Нема веќе „Произведено во Германија“: бизнисите се селат во Србија и во Унгарија кои нудат евтина работна сила
Додека во германските градови се гасат светлата на фабриките, концерни и светски брендови од земјата масовно ја префрлаат својата продукција во Унгарија и во Србија, од автомобилски делови до лепила, привлечени од плати кои се и до 70 проценти пониски од оние во Германија, што на инвеститорите им го постила „црвениот тепих“, пишува германскиот весник „Берлинер цајтунг“.
Саксонија беше погодена како од гром од ведро небо на почетокот на 2023 година кога британско-германскиот добавувач за автомобилската индустрија „ГКН Драјвлајн“ го затвори својот погон во Цвикау-Мозел. Повеќе од 800 работници останаа без работа, иако фабриката до последен момент работеше профитабилно и произведуваше погонски вратила за БМВ, „Мерцедес“ и за „Ламборџини“. Компанијата како причина ги наведе структурните промени во автомобилската индустрија, падот на цените и растот на трошоците.
Она што ГКН првично не го соопшти е дека во исто време, во унгарскиот град Мишколц се гради нова фабрика за погонски вратила, поддржана со даночни олеснувања и со субвенции од унгарската влада. Европската комисија во моментов ги разгледува овие државни субвенции.
Тогашниот министер за економија на Саксонија, Мартин Дулиг, реагираше со неверување. Тој изјави дека не може да разбере зошто локацијата во Германија не може да се задржи, додека паралелно се инвестира во Унгарија. Синдикатот „ИГ Метал“ ја обвини ГКН дека чекор по чекор го преселува производството во Источна Европа и најави протести.
„Хенкел“ целосно ја напушта Источна Германија
ГКН не е изолиран случај, пишува „Берлинер цајтунг“. Кон крајот на 2024 година, концернот „Хенкел“ го затвори својот погон за лепила во саксонскиот Хајденау, кај Дрезден. Околу 40 вработени останаа без работа. Производството на лепила сега се сели во унгарскиот град Керње. Со тоа, „Хенкел“ повеќе нема ниту еден производствен капацитет во Источна Германија.
Ова е спротивно на тоа што извршниот директор на „Хенкел“, Карстен Кнобел, уште кон крајот на август 2024 јавно уверуваше дека нема да се затвори ниедна фабрика во Германија.
И добавувачот за автомобилската индустрија „Мале“ уште во 2022 година го затвори својот погон во саксонскиот Фрајберг. Околу 85 работни места беа укинати. Компанијата соопшти дека за таа локација нема економска перспектива. До 2025 година „Мале“ планира да укине околу 7.600 работни места ширум светот, најмногу во фабрики ориентирани кон мотори со внатрешно согорување.
Милијарди се слеваат во Унгарија
Додека во Источна Германија и пошироко се затвораат фабрики, германската автомобилска индустрија инвестира милијарди евра во Унгарија. БМВ во 2025 година ја отвори својата прва европска фабрика по две децении – во Дебрецен. Во ултрамодерниот погон, кој ќе произведува исклучиво електрични автомобили од „Новата класа“, беа вложени повеќе од две милијарди евра. Долгорочно, таму треба да се создадат над 2.000 работни места.
„Мерцедес-Бенц“ во февруари 2025 година најави проширување на постојната фабрика во Кечкемет со инвестиција од една милијарда евра. Капацитетот треба да се удвои на 200.000 возила годишно. Во исто време, концернот ја намалува продукцијата во германските фабрики за 100.000 возила годишно. Финансискиот директор Харалд Вилхелм отворено ја објасни стратегијата: уделот на производството во земји со пониски трошоци треба да порасне од 15 проценти во 2023 на 30 проценти до 2030 година. Производствените трошоци во Унгарија се околу 70 проценти пониски отколку во Германија.
