„Не е крај на светот“: Масовни отпуштања во рудникот „САСА“ – Македонските индустриски капацитети на раб на опстанок!
Во „четвртата економија“ во Европа баш и не цветаат рози.
Масовни намалувања на вработени во комапнии во тешката индустрија се случувааат и се најавени за наредните неколку денови, дознава Инфомакс од сопствени извори. Индустриските капацитети, особено тешката индустрија се соочува со големи проблеми во работењето, поради што компаниите се принудени да го намалуваат бројот на вработени.
Од добро упатени извори во рудникот „САСА“ дознаваме дека вчера се понудени 33 пакети за вработените спогодбено да заминат од компанијата со исплата на отпремнини согласно закон. Бројот на вработени во рудникот „САСА“, според нашите информации се поради политика за штедење поради зголемени трошоци и економска криза.
Според добро упатени извори од рудникот, планот е бројот на вработени да се намали значително, односно уште најмалку 100 луѓе да останат без работа до крајот на месецот, пред се администрација во рудникот и вработени во техничките служби.
Неофицијалните инфомрации кои кружат меѓу вработените и во регионот на Македонска Каменица и Делчево се дека бројката од 100 луѓе ќе се дуплира, односно дека рудникот планира значително намалување на бројот на вработени за да заштеди средства.
За првите 33 спогодби е информиран и Синдикатот.
Вчера биле повикани некои работници на кои им било кажано дека во наредниот период на околу 30 работници ќе им биде понуден некаков пакет за спогодбено да заминат од компанијата со исплата на опремнини согласно закон дополнително да им бил исплатен и делот што би го плаќала агенцијата за вработување и се тоа зголемено за уште 100%, а наводно докулку не прифател никој од работниците ќе работодавачот ќе спроведувал постапка за технолишки вишок. Синдикатот СИЕР има членови во рудникот, веќе е остварен состанок и обезбедена правна помош за работниците, потврдуваат од ССМ за Инфомакс.
Претседателот на Синдикатот за индустрија, енергетика и рударство, Игор Ѓерасов, за Инфомакс вели дека според информациите кои ги добил од колеги членови на синдикатот во рудникот, раководството информирало дека отказите ќе се делат пред се на административни и технички служби, додека бројот на јамски работници нема да се намали.
Во врска со шпекулациите дека повеќе од 100-200 лица ќе останат без работа, Ѓерасов вели дека доколку пак се започне со масовни отпуштања ќе следи остра и навремена реакција од Синдикатот.
Редакцијата на Инфомакс денес испрати прашања до рудникот „САСА“, Министерството за економија и труд и Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини во врска со намалувањето на бројот на вработени, економската состојба на рудникот, како и можноста истиот да се продаде, меѓутоа одговори од ресорните министерства до овој момент не добивме.
Од рудникот „САСА“ најавија дека официјален став ќе добиеме во текот на утрешниот ден.
Неофицијално, ова намалување на бројот на вработени во Рудник Саса е подготовка за продавање на рудникот.
„Рудникот Саса е во сопственост на Централ Азија Металс, меѓународна компанија која го купи рудникот во 2017 година.
Неговите сопственици се долгорочни инвеститори кои веруваат во обезбедувањето на сите да имаат корист од успесите на рудникот Саса.“ – стои на веб-страницата на рудникот кој неодамна доби ново раководство.
Од 19 септември, Џејми Караматиќ официјално ја презеде функцијата генерален директор на рудникот за олово и цинк САСА од Македонска Каменица. Тој доаѓа на местото на Крис Колбурн, кој претходно оваа година беше унапреден во главен оперативен директор на групацијата Централ Азија Металс (CAML). Кратко потоа на средба со новиот директор беше и министерката Сања Божиновска.

– Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, оствари работна средба со Гавин Ферар, главен извршен директор на Централ Азија Металс (CAML) – британска компанија во чии состав е рудникот САСА од Македонска Каменица, како и со Џејмс Караматич, новоименуван генерален директор на Рудникот „САСА“.
