Кој се плаши од внатрешниот дијалог во партиите?

t

Пишува: Фатмир Битиќи, пратеник во Собранието

Во претходната колумна (Кој се плаши од дијалогот?) пишував за дијалогот како институционална доблест и механизам преку кој општеството ја трансформира силата на државата во правда и правичност, а различните интереси и идентитети во кохезивен социјален, културен и економски амбиент. Но, ако сакаме да бидеме политички чесни кон себе, но и кон граѓаните, треба да кажеме дека нема кредибилен повик за дијалог во државата, ако дијалогот не живее и во нашите политички домови – партиите. Не може да очекуваме сериозна и изострена демократска или инклузивна политика, ако внатре, меѓу своите, не умееме да слушаме, да се коригираме и да се менуваме.

Токму сакам да дадам осврт на една појава што тивко, но упорно, ја нагризува довербата во политиката во нашата татковина. Мислам на политичките партии, на внатрепартискиот молк кој многу често се маскира пред превезот на единство. Мислам на она „единство“ кое бара акламација, а не квалитет на аргументи, што барајќи дисциплина и лојалност ја пропушта смислата и легитимитетот на својата политичка егзистенција. „Единство“ кое е рефлексија на страв од аргументиран разговор, од дијалог.

Имајќи ја во предвид мојата цврста вредносна позиција, имам морална обврска оваа моја оценка за квалитетот на внатрепартиската „демократија“ во Македонија идеолошки да ја прецизирам – социјалдемократијата не произлегува од страв од дијалог, таа е продукт на длабоко уверување дека достоинството на човекот е поважно од комфорот во/на партиската структура. Нејзиното внатрепартиско живеење бара сензибилитет за морална обврска кохезијата да се одржува со дијалог.

Социјалдемократијата, ако нешто значи за одредени партии во Македонија, мора да почне од самокритика, која не треба да се доживува како самопонижување, туку, напротив, како зрелост да се погледнеме во огледало и да признаеме дека губењето на избори е само последица на напуштање на внатрепартискиот дијалог.

Европската социјалдемократија, кога е витална, има неколку заеднички нешта што не зависат од држава, лидер или изборен циклус. Прво, има поставено вредносна линија како практична политичка етика, изразена преку почит кон трудот, борба за еднаквост, заштита на човековото достоинство, солидарност и прифаќање на различностите во сите нивни идентитетски, културни, религиозни или социјални изрази. Второ, има органски развиена врска со луѓето преку синдикати, граѓански организации, локални заедници, млади, професионални групи и други формално и неформално организирани, а општествено ранливи групи. Трето, има храброст да се обновува без да се самоукинува, да влегува во нови теми (екологија, дигитални права, родова еднаквост, јавни услуги), но да не го напушта срцето на својата идеја. И четврто, можеби најважно, има внатрешна демократија која се придвижува и опстојува преку отворена и инклузивна дебата, фер натпревар на идеи, јасна одговорност и култура каде што лидерството се докажува со сослушување на различните мислења и ставови.

Внатрепартискиот дијалог високо го почитувам и уважувам затоа што тој е лакмус хартија или индикатор на тоа дали партијата е институција на јавниот интерес или приватна организација за сопствено општествено преживување. Притоа, уште еднаш сакам да потенцирам дијалогот не е размена на монолози, не е работата „да се слушнеме“, па секој да си остане на своето. Дијалог постои само тогаш кога има конструктивност втемелена на подготвеност за промена како резултат на аргументите на другата страна. Во спротивно, тој претставува само техника на одложување, политичка козметика и управување со впечаток дека „се разговара“, додека одлуките одамна се донесени.

Токму затоа, утрешниот највисок партиски собир на мојата партија СДСМ треба да биде форум каде што ќе се слушаат различни ставови без страв, каде несогласувањата нема да се стигматизираат како предавство, туку како доказ дека партијата е жива. Ако внатре, меѓу своите, немаме храброст да водиме дијалог – како ќе бараме дијалог од другите?
Социјалдемократијата е политичка култура на слушање, на аргумент, на корекција, на почит кон членството и различното мислење. И овде е главната поента, кризата може да се надмине со враќање на оваа вредносна смисла, затоа што може да се победи на избори само ако се знае зошто политички се постои.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Кој се плаши од внатрешниот дијалог во…

Пишува: Фатмир Битиќи, пратеник во Собранието Во…

ДУИ: Дебаклот во Давос како слика за…

Демократската унија за интеграција уште еднаш потсетува…

Протест пред УЈП во Куманово – се…

Кумановци кои работеа во американски компании во…

АА ќе го обжали Законот за „Безбеден…

Крилото на Арбен Таравари од Алијансата за…

(Видео) Супорт Кочани ја рапсредели трета транша…

Невладината организација за помош на настраданите и…