Технолошкиот концерн „ЗФ Фридрихсхафен“ гради две нови фабрики во Унгарија, во Кечкемет и во Дебрецен, за амортизери и за оски, наменети за новите електрични модели на БМВ и на „мерцедес“. Инвестицијата изнесува околу 62 милиони евра и треба да создаде 313 нови работни места. Унгарската држава учествува со околу 10 проценти субвенции. И „Бош“ на почетокот на 2025 година отвори нов логистички и магацински центар во Мишколц, вреден 147,6 милиони евра.
Србија како отскочна даска: слободна трговија со ЕУ, Евроазија и со Кина
Од префрлањето на производството не профитира само Унгарија. И Србија, која не е членка на ЕУ, привлекува германски индустриски гиганти. „Континентал“ во февруари 2023 година отвори ултрамодерна фабрика за електроника во Кач, кај Нови Сад. Во погонот од 30.000 квадратни метри се произведуваат дисплеи и инфозабавни системи. Инвестирани се околу 150 милиони евра, а треба да се создадат 1.500 работни места.
ЗФ од 2019 година има фабрика во Панчево, каде се произведуваат електромотори и делови за менувачи. Во 2023 година следеше проширување со производство на електроника за хибридни возила. Специјалистот за издувни системи „Бојсен“ во 2021 година ја отвори својата најголема странска фабрика во Суботица – инвестиција од 65 милиони евра и 500 работни места.
Србија нуди уникатна предност: земјата има договори за слободна трговија со ЕУ, Евроазиската економска унија, Турција, Велика Британија и, од октомври 2023 година, со Кина. Продуктите, произведени во Србија, можат без царина да се извезуваат на пазари со вкупно околу 2,7 милијарди потрошувачи. Во 15 слободни економски зони, компаниите дополнително уживаат ослободување од царини за увоз на материјали и машини, како и даночни олеснувања.
Орбан агресивно привлекува инвеститори
Причините за преселбите се повеќеслојни. Најочигледен е јазот во платите: индустриски работник во Унгарија заработува во просек околу 1.500 евра бруто месечно, додека во Германија над 4.600 евра. Унгарија, исто така, има најнизок корпоративен данок во ЕУ – девет проценти, додека во Германија ефективното даночно оптоварување е околу 30 проценти.
И за цените на енергијата Германија е на дното. Во 2025 година, домаќинствата плаќаа во просек 38–39 центи по киловат-час, а компаниите 13–18 центи, додека, пак, во Унгарија цената беше околу десет центи. За многу компании, производството во Германија едноставно повеќе не се исплаќа.
Унгарската влада под водство на Виктор Орбан агресивно ги привлекува странските инвеститори со субвенции, даночни олеснувања, евтино земјиште и брзи дозволи. Според Германско-унгарската стопанска комора, комбинацијата од квалификувана работна сила, ниски даноци и политика ориентирана кон инвестиции ја прави земјата исклучително привлечна.
„Произведено во Германија“ повеќе не е уникат
Германија ги губи своите некогашни конкурентски предности. Децении наназад, „Произведено во Германија („Made in Germany“) беше симбол за квалитет и за продуктивност.
Унгарија и Србија во меѓувреме значително напредуваа. Германските компании отворено ја пофалуваат квалификацијата, продуктивноста и посветеноста на локалната работна сила. Фабриките таму се високо автоматизирани, флексибилни и ослободени од сложените историски структури на старите германски погони.
Комбинацијата од пониски трошоци, анализира весникот, државни стимулации и стратешко планирање ги тера германските индустриски лидери сè почесто да ја избираат Источна Европа наместо Германија.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Нема веќе „Произведено во Германија“: бизнисите се…
Додека во германските градови се гасат светлата…
Не затаил системот во комбето: Возачот е…
Токсиколошкиот извештај по тешката сообраќајна несреќа што…
Конфликт меѓу активист и функционер на ВЛЕН…
Според информации кои циркулираат во јавноста и…
Сепаратистите од Алберта, Канада, обвинети за „предавство“…
Тајните средби меѓу сепаратистичките активисти во канадската…
Сиљановска-Давкова: Измените на Кривичниот законик ги потпишав…
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова изјави дека измените на…