Главна тема на средбата беа условите за работа, безбедноста на вработените и идните планови за развој на компанијата во согласност со националната стратегија за одржливо рударство.
Министерката Божиновска ги информираше соговорниците за новиот Закон за енергетика и за законските решенија кои се однесуваат на рударството, со акцент на:
• воведувањето на построги стандарди за заштита на животната средина,
• зголемување на транспарентноста во работењето на компаниите,
• поголема контрола врз безбедноста и здравјето при работа,
• како и обврската за инклузивен дијалог со локалната заедница.
„Нашата цел е да обезбедиме јасни правила на игра за компаниите и највисоко ниво на заштита на граѓаните и животната средина. Рударството треба да се развива на одржлив начин, кој ќе обезбеди и економски раст и сигурност за работниците,“ истакна министерката Божиновска.
Од своја страна, претставниците на компанијата ја поздравија законската иницијатива и изразија подготвеност за целосно усогласување со новите стандарди Тие нагласија дека, како дел од стратегијата за одржлив развој, во изминатите седум години во „САСА“ веќе е вложенo во современа рударската опрема, дигитализација, обука и професионален развој на вработените, воведување на најсовремени технологии и стандарди во производството и заштитата на животната средина, како и во подобрување на условите за работа и безбедноста, која е највисок приоритет.
Тие изразија подготвеност за поддршка на институционалниот дијалог кој треба да овозможи натамошен одржлив развој на рударскиот сектор во земјата, според најдобри практики и стандарди за одговорно рударство. – соопштија од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини на 26.09.2025 година.

Отпуштање на вработени поради таканаречениот „технолошки вишок“ е единствен начин за намалување на бројот на вработени при намален обем на работа, притоа не е потребна согласност ниту вина од вработениот, а истиот е прецизно уреден во Законот за работни односи.
Во членот 76 од ЗРО се наведува дека работодавачот може на работникот да му го откаже договорот за вработување, кога не е можно продолжување на работниот однос, ако престане потребата од вршење на одредена работа под условите наведени во договорот за вработување заради економски, организациони, технолошки, структурни или слични причини на страна на работодавачот (деловни причини).
За колективно отпуштање од деловни причини се смета отпуштањето на најмалку 20 работници за период од 90 дена, без оглед на вкупниот број на работници кај работодавачот. Во овој случај, работодавачот е должен да започне постапка на консултации со претставниците на работниците (синдикат или синдикален претставник), најмалку еден месец пред почетокот на колективното отпуштање и да ги обезбеди сите релевантни информации пред започнување на консултациите, заради постигнување на договор.
За да им овозможат на претставниците на работниците да подготват конструктивни предлози, работодавачите во текот на консултациите навреме ги обезбедуваат со сите релевантни информации, и тоа за:
1) причините за планираните отпуштања;
2) бројот и категориите на работници кои се отпуштаат;
3) вкупниот број и категории на работници кои се вработени и
4) периодот за кој планираните отпуштања треба да се случат.
Работодавачот е должен, по завршување на консултациите со претставниците на работниците, писмено да ја извести Агенцијата за вработување, заради помош и услуги од посредување при вработување, при што Агенцијата за вработување може да побара продолжување на овој рок на 60 дена.
За поединечно отпуштање од деловни причини се смета отпуштање на помалку од 20 работници за период од 90 дена, во овој случај постапката е поедноставна.
ЗРО предвидува дека во случај на откажување на договорот за вработување од деловни причини, на денот на престанокот на работниот однос, работодавачот е должен да му исплати на работникот паричен надоместок на име испратнина, чиј износ зависи од времето поминато во работен однос, односно работниот стаж.
Износот на испратнина изнесува:
- до 5 години поминати во работен однос – една нето плата,
- од 5 до 10 години поминати во работен однос – две и пол нето плати,
- од 10 до 15 години поминати во работен однос – три и пол нето плати,
- од 15 до 20 години поминати во работен однос – четири и пол нето плати,
- од 20 до 25 години поминати во работен однос – шест нето плати и
- над 25 години поминати во работен однос – седум нето плати.
