СО ЗЛАТНИ БУКВИ: 23 ОКТОМВРИ 1893 ГОДИНА
Календарот на празници поврзани со македонската државност и самостојност е краток и се сведува на 4 датуми во временски опсег од август до октомври. Тие 4 празници ја одредиле иднината на македонскиот народ и неговата државност која се движела од федеративен статус до независна држава. Македонските државни празници, четири на број, имаат хронолошко- тематска поврзаност и се надополнуваат помеѓу себе како во никоја друга национална или државна историја во Европа.
Во хиерархијата на македонските празници, прв, по хронологија е празникот 23 октомври, Ден на македонската револуционерна борба, празник кој последен е воведен во календарот на значајните датуми од македонската историја, иако по своето значење требаше да биде востановен како прв и најзначаен македонски празник поврзан со државноста и нашата независност. Со оваа моја констатација, можеби дел од македонската јавност нема да се согласи, посебно круговите и одредени поединци кои 23 октомври го политизираат и го поврзуваат со нашето современо македонско политичко секојдневие.
Историјата е наука која единствено работи со факти и аргументи, а не со предрасуди и затоа да одиме по редоследот на неспорните и недвосмислени аргументи кои се овде, пред нас, иако некои не сакаат да ги видат или да слушнат за нив. Зошто 23 октомври е првиот во македонскиот календар на државни и национални празници? На 23 октомври 1893 година во Солун, во тоа време регионален центар на Отоманската империја во Македонија, од шестмина македонски интелектуалци била формирана Македонската Револуционерна Организација која во четири децениското постоење неколкупати го менувала своето име (МРО, ТМОРО, ВМОРО, ВМРО), но во колективната меморија на македонскиот народ останала запаметена под името Внатрешна Македонска Револуционерна Организација (ВМРО).
Ова име на Организацијата не било случајно употребувано, затоа што голем дел од нејзините идеолози, раководители и основачи во своите спомени и во документацијата, неа ја нарекувале „Внатрешна“, а најмногу со цел да направат дистинкција од останатите македонски организации, најчесто формирани надвор од тогашните етнички, географски и економски граници на Македонија.
Принципот на внатрешноста се втемелил во идеологијата на ВМРО и нејзините водечки личности со тоа недвосмислено му докажале на македонскиот народ дека Организацијата смета само на своите сили во борбата за ослободување на Македонија од отоманската власт, а не и на било каква надворешна помош. Основите на ВМРО, на тој историски 23 октомври 1893 година ги поставиле шестмината македонски интелектуалци кои биле и првите членови на ЦК: д-р Христо Татарчев, Даме Груев, Петар Поп Арсов, Христо Батанџиев, Антон Димитров и Иван Хаџи Николов. Организацијата во првите години од постоењето се ориентирала кон членство од редовите на македонското учителство и раководителите внимателно ја ширеле нејзината мрежа за да не биде откриена од турската власт во Македонија.
Со текот на годините, организациската мрежа на ВМРО се проширила во сите делови на етногеографска Македонија, а во нејзините редови се вклучувале и селани, трговци и занаетчии и покрај Македонци, се зачленувале и луѓе од други националности, особено Власи. ВМРО како основна програмска цел во нејзините документи го поставила создавањето на автономна Македонија во нејзините етногеографски граници по пат на вооружена борба против турската власт. Зајакнувањето на Организацијата во годините до 1903 година било поврзано со вклучувањето и активноста на неколкумина македонски револуционери во нејзините редови: Гоце Делчев, одговорен за создавањето на комитски чети и каналите за снабдување со оружје, Ѓорче Петров, автор на поголем дел од нејзините програмски документи- Уставот и Правилникот, Христо Матов, теоретичар, идеолог и автор на програмските документи, Пере Тошев, неуморен теренски работник, одговорен за создавањето на бројни комитети на Организацијата, Даме Груев, еден од нејзините основачи и неспорен авторитет во ЦК, Јане Сандански, окружен раководител во Серско и борец против врховистичките чети.
До Илинденското востание, ВМРО успеала да создаде силни Окружни, Околиски и Селски комитети кои за период од 10 години го подготвиле кревањето на востанието во повеќе делови на Македонија, посебно во Битолскиот револуционерен округ. Револуционерната дејност на ВМРО низ цела Македонија се поврзала со имињата на незаборавните војводи: Христо Узунов, Васил Чакаларов, Лазар Поп Трајков, Методија Патчев, Питу Гули, Јордан Пиперката, Георги Сугарев.
