Што сака да постигне Маск со поддршката на АфД во Германија?
Што напиша американскиот технолошки милијардер во својот текст?
Откако Илон Маск денови претходно на неговата платформа Х пиша дека само (во делови како десно екстремна оквалификуваната) АфД може да ја спаси Германија, советникот на Трамп за време на предизборната кампања за парламентарните избори во Германија закажани за 23 февруари, уште еднаш излезе со истиот став во неделникот „Велт ам Зонтаг“. Во гостинскиот коментар тој пишува дека Алтернатива за Германија – АфД може да ја спаси Германија да стане сенка на тоа што беше. „Германија премногу си се опушти во просечноста – време е за смели промени, а АфД е единствената партија што го отвора овој пат“, оценува Маск. АфД е „последната искра на надеж за земјата“ која оди по ивицата на нејзиниот „економски и културен колапс“, само таа може да ја оживее германската економија и да спречи губење на идентитетот преку „контролирана имиграциска политика“. „Им велам на оние кои ја осудуваат АфД како екстремистичка: не дозволувајте да бидете заведени од етикетата закачена на неа“, завршува Маск и посочува на ко-претседателката на партијата, Алис Вајдел, која има партнерка од Шри Ланка. „Дали тоа ви звучи како Хитлер? Ви се молам!”, пишува Маск.
Какви беа реакциите на гостинскиот коментар на Маск?
Поразителни. Сојузниот претседател на Германското здружение на новинари, Мика Бојстер, ги предупреди сите уреднички тимови да не дозволат да бидат инструментализирани во кампањата за сојузните избори и да бидат внимателни со гостинските коментари. „Германските медиуми не смеат да дозволат да бидат злоупотребени како мегафони на автократите и на нивните пријатели“, порача Бојстер. Кандидатот за канцелар на ЦДУ, Фридрих Мерц, изборниот повик на Маск во весниците на медиумската група „Функе“ го оквалификува како „претеран и дрзок“ и критикуваше дека не може да се сети „оти во историјата на западната демократија имало случај на мешање во изборната кампања на една пријателска земја на сличен начин како овој.”
Генералниот секретар на СПД, Матијас Мирш за „Ханделсблат“ изјави дека „фактот што издавачката куќа Шпрингер воопшто му нуди на Илон Маск официјална платформа за рекламирање на АфД е срамен и опасен“. Тоа поред Мирш покажува „колку длабоко во меѓувреме се продрени десничарските мрежи“. Лидерот на СПД Ларс Клингбејл го обвини Илон Маск дека сака да ја „втурне Германија во хаос“. „Илон Маск не се обидува ништо поразлично од Владимир Путин. И двајцата сакаат да влијаат врз нашите избори и конкретно ги поддржуваат непријателите на демократијата од АфД“, вели Клингбајл.
Кандидатката на АфД за канцелар на сојузните избори, Алис Вајдел, цитираше извадок од текстот на Маск на платформата Х, без дополнителни коментари.
Каква стратегија води Илон Маск со ваквите изјави?
Најбогатиот човек на светот веројатно во преден план ги има сопствените економски интереси. Во неговиот гостински коментар во „Велт ам Зонтаг“ тој ја фали АфД за нејзините планови „намалување на прекумерната владина регулатива, намалување на даноците и дерегулирање на пазарот“. Од тоа меѓу другото би профитирала неговата фабрика Тесла во Бранденбург, првата фабрика за електроавтомобили на американскиот производител во Европа. Но, Маск со своите 200 милиони следбеници ширум светот спроведува и глобална политичка агенда со цел промовирање на десничарските сили. На британскиот десничарски популист Најџел Фараж наводно му ветил донации во износ од 95 милиони евра како поддршка за неговата партија. Маск одржува и блиски релации со италијанската премиерка Џорџија Мелони и нејзината десничарска партија Фратели ди Италија. Во врска со плановите на владата во Рим за сместување мигранти во Албанија, кои судот ги забрани, тој на платформата Х напиша дека „тие судии мора да се тргнат“.
Во Германија, советникот на Трамп преку неговата поддршка за АфД може да ги отвори вратите за десничарските екстремистички сили така што ќе ја зголеми нивната видливост и ќе ги легитимира нивните наративи.
Каква улога играат „Ди Велт“ и издавачката куќа Аксел Шпрингер?
Весникот „Ди Велт“ е основан во британската зона и прв пат е печатен на 2. април 1946 година. Седум години подоцна, издавачот Аксел Шпрингер го презеде весникот. Издавачката група денес е мултимедијално присутна во повеќе од 40 земји. Особено со таблоидот „Билд“, весникот со најмногу критики од германскиот совет за печат, куќата има големо влијание врз политичките дебати во Германија. Гостинската објава на Маск предизвика жестоки интерни дискусии во конзервативниот медиум. Дали публикацијата претставува плурализам на мислења или весникот може да се злоупотреби како гласноговорник на автократите и нивните пријатели? Раководителот на одделот за мислења, Ева Мари Когел, најави дека се повлекува од функцијата по објавувањето на статијата.
Како точно текстот стасал во весникот сè уште е нејасно, но шефот на Шпрингер, Матијас Депфнер, се смета за обожувач на ликот и делото на Маск и има лични контакти со американскиот милијардер. Извршниот директор во минатото имаше контроверзни ставови, на пример за климатските промени и пандемијата, а има и индиции за навредливи коментари од Депфнер за Источна Германија и обидот да се влијае на известувањето на „Билд“ во корист на либералната ФДП пред последните сојузни избори. Депфнер критикуваше и дека „елитистичките квалитетни медиуми“ се пристрасни во однос на АфД. Според наведеново, гостинската статија на Илон Маск во „Велт ам Зонтаг“ би можела да се третира и како обид за нормализирање на десничарски популистички начини на размислување во земјата.
Дозволено ли е печатот во пресрет на избори да се изјаснува за или против политички кандидати?
Да, тоа во Германија е дозволено, но не е вообичаено. Слободата на изразување и слободата на печатот се утврдени во Уставот. Членот 5 од Уставот вели дека секој има право слободно да го изразува и шири своето мислење преку говор, со пишан збор и слика и непречено да се информира од јавно достапни извори. Фајненшл Тајмс Дојчланд, или скратено ФТД, прва во 2002 година препорача да се гласа за една одредена партија и со тоа го прекрши табуто во Германија. Уредниците на бизнис весникот во еден коментар им објаснија на своите читатели зошто треба да гласаат за ЦДУ на 22 септември и како дошле до нивната одлука. Три години подоцна, ФТД даде изборна препорака во корист на Либералите. Не е ни чудо што таквата новинарска иницијатива потекнува од ФТД, кој во 2012 година престана да излегува, бидејќи во Фајненшл Тајмс Лондон препораки за гласање на избори се традиција, како и кај повеќето весници во САД и Велика Британија.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Што сака да постигне Маск со поддршката…
Што напиша американскиот технолошки милијардер во својот…
МВР со предновогодишна честитка: Од утре нема…
Од утре личните документи и возачките дозволи…
Шолц: Не дозволувајте сопственици на социјални мрежи…
Германскиот канцелар Олаф Шолц во своето новогодишно…
Притвор за кумановецот кој имал бункер со…
Јавното обвинителство побара, а судот му одреди…
Вкупно 12 жени уапсени во угостителски објект…
Повторно полициска контрола во угостителски објект во…