Вучиќ контра Шекеринска – епизода или политика?
Реакцијата на српскиот претседател Александар Вучиќ кон изнесените оцени од страна на заменичката генерален секретар на НАТО Радмила Шекеринска е наменета главно за домашната српска јавност, велат дел од аналитичарите кои ги консултираше ДВ по нервозата во Белград и пораката што беше испратена од Минхен.
Безбедносни експерти порачаа дека Северна Македонија не е прозвана страна и дека Вучиќ всушност бил приморан да реагира по провокативните наслови во регионалните медиуми, пред сѐ во хрватските, бидејќи Хрватска стои зад декларацијата за одбранбена соработка меѓу Загреб, Тирана и Приштина.
Д-р Златко Кузманов, доктор по безбедносни науки за ДВ вели дека изјавите што ги дава Шекеринска, се официјални ставови на раководството на НАТО, и тие ставови се во име на сите 32 членки на НАТО. „Мислам дека е непотребно да се вовлекува нашата држава во таква полемика и расправа, ниту дека дадените изјави можат да ги доведат во прашање односите на нашата држава со Србија или со останатите држави во регионот“, оцени тој.
„Сметам дека реакцијата на претседателот на Србија е повеќе мотивирана од начинот на кој нејзината изјава за состојбите во регионот, се пренесени и парафразирани во дел од хрватските и останати медиуми, и како таквите ‘медиумски наслови’ ќе имаат ефект врз српската јавност“, додаде Кузманов.
Дел од аналитичарите што ги консултираше ДВ, од друга страна, одат подлабоко во анализите и велат дека српскиот претседател сака да манипулира. „Тоа во политичката диоптрија на Вучиќ, идеално ги спојува сите ‘добитни’ елементи за да им ‘одржи лекција’ на НАТО, на соседите на Балканот кои ја ‘поддржале’ сецесијата на Косово, на барањата на ЕУ за продуктивен дијалог со Косово, но и на домашната српска опозиција која би можела да има поразлични ставови за меѓународната политика на Србија од онаа што ја води Вучиќ“, смета Сашо Орданоски.
Што го изнервира Вучиќ?
Шекеринска која повика на дијалог меѓу Србија и Косово рече и дека НАТО сака да го види Западен Балкан да проектира мир, стабилност и создава просперитет за сите свои граѓани. „Но, секако, одредена реторика во регионот дефинитивно не придонесува за тоа, што понекогаш предизвикува поделби, а во некои земји гледаме и сецесионистичка реторика“, изјави таа.
Претседателот на Србија, Вучиќ, кој рече за Шекеринска дека понекогаш „зборува работи што навистина немаат многу смисла”, реагираше кон нејзините изјави во кои тој препознал дека таа се осврнува на Република Српска, па рече: „Ова ни го кажуваат жена и луѓе кои доведоа до сецесија, барем според нив, на дел од територијата на Србија, помеѓу 13 и 14 проценти од територијата на Србија”.
За соговорникот на ДВ, аналитичарот Сашо Орданоски, тоа е демагогија помешана со ароганција. „Во неговиот познат стил: коктел од доза на ароганција, малку политичка демагогија, нијанса на мизогенија помешана со пасивна агресивност, повторно претставувајќи се себеси како класичен балкански националист кој со своите замислени противници би започнал тепачка и во празна просторија“, рече тој за Вучиќ.
Анализите се воздржани и се во правец на тоа дека односите со Србија не може да се доведат во прашање но дека е видлив комодитетот на српскиот претседател политички да нападне висок меѓународен функционер кој доаѓа од Северна Македонија, и да ја претстави својата земја како жртва на светски и регионален заговор.
„Вучиќ е во постојан напор, од позиција на Србија како историска ‘жртва’ на ‘меѓународната хипокризија’ да проектира сила по сите прашања за кои тој мисли дека ја засегаат Србија“, вели Орданоски. Особено, како што потенцира тој, што Вучиќевата реакција доаѓа по изјавата од висока функционерка на НАТО која е од Македонија.
Молк на официјално Скопје
Вучиќ, инаку, според реакцијата, не ја крие нервозата и од растечкиот притисок да води дијалог со Косово. Вознемиреноста произлегува и од ставот на НАТО изнесен од Шекеринска дека иако Алијансата не учествувала во консултациите за Декларацијата за одбранбена соработка што Загреб, Тирана и Приштина ја потпишаа во март минатата година, нема ништо против земјите да имаат дополнителни одбранбени договори со трети страни.
„Mногу нè загрижија и ние ќе преземеме соодветни чекори“, коментираше Вучиќ по објавата за соработката меѓу Хрватска, Албанија и Косово.
Нашите соговорници посочуваат на комплексноста на регионот во однос на таквите прашања.
„Сложената економска, политичката и безбедносната состојба во регионот на Балканот, и нецелосното интегрирање на сите држави од регионот во НАТО Алијансата и во ЕУ, секогаш остава простор за лидерите од државите во регионот, на различен начин да ги согледуваат, разбираат и коментираат дадените изјави, кои се однесуваат за одредени постапки или процеси во регионот“, истакна безбедносниот експерт Кузманов.
Во Скопје, реакцијата на Вучиќ беше игнорирана од конзервативната Влада на премиерот Христијан Мицкоски. Молкот на владејачката партија не е изненадување со оглед на односите што ги одржуваат двете влади.
„Добро е што, барем за сега, македонскиот премиер Мицкоски не се јави од Минхен со поддршка на ставовите на Вучиќ, бидејќи, во суштина, нема големи разлики помеѓу нив двајцата кога се работи, генерално, за односот на меѓународната заедница кон Србија и Македонија и во модерната историска и во актуелна смисла“, коментира Сашо Орданоски.
Извор: Дојче Веле
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Вучиќ контра Шекеринска – епизода или политика?
Реакцијата на српскиот претседател Александар Вучиќ кон…
Филипче: Немам врска со која било фирма…
Лидерот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ),…
Полициски службеници спасија жител на Македонска Каменица,…
На 15.02.2026 во 13:23 часот во СВР…
Скопјанец осомничен за затајување
Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против…
Гаши ги замолил пратениците културно да се…
Пратениците да го подигнат нивото на меѓусебна…