„Три дена на раце те носевме збрана…“ – 43 години од смртта на Ацо Шопов, автор на дел од најубавата македонска поезија
Ацо Шопов бил роден на 20 декември 1923 година во Штип, а починал во Скопје на 20 април 1982 година.
Во Штип завршил основно училиште и гимназија, а Филозофски факултет во Скопје.
Шопов бил активен учесник во НОБ од 1941 година.
По ослободувањето, работел и живеел во Скопје, каде бил уредник на неколку литературни списанија.
Објавил повеќе збирки поезија, но и активно преведувал, претежно од југословенски автори, но и дела од Шекспир, Корнеј, Крилов и др.
Македонската повоена поезија се дели во три фази кои ги следи и Шопов.
Во првата фаза, која ги опфаќа годините по војната, тој пишува борбена и патриотска поезија, во која сè е подредено на татковината. Тука спаѓаат збирките: „Песни“, „Пруга на младоста“ (заедно со Славко Јаневски), „Со наши раце“, „На Грамос“.
Следејќи ги тековите на модерната поезија, во следната, втора фаза пишува интимна лирика. Мотивите се: човековото битие, минливоста и смислата на животот. Тука спаѓаат збирките: „Стихови за маката и радоста“ и „Слеј се со тишината“.
Во последната фаза, поезијата на Ацо Шопов е исполнета со интровертност и автобиографски елементи во која спаѓаат збирките: „Ветрот носи убаво време“, „Небиднина“, „Гледач во пепелта“.
Од првата фаза на творештвото на Шопов се издвојува антологиската песна „Очи“ („Со наши раце“).
Песната „Очи“ е тажачка по загинатата другарка — соборец, Вера Јоциќ. Таа има баладичен, елегичен тон и претставува тажно сеќавање на трите долги дена кога партизаните ја носеле својата другарка на раце низ македонските планини. Тие се неми сведоци на нејзиното бавно умирање, но и сведоци на нејзината бестрашност и храброст.
Смртно ранетата партизанка ги изговорува во шепот своите проштални зборови.
Болката заради нејзината смрт кај борците предизвикува желба за одмазда, желба да се продолжи со борбата, да се биде како неа.
Блесокот на нејзините очи се вселува во очите на нејзините другари. Тој блесок е поттикот за новите борби за слобода.
.
ОЧИ
Три дена на раце те носевме збрана,
со тага и болка на погледот срчен,
и секоја капка на твојата рана
ко крвава жар ни капеше в срце.
.
Другарите беа и морни и гладни
со згорени грла и свиени плеќи
со тап бол се впија во очите ладни
и жалеа оти не ќе пламнат веќе.
.
Но јас знаев оти пак ќе вивнат в жарој
и борците под нив ќе цветат и раснат,
в студените утра ќе греат ко сонце
и никога нема да стијнат и згаснат.
.
Последната вечер в планинското село,
кај борците беа со дрипава дреа,
со пликови жешки на стапалки тешки,
и смрштени чела – згасени, мразни
ко нивните пушки укочени, празни,
и нечујно, глуво, ко здушена реја
се точеше шепот од уво до уво:
„Утре, друже, в зори, страшен бој не чека,
а ние сме малку, – сал неколку души…“
.
И кога ко игла ти прободе уши –
ти растресе снага и размолска тага,
со лунјени очи широки и волни
ги расече в ноќта здивените молњи!
.
Ко тогаш, ко тогаш, о другарко, помниш –
в смрзнатата вечер на пролетта рана,
кај нашата младост и првата радост
ја косеше луто куршумната слана,
а ти чело збрчка, ко тигрица рипна
и летна во ноќта крвава и црна, –
со своите очи што ригаа пламен
ги растопи часкум челичните зрна…
.
И после! И после – в последната вечер…
јас нејќам да мислам што потаму стана,
Сал помнам те изви крвавата рака
прошталниот шепот ти замрзна в усни,
ти гореа очи под веѓите густи!
Со нивниот пламен и со клетва света,
на заседа тргнав сред мојата чета.
.
А утринта кога зрив чела ни спраши
ти не беше веќе в редовите наши,
но скипеа борци со одмазда жолчна,
и видов! о видов – кога бојот почна
развихреа сите со твојата сила –
ко елени брзи и лесни ко птица.
А твоите очи се искреа гневно
во нивните потни, распалени лица…
.
Три дена на раце те носевме збрана,
со тага и болка во погледот срчен,
и секоја капка од твојата рана
ко крвава жар ни капеше в срце.