача да го воведе и зајакне комунистичкото влијание во Македонија. Тој бил одговорен за организирање на партиските структури и за промовирање на идеите на Комунистичката партија на Југославија – КПЈ.
Подоцна бил присутен и на Првото заседание на АСНОМ, каде што биле поставени темелите на современата македонска држава. Тој поддржувал формирање на Федерална Македонија во рамките на федеративна Југославија.
Темпо често имал конфликти со македонските лидери, како Методија Андонов-Ченто, околу прашањето за автономијата и независноста на Македонија. Поддржувал тесни врски со Белград, додека Ченто и други македонски лидери барале поголема автономија и независност за Македонија.
По војната, Темпо продолжува да биде активен и многу значаен во Македонија и работел на интеграција на македонските воени и политички структури во југословенската федерација. Тој бил клучен во процесот на реорганизација на администрацијата и воспоставување на комунистичката власт во Македонија.
На состанокот на 6 мај 1944 година делегацијата била ополномоштена да постави неколку барања до југословенското раководство, а едно од позначајните е да се продолжи борбата за целосно обединување на Македонија, ако тоа го допушта меѓународната состојба, да се побара од Советскиот Сојуз да испрати своја мисија во Главниот штаб на HOB и ПОМ, да се засили пропагандата на македонски јазик и да му се даде ист третман со другите југословенски јазици во емисиите „Слободна Југославија“, на радио Лондон и радио Њујорк.
Но, интересно е што непосредно пред доаѓањето на македонската делегација на остробот Вис во Хрватска, југословенското раководство имало средба со делегација од комунистичјата партија на Грција – КПГ.
Делегацијата на КПГ на разговорите со Тито го отворила прашањето и говорела за македонското политичко и воено раководство дека ја загрозува на линијата на КПГ. Извесно е дека на тој состанок југословенското раководство прифатило продлабочување на соработката меѓу двете партии и задржување на версајските граници, но наедно добиле впечаток за погрешниот став на КПГ кон Македонците во Грција.
Во јуни 1944 година македонската делегација пристигнала на островот Вис, тогашното седиште на НКОЈ, Врховниот штаб на НОВЈ и Президиумот на АВНОЈ.
Состанокот со Јосип Броз-Тито и со високи претставници на НКОЈ и Президиумот на АВНОЈ и македонската делегација се одржал на 24 јуни 1944 година.
Членот на македонската делегација Емануел Чучков на состанокот поднел реферат во кој го потенцира очекувањето на македонскиот народ дека до крајот на војната ќе ги оствари своите национални права. Методија Андонов-Ченто и Кирил Петрушев го дополниле изнесеното во рефератот. Методија Андонов-Ченто ги преставил и заклучоците и инструкциите што македонската делегација ги добила од Иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ.
Ставот на НКОЈ на македонските претставници категорично им го соопштил Јосип Броз-Тито.
Поставување на целосното решавање на македонското прашање ги загрозувало меѓународните позиции и виталните интереси на Југославија.
Иако Тито начелно се согласува, тој не смета дека тоа треба да биде непосредна задача. Така, бидејќи се разговарало со македонската делегација, повеќе куртуазно одколку суштински, во смисла да не се вратат целосно одбиени, југословенското раководство на состанокот декларативно го поддржало барањето на македонскиот народ и националното право на обединување.
Но притоа се нагласило дека тоа право може да cе оствари единствено по пат на самоопределување на деловите на македонскиот народ, откако секој од нив самостојно ќе се избори за тоа свое право во заедничка антифашистичка борба со народите во државите под чијашто власт се наоѓа. Прашањето на правото на самоопределување всушност се оставило да се решава со раководствата на комунистички партии во тие држави.
Средбата помогнала во преговарањето за политичката иднина на Македонија во рамките на Југославија. Оваа средба на Вис, надвор од прашањето за обединувањето на Македонија била дел од серија дискусии кои довеле до договори за административната и политичката интеграција на различните југословенски региони по војната.
Средбата исто така се фокусирала на координација на воените операции против силите на Оската. Дискусиите меѓудругото вклучувале стратегии за зајакнување на соработката меѓу македонските партизани и централната југословенска партизанска команда предводена од Тито.