Притоа, како време поминато во работен однос се смета времето поминато кај ист работодавач. Времето поминато кај претходниот работодавач се засметува само доколку сегашниот работодавач е правен наследник на последниот работодавач поради статусни промени.

Доколку работодавачот го откаже договорот за вработување поради деловни причини, не може на истите работи, со иста стручна подготовка и занимање да вработи друг работник, во рок од две години од денот на престанокот на работниот однос. Меѓутоа, доколку пред истекот на овие две години, настане потреба за вршење на истите работи, предност при вработување има работникот на кој претходно му престанал работниот однос поради деловни причини.
Загрижувачки е тоа што информациите на Инфомакс од повеќе индустриски капацитети низ државата велат дека се подготвува слично сценарио, односно поради огромната загуба која ја трпат компаниите ќе бидат принудени да отпуштаат вработени. Најави за намалување на бројот на вработени за по 30 до 40 лица има во некои од најпознатите македонски капацитети во областа на тешката индустрија.
Професорот од Техничкиот факултет во Битола, Дејан Трајковски, за Инфомакс вели дека берзанската цена на никелот и на останатите метали, која е многу нестабилна, како и намалената побарувачка од автомобилската индустрија во Германија го прават своето.

– Има неколку причини за оваа состојба, прво, имаме пад на берзанските цени на металите, во последните 18-24 месеци цените на некои индустриски метали се нестабилни, особено кај никелот и фероникелот. Индонезија со државни субвенции го преплави пазарот, а Македонија не смее на тој начин да субвенционира приватни компании поради усогласеност со законодавството на ЕУ, Кина ја намали потрошувачката, цените на пазарот се многу променливи и никој не сака да инвестира во нешто што не овозможува долгорочно планирање.
Второ, енергетските трошоци, во прозвоството на никелот на пример во Фени енергијата учествува со 40-50% во производството, а Македонија има големи цени на енергијата, нема државна субвенционирана енергија како Индонезија.
Трето, падна побарувачката во автомобилската индустрија, Европа тука е особено погодена, падна производството на внатрешни мотори кои користат вакви метали, продажбата на електрични возила е под очекувањата и германската автомобилска индустрија во Европа е во стагнација и сето тоа ги погоди рудниците.
Четврто, проблеми од политичка природа. Македонија е мал пазар, висока корупција, слаба судска заштита, непредвидлива регулатива, секој инвеститор сака сигурност и полесно му е да го затвори производството, наместо да не чека да се поправиме.
Петто, еколошки притисок. Нашите капацитети се градени во едно друго време, каде имало различни еколошки стандарди, сега им е прескапо да инвестираат во филтри за да ги стигнат европските регулативи, полесно е само да ги затворат капацитетите.
Државата може во ваква ситуација да помогне само со тоа што ќе ја реши енергетиката, да инвестира во електрани, гасни, соларни, ветерници, евентуално некоја нуклеарна електрана, ама нашата држава воопшто не се занимава со тоа, вели професорот Трајковски.
Инфомакс претходно објави дека од Македонија си заминуваат две странски инвестиции, од областа на автомобилската индустрија. Двете компании, Аптив и Дура заедно вработуваат над 1.000 луѓе.
Претседателот на Владата, Проф. Д-р. Христијан Мицкоски во изјава за медиумите истакна дека „не е крај на светот“ што некои инвеститори си заминуваат од државата.
А.Петровска
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
„Не е крај на светот“: Масовни отпуштања…
Во „четвртата економија“ во Европа баш и…
Филипче: Македонија е на дното во регионот…
На денешната прес-конференција претседателот на СДСМ Венко…
Буџетот наместо развој нуди нов циклус за…
Буџетот од 6,7 милијарди евра, најобемен во…
Нема напредок во клучните економски реформи, влошена…
Во однос на економијата Европската комисија има…
Македонските домаќинства имаат најниски приходи во регионот
Во текот на изминатите неколку години, европските…