Без разлика на полемиките во македонската историографија за оправданоста или нѐ на Илинденското востание, факт е дека ВМРО е организацијата која го организирала и подготвила востанието од 2 август 1903 година, вториот по хронолошка поставеност настан и празник во календарот на македонските државни празници.
Идеалот на Илинденското востание и покрај неговиот неуспешен и трагичен крај, по 41 година го запалил факелот на Вториот македонски Илинден, 2 август 1944 година кога на темелите на 2 август 1903 година биле поставени основите на федерална Македонија во рамките на југословенската федерација, а новата македонска генерација на борци се повикала на македонската револуционерна борба која претходно била организирана од македонската организација ВМРО. Значи 2 август 1944 година немаше да постои доколку не се случеше 2 август 1903 година, настан кој го организирала токму ВМРО, организацијата создадена на историскиот 23 октомври 1893 година.
Ете ја историската врска и причинско- последичната поврзаност на македонските државни и национални празници со 23 октомври 1893 година! Сите настани се условени еден од друг: да не се создадеше ВМРО во 1893 година, ќе немаше Илинденско востание во 1903 година! ВМРО и Илинденското востание го донесоа 11 октомври 1941 година- почетокот на антифашистичкото и ослободително востание на македонскиот народ, го создадоа 2 август, Вториот Илинден 1944 година, АСНОМ и создавањето на федералната македонска држава во југословенската федерација и го трасираа патот до 8 септември 1991 година- денот на независноста на Република Македонија.
Македонската историја има причинско- последична поврзаност на овие настани кои не можат еден без друг, кои се надополнуваат. Ако се избрише еден датум, ако се негира еден настан, ќе ги снема и другите датуми и настани. Така зборуваат законитостите на историјата како наука. Бришењето на еден настан, организација или датум ја пренасочува временската историска машина во друг правец кој го менува природниот тек на историјата. Затоа, 23 октомври, Денот на македонската револуционерна борба, не само што е прв во хронологијата на значајни датуми, туку е и македонски државен и национален празник кој ги создаде основите и го изгради патот кон денешната независност на Република Македонија.
Второто прашање околу легитимитетот и историската оправданост на 23 октомври е дали ВМРО како организација создадена на овој датум има континуитет и по Илинденското востание во 1903 година, дали Организацијата и дејуре и дефакто постоела и дејствувала по Рилскиот конгрес во 1905 година? Македонската историографија сеуште води полемики и дебати околу ова прашање и не постои единствен став за историскиот развој, постоењето и дејствувањето на ВМРО по 1905 година. Факт е дека на Рилскиот конгрес на ВМРО, започнал и се продлабочил голем раскол во редовите на Организацијата. Во годините до 1908 година се создале две струи, фракции во редовите на ВМРО кои целосно се раздвоиле, дејствувале и се бореле во различни правци: реформаторско- демократската струја околу приврзаниците на Јане Сандански и Димо Хаџи Димов во Серскиот револуционерен округ и конзервативната струја околу групата на Христо Матов и припадниците на Скопскиот револуционерен округ. Фактографски погледнато, во 1908 година приврзаниците на Сандански за време на Младотурската револуција се одделиле од ВМРО и создале легална политичка партија- Народна федеративна партија, додека приврзаниците на конзервативната струја околу Христо Матов, според документацијата- легитимно, одржале конгрес и прогласиле континуитет со старата ВМРО од предилинденскиот и илинденскиот период. Без разлика на различните мислења на македонските историчари- Уставот, Статутот и Правилниците на оваа организација речиси и да немале никакви измени и ги пресликале определбите и целите на ВМРО од периодот 1893- 1905 година. Македонската историографија, направила условна класификација на ВМРО и ја декларирала како десно ориентирана, а некои историчари ја нарекувале и проврховистичка или пробугарска. Документите на ВМРО ги негираат последните класификации и негираат врховистичка или пробугарска дејност.