Средбата на Вис била чекор кон создавање на Социјалистичка Федеративна Република Југославија, каде што Македонија е утврдена како една од нејзините составни републики. Оваа интеграција била клучна за стабилноста и единството на поствоената југословенска држава.
Резултати од средбата на Вис се обезбедувањето на политичка и воена координација меѓу македонските и југословенските партизани за заедничка борба против окупаторските сили.
Оваа средба е и дел од подготовките за првото заседание на АСНОМ, кое се одржа на 2 август 1944 година во манастирот Св. Прохор Пчински кога беа удрени темелите на македонската држава, беа донесени важни одлуки за прогласување на македонскиот јазик за службен јазик и прогласување на Илинден за државен празник.
Дискусиите на средбата вклучуваа стратегии за зајакнување на партизанската борба и отпор против силите на окупаторот, што доведе до поефикасна координација на воените активности.
Методија Андонов-Ченто како претседател на Президиумот на АСНОМ, и Емануел Чучков, како потпретседател, одиграа значајни улоги во овие процеси. Тие беа клучни фигури во организацијата и спроведувањето на одлуките на АСНОМ, што помогна во оформувањето на првата македонска држава со сите признати права за нејзините граѓани.
Оваа средба на островит Вис во Хрватска, покрај тоа што ја зацврсти соработката меѓу македонските и југословенските партизани, ја постави основата за понатамошната интеграција на Македонија во југословенската федерација по завршувањето на Втората светска војна.
Но, идејата на преставниците на македонските водачи и на македонскиот народ преку нив, за обединување на Македонија по воен пат, сепак не поминала, односно била дадена надеж, но лажна надеж.
Еве што за идејата за обединувањето вели (или се правда) Светозар Вукмановиќ Темпо во видео изјава по прашањето на обединета Македонија, а во контекст на подоцнежното барање на една бригада наместо на Срем да се оди на Солун:
“Постоеше струја која тежнееше кон тоа да се оди војнички во текот на војната да се реши прашањето на обединувањето на Македонија, со егејска и пиринска Македонија.
Да ви кажам право и јас мислев на тоа прво. Наши големи сили имапе кај Битола, Прилеп, Преспа каде бевме добро организирани.
Од другата страна е егејска Македонија, тоа е костурско, леринско…тоа е егејска Македонија.
И ние одевме на тоа да на таа територија се формираат македонски единици и добивме поволен одговор од грчката партија (се мисли на ГКП) да ги прифатат тие единици и тие да се нарекуваат македонски единици. Ние сметавме дека ако дојде до балканска федерација тие краеви ќе се припојат во една област која нема да има крути, туку лабилни граници во една федерација како што беше новата Југославија после АВНОЈ. Така сметав”.
Потоа тој раскажува дека во Источна Македонија во штипската област потешко им одела организираноста и во тоа успеале дури кон средината на 1944 година и додава: “но од бугарска страна кај пиринска Македонија, таа молчеше…Што се случи? Бугарија подпадна под влијание на луѓе од комунтетната, кои во почетокот беа за обединување, но подоцна под влијание на коминтерната на основа на некоја директива после Јалта, вели прашање е дали Југославија ќе остане социјалистичка земја. Бугарија е осигурана…Е сега каде бевме ние хендикепирани што не ја кренавме на оружје источна Македонија, штипската област (претходно кажува до средината на 1944 година), а пиринска Македонија не се крена, а ваму успеавме, но што е разликата: Грција е на страна на сојузниците, таа не е окупаторска земја, а Бугарија е окупаторска земја. Да го остваревме тоа кон Бугарија ќе имавме можност да направиме слично како што направивме во Истра”.
Во Vis – The Last Hope – RAF Station Vis 1944-1945″ од Danijel Frka стои:
„Во јуни 1944 година, островот Вис стана клучна точка за состаноци на југословенските партизани. Меѓу значајните состаноци беше оној на 24 јуни, кога Јосип Броз Тито се сретна со македонските претставници, вклучувајќи ги Методија Андонов-Ченто, Емануел Чучков и Кирил Петрушев. Овој состанок имаше за цел да се дискутираат и координираат воените стратегии и политичката иднина на Македонија во рамките на југословенската федерација.“
Во “Macedonia and the Macedonians: A History” од Andrew Rossos стои:
„Состанокот на островот Вис на 24 јуни 1944 година, означи пресвртница во македонската борба за признавање во рамките на југословенската федерација. Лидери како Методија Андонов-Ченто, кој се бореше за поголема автономија на Македонија, мораа да преговараат за политичките услови под водство на Тито.“
Во „Историја на македонскиот народ“ уредена од Тодор Чепреганов, се споменува дека средбата на Вис беше клучна за решавање на македонското прашање во рамките на Југославија. На оваа средба, Тито ги увери македонските претставници дека Македонија ќе добие своја автономија и ќе биде рамноправна република во новата федерација.
Во „Патот кон федерацијата“ од Методија Андонов-Ченто, Ченто посочува дека Тито изразил поддршка за обединување на сите делови на Македонија и за нивното самоопределување.
На Првото заседание на АСНОМ, одржано на 2 август 1944 година, неколку говорници ја истакнаа потребата од обединување на Македонија, вклучувајќи ги Егејска и Пиринска Македонија.
Панко Брашнаров, кој го отвори заседанието, истакна дека Македонија треба да биде слободна и обединета.
Тој рече:
„Во овој момент, земјата на нашите покојници – многубројни народни херои, кои што паднаа и ги посеаа коските по цела Македонија, им станува полесна и тие во мир веќе го гледаат изгревот на нашата слобода, ја гледат идеалната дружба на старите илинденци – на Гоце Делчев и на денешните илинденци – младата македонска војска, и поставените темели за остварувањето на идеалот, на две поколенија, на две епохи – слободна, обединета Македонија“
Во говорот на Методија Андонов-Ченто, се подвлече значењето на тригодишната борба за слобода и обединување на македонскиот народ со сите негови делови:
„Македонскиот народ ја врзал својата судбина со судбината на сите југословенски народи, помогнал со крв и борба да се дојде до нова, братска, демократска и федеративна Југославија. Денес на вториот славен Илинден, последен Илинден на неослободена Македонија, се ставаат темелите на македонската држава, во која што нашиот народ ќе се обедини и ќе заживее онаков среќен живот каков што заслужува по своите претрпени ропски маки и петвековни борби“
Со ова се изразуваше јасна поддршка за обединување на сите делови на Македонија, вклучувајќи ги Егејска и Пиринска Македонија, како дел од новата федеративна структура.
Овие и други говори на заседанието на АСНОМ, како и присуството на делегати од другите делови на Македонија, како Димитар Влахов од Кукуш, Димитар Манџовски од Костур, Богоја (Благоја) Фотев од Герман, (Леринско), Атанас Великов Атанасов од Петрич, Васил Ивановски од Ловраде (Костурско), Васил Григоров Василев, од Петрич, Исак Сион од Штип, роден во Солун, или Ристо Балајцалиев од Гевгелија, но роден во Солун, веројатно беа инспирација на барањето на Грција АСНОМ да се избриши од македонскиот устав, нешто што владата предводена од Заев го прифати и спроведе иако претходно не успеа референдумот за името и претседателот Ѓ.Иванов не го потпиша указот за промената на уставот.
Методија Андонов Ченто доби споменик на централниот плоштад Македонија во Скопје.
Објектот на државниот завод за ревизија во Скопје го доби името на Емануел Чучков, а на пантеонот на објектот има рељеф од средбата на островот Вис.
Спроти парламентот се постави споменик на пресидиумот на АСНОМ.
Сите учесници од пресидиумот на АСНОМ се преставени на уметнички слики и восочни фигури и во музејот на Македонската борба за слобода и независност.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Москва тврди: Западот подготвува провокација против американски…
Руската Служба за надворешно разузнавање (СВР) обвини…
Арсовска го фати жив Ѓорѓиевски: На УСЈЕ…
Добро утро Орце Ѓорѓиевски. Незгодно ми е…
Брутален руски напад на Киев – најмалку…
Најмалку 15 лица се убиени, а 114…
(Фото) Закани кон родителите од Кочани: Не…
Продолжува голготата за родителите на починатите деца…
(Видео) Необична светлина над Шар Планина: Жител…
Жител на Брезовица вчера вечерта забележал и…