Трајковски: Школски пример за вештачко зголемување на БДП со помош на задолжување
Став на Проф. д-р Дејан Трајковски – Привремениот раст на БДП во Q4/2024 е последица на задолжување, а не на одржлив економски напредок
Во четвртиот квартал (Q4) од 2024 година во Македонија нагло пораснале: 1.) финалната јавна потрошувачка (government spending – G), потоа 2.) бруто инвестициите, како јавните, така и приватните (investments – I), а исто така и 3.) увозот (import – M). Финалната потрошувачка на домаќинствата (consumption – C) исто така пораснала, иако таа има постојан нагорен тренд, со изразена сезоналност.
Овие скокови јасно отскокнуваат од претходните квартали, каде имаме стабилни или благо растечки вредности.
Веројатна причина за овие зголемувања е инфузија од свежи пари, односно земањето на унгарскиот кредит од страна на Владата во втората половина од минатата година. По задолжувањето, државата средствата им ги пренасочила на општините (оттука е скокот на G и I) , за разни тротоари, паркинзи и игралишта, што не носат профит и не можат да го отплатуваат кредитот. Исто така, подоцна им позајмила и на приватните компании, кои исто како и општините увезувале (оттука е скокот на M) разни странски производи, машини и суровини.
Скокот на БДП, заедно со увозот, изнесува околу 18.000 милиони денари (300 милиони евра), односно колку што државата трансферирала во општините и им позајмила на компаниите.
Со помош на оваа финансиска инјекција од задолжувањето, БДП е зголемен, иако само еднократно, после што во следниот квартал се вратил на претходните, пониски вредности. Зошто БДП изгледа „здраво“, иако всушност не е? Бидејќи расходниот (трошочниот) метод за пресметка на БДП не прави разлика дали потрошувачката и инвестициите се финансирани со сопствени средства или пак со долг.
Да се потсетиме на формулата за пресметка на БДП (gross domestic product – GDP) според расходниот метод.
GDP = GVA + T – S = C + G + I + (X – M).
каде GVA (gross value added) e бруто додадена вредност,
Т (taxes) се даноци на производството (ДДВ и акцизи),
S (subventions) се субвенции,
C (consumption) e финална потрошувачка на домаќинствата,
G (government spending) е финална јавна потрошувачка,
I (investments) се бруто инвестиции во јавниот и приватниот сектор,
X (export) е извоз на стоки и услуги
M (import) е увоз на стоки и услуги.
Оваа формула кажува како се троши БДП. Постојат и формули за GVA и GDP според производствениот и доходовниот метод, кои кажуваат како се создава и кој го создава БДП, а сите три формули даваат ист резултат:
GDP = GVA + T – S = R – C + T – S (производствен метод)
GDP = GVA + T – S = W + D + П + T – S (доходовен метод)
Тука R (revenues) се приходи од продажбите на готови производи и услуги,
C (costs) се цени на влезните (интермедијерни) производи,
W (wages) се плати на работниците,
D (repeciation) е депрецијација и амортизација на фиксните средства,
П е профит (добивка).
Последниве две равенки се изведени од равенката за приходот, којашто е разбирлива сама по себе, односно во цената на готовите производи (приходот) ја чинат влезните (интермедиерни) производи, работната рака, трошењето на сопствените машини (амортизацијата) и профитот:
R = C + W + D + П
Да се вратиме на нашиот БДП. Секое трошење (G или I), без оглед на изворот, претставува одраз на растот на БДП. Не се гледа експлицитно дека тоа е на кредит, ниту се одзема во наредните квартали кога ќе треба да се враќа долгот!
Што значи ова од аналитички аспект? БДП ја мери економската активност, но не ја мери одржливоста на економијата, односно не покажува дали растот е финансиран со реален приход или со краткорочен кредит!
Во четвртиот квартал (Q4) од 2024, БДП е надуен со кредит, што не е лесно видливо од самите податоци, иако може да се препознае преку атипичното зголемување на G и I, заедно со растот на M.
Ова е пример за критика на БДП како единствен индикатор во економијата, бидејќи без да гледаме извори на финансирање, долг и нето ефекти, можеме да донесеме погрешни заклучоци за здравјето на економијата.
Истото го гледаме и на дијаграмот на втората слика, со компонентите на БДП според расходниот (трошочниот) метод. По тримесечија се забележува дека:
– I (бруто-инвестициите) во Q4/2024 драматично скокаат, потврдувајќи дека се случила значајна инфузија на средства.
– G (јавната потрошувачка) исто така има скок, иако поскромен.
– M (увозот) потврдува дека голем дел од средствата од кредитот се потрошени на увезени добра и услуги.
Тоа потврдува дека растот на БДП во Q4/2024 е генериран преку трошењ,е финансирано однадвор (на кредит), што не е веднаш очигледно од самите податоци, освен кога се визуелизира.
Секое финансирање на проект со задолжување не е штетно, но под услов проектот да биде самоодржлив, односно да генерира приходи и добивка, од која кредитот би можел да се отплатува. Во спротивно, проектот не претставува инвестиција, туку чист трошок, што не ги враќа вложените средства, каква што ќе биде брзата пруга.
Заклучок
Иако Владата се фали со некаков блед раст на економијата од 3% (ова е официјално, според ДЗС, а не како што првобитно самите се фалеа со 3,4%), не кажуваат дека дел од тој раст (најмалку 1%) се должи на унгарскиот кредит. Овој раст не е органски, туку е генериран преку трошење, финансирано однадвор.
Во случај на загубарска инвестиција, позитивниот ефект е слаб и привремен, додека негативниот ефект од задолжувањето и каматите е поголем и подолготраен, односно во македонски услови практично вечен. Неинформираните граѓани пак, не разбирајќи ништо се радуваат на фалбите за растот на БДП.
Истото, но многу полошо, ќе ни се случи ако се задолжиме за брзата пруга. Таа самата нема да може да се отплатува поради нерентабилност, БДП ќе порасне многу малку (и тоа само додека се гради), поради увозот на речиси сета опрема, материјали и голем дел од работната рака, а долгот, заедно со каматите ќе ни остане да го отплатуваме засекогаш, кратејќи на културата, образованието, науката и здравството.
Тоа се случува кога власта не размислува долгочно и стратешки, туку само краткорочно и површно.
Во табелата: компоненти на македонскиот БДП според расходниот (трошочниот) метод
На сликата: дијаграм на компонентите на БДП со означени скокови во Q4/2004 поради задолжувањето со унгарскиот кредит.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Трајковски: Школски пример за вештачко зголемување на…
Став на Проф. д-р Дејан Трајковски –…
Државјани на Чешка неовластено снимале со дрон…
Државјани на Чешка, неовластено снимале со дрон…
Скопјанец на моторот си нашол плик со…
Скопјанецот С.Р. (34) на улицата „Балзакова“ во…
Искршено полициско возило – го казниле па…
Денеска во 01.15 часот на улица „Благоја…
Mожен е воен конфликт со Русија и…
Врховниот командант на сојузничките сили на НАТО…