Без разлика на ваквите толкувања и различни мислења, факт е дека, на ваков начин организациски поставената ВМРО во периодот од 1908 до 1924 година станала најмоќна и највлијателна македонска организација во организираното македонско револуционерно движење. Тодор Александров се издигнал во најмоќна фигура во ЦК на ВМРО. Иако повеќе постари македонски револуционери со долгогодишен стаж во ВМРО му ја оспорувале неговата позиција и легитимитет, Александров успеал во период од 16 години да го одржи внатрешното единство и силата на Организацијата која преку вооружени комитски акции и атентати го актуелизирала македонското прашање и неговото решавање. Мајскиот манифест на ВМРО од 1924 година бил документ кој Организацијата ја поставил на македонски државни и национални позиции и ја дистанцирал од политиките на сите балкански држави по однос на Македонија. Овој документ декларирал дека ВМРО ќе се бори за создавање на независна македонска држава во нејзините етнички и географски граници, онака како што ги исцртувале нејзините програмски документи. Наместо обединување Мајскиот манифест предизвикал внатрешна криза која кулминирала со убиството на Тодор Александров. По неговата смрт, иако на конгресот во 1925 година ВМРО изјавила и преку документите декларирала дека ќе се бори за независност на Македонија, сепак раководството не успеало да ја спаси од нова криза, внатрешни поделби и почеток на крвави физички ликвидации познати како македонски братоубиства. Еден дел од членството, левичарски определено, врз основа на Мајскиот манифест формирало нова организација со името ВМРО (Обединета) која се прогласила за наследник на старата ВМРО и декларирала дека ќе ја продолжи борбата за создавање на независна македонска држава со помош на СССР и комунистичките движења.
Во ВМРО на Александров, по неговата смрт раководно место зазел Ванчо Михајлов кој ги маргинализирал останатите членови на ЦК и се наметнал како единствен авторитет во оваа организација. До 1934 година и забраната за дејствување на ВМРО, оваа македонска организација поминувала низ поделби и бројни убиства на спротивставените фракции кои се оформиле и како посебни организации: ВМРО- михајловистичка и ВМРО- протогеровистичка. За сите овие настани и процеси во ВМРО, постојат различни мислења помеѓу македонските историчари, сеуште се водат полемики и дебати, се спротивставуваат различни аргументи, но меѓусебна согласност, барем за главните прашања околу историјатот на Организацијата, за жал не постои. Врз основа на ова кај дел од јавноста во Македонија се остава простор за ставови околу историјатот на ВМРО кои воглавно не се научни и се резултат на предрасуди и контекстуални објаснувања од кои поголем дел се обидуваат да ја негираат историската важност на 23 октомври.
Секако дека нема да се впуштам во дообјаснувања или полемики на вакви теми, а само ќе ги повикам сите Македонци и граѓаните од другите националности во Македонија, во пресрет на празникот 23 октомври, да го посетат Музејот на македонската борба за државност и самостојност- Музеј на ВМРО и жртвите на комунистичкиот режим и низ прошетката на музејската поставка, да се обидат сами да си најдат одговори на овие прашања и дилеми, без да се водат од предрасуди. Впрочем, историјата како наука не се гради на тоа дали историчарот сака да пишува за некој настан, организација или личност и дали нешто му се допаѓа или не, туку да пишува врз основа на аргументи и факти и да ги објаснува историските процеси и настани, во светлината на историското време. На таков начин и по таков принцип и методологија е поставена музејската поставка во Музејот на македонската борба, каде посетителот ќе види и славни и трагични страници од историјатот на ВМРО, ќе дознае за херојски епопеи, но и за предавства, ќе добие сознанија за победи, но и за поразите на Организацијата, ќе дознае за сите епизоди на револуционерната дејност на ВМРО, без да се премолчуваат или прескокнуваат историските настани и личности. Преку тоа посетителот ќе научи дека историската ВМРО имала подеми и падови, поделби и кризи, обединувања и братоубиства, но никогаш не се откажала од нејзината света цел: создавање на автономна или независна држава Македонија. Историјатот на ВМРО ни покажува на каков тежок начин и со колку човечки загуби Македонија дојде до денешната независност и дека таа е скапо платена со херојските жртви на македонските комити и војводи!
Во името на тоа, 23 октомври треба да биде испишан со златни букви на страниците на македонските историски книги!
Нека е вековит и за многу години 23 октомври, Денот на македонската револуционерна борба!
Нека е вечна Македонија!
Пишува: Проф. д-р Никола Жежов
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
СО ЗЛАТНИ БУКВИ: 23 ОКТОМВРИ 1893 ГОДИНА
Календарот на празници поврзани со македонската државност…
(Видео) Се појавија нови снимки од севернокорејски…
„Сојузниците пристигнаа од Северна Кореја. Се надеваме…
Неделков: Вработените во Зоолошка постапиле согласно сите…
Претседателот на СОНК, Јаким Неделков, изјави дека…
Системот уби уште едно дете
Системот уби уште едно дете. Вчера попладне,…
Во Германија потврден првиот случај на новата…
Во Германија за првпат е откриен новиот…