Објавено на:

Шест причини зошто светската енергетска криза ќе трае долго

t

Најголемата светска енергетска криза во историјата допрва почнува, а ни привремено примирје, па дури ни крај на војната меѓу САД и Израел со Иран нема да овозможи враќање во времето пред конфликтот, кога поевтината нафта и гас течеа како вода, компаниите цветаа, а приходите на домаќинствата во некои земји растеа, објави Би-би-си.

Но, закрепнувањето ќе биде долго и скапо од повеќе причини.

Еве шест.

Недостигот од нафта допрва почнува
На товарен брод што превезува нафта од Персискиот Залив му се потребни еден до еден и пол месец за да стигне до купувачите.

Војната започна на 28 февруари – пред точно еден и пол месец.

Дури сега светот ќе се соочи со недостиг од нафта, бидејќи Иран во меѓувреме ефикасно го блокираше Ормускиот теснец, клучна поморска рута низ која поминува петтина од светските потреби за нафта, како и големи количини течен природен гас.

„Април ќе биде многу полош од март. Според најконзервативните проценки, дефицитот ќе се удвои“, вели Фатих Бирол, шеф на Меѓународната агенција за енергија. „Резултатот ќе биде инфлација и забавување на економскиот раст“, рече тој. „А може да биде и многу полошо. Наскоро би можеле да дојдеме до точка кога многу земји ќе воведат рационализирана потрошувачка на енергенси“, додаде Бирол.

Пред војната што започна на 28 февруари, цените на нафтата беа околу 60-65 долари по барел, а за време на конфликтот надминаа и 100 долари.

Сега, со физички помалку нафта, цените нема да паднат на нивото пред војната, дури и ако Иран веднаш повторно го отвори Ормускиот теснец.

Во идеални услови, ќе бидат потребни уште еден до еден и пол месец за сè да се врати на нивото пред војната.

Во реалноста, недостигот ќе трае уште неколку месеци, до крајот на 2026 година, процени американската агенција за енергетска статистика во најновиот извештај.

Гасната криза е полоша од проблемот со нафтата
Но нафтата не е ни најголемиот проблем – Саудиска Арабија и другите земји во регионот би можеле брзо да го зголемат производството доколку се воспостави траен мир на Блискиот Исток.

Ситуацијата со гасот е многу полоша.

Пред војната, светот забрзано преминуваше на течен природен гас за да ја намали зависноста од снабдувањето преку гасоводи, кои Русија ги претвори во средство за притисок врз Европа, што доведе до светската енергетска криза во 2022 година.

Гасот стануваше сè поевтин, почист од јагленот, а неговото учество во енергетскиот биланс брзо растеше.

Војната во Иран покажа колку оваа промена била ризична.

Пред војната, Катар произведуваше и извезуваше 21 отсто од светските резерви на течен природен гас, односно околу 17 отсто од вкупната понуда на пазарот.

За ова нема никаква замена.

„Репутацијата на гасната индустрија е нарушена. Течниот природен гас беше позициониран како сигурна, достапна и флексибилна опција. Но прво рускиот гас во 2022 година, а сега катарскиот гас…“, изјави Бирол.

Нема да биде можно брзо обновување на снабдувањето со течен гас.

Не постојат алтернативни поморски рути за транспорт на гас од Катар, додека извозот на нафта продолжува преку копнени цевководи, заобиколувајќи го Ормускиот теснец.

Иднината е неизвесна, што сигурно ќе ги одржува цените на гасот високи во наредните месеци.

Поради војната, Катар го одложи најавеното пуштање на нови капацитети, а воедно изгуби и дел од постојните.

Не е само прекинот на испораките
Едно е да се отвори теснецот за танкери и транспорт на нафта и гас, а сосема друго е да се обнови производството на гасните полиња и рафинериите погодени во конфликтите.

Повеќе од 40 нафтени и гасни постројки во земјите на Блискиот Исток се оштетени за време на војната, според податоците на Меѓународната агенција за енергија.

Најголеми оштетувања се забележани во дел од катарскиот гасен комплекс во Рас Лафан.

Иранските ракети уништија 17 отсто од едно од најголемите светски постројки за течен природен гас.

Тоа беше одговор на претходниот израелски напад врз иранското гасно поле Јужен Парс.

Таквата опрема е единствена и се изработува по мерка.

Затоа поправките ќе траат не само месеци, туку години – катарските власти велат од три до пет.

Слични проблеми има и во другите земји од Персискиот Залив.

Ирански дронови погодија рафинерии, нафтени полиња и друга енергетска инфраструктура во Обединетите Арапски Емирати, Кувајт, Бахреин и Ирак.

Поправките ќе траат со месеци и ќе чинат милијарди долари.

Пред војната, овие средства беа наменети за проширување и зголемување на светското снабдување со енергенси.

Сега ќе се трошат за обнова на оштетеното или уништеното.

Недостиг од пари
Пред војната, земјите од Персискиот Залив планираа да го зголемат производството за да ги задоволат растечките енергетски потреби на сè побројното население и економскиот развој.

Земјите потрошувачи очекуваа доволно нафта и уште повеќе гас.

Но, Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати, Иран, Катар и другите земји сега ќе мора да трошат средства не за проширување, туку за враќање на претходното ниво на производство, како и за повторно вооружување.

Потрошувачите исто така ќе мора да издвојат повеќе.

Тоа значи повисоки цени на енергијата и инвестиции во алтернативи како нуклеарна, соларна, ветерна енергија, батерии и јаглен.

Владите ќе се соочат со потребата да ги субвенционираат домаќинствата и индустријата.

За разлика од претходните две енергетски кризи предизвикани од пандемијата и војната во Украина, сега земјите имаат помалку можности да позајмуваат средства од идните генерации.

Инфлацијата е повисока, јавниот долг и буџетските дефицити се поголеми.

Сега владите се соочуваат со двоен предизвик: забавениот економски раст ги намалува даночните приходи, а инфлацијата ја ограничува поддршката преку пониски каматни стапки.

Резервите не се бесконечни и мора да се обноват
За да го ублажат недостигот, западните земји пуштија на пазарот 400 милиони барели нафта од стратешките резерви.

Светот дневно троши околу 105 милиони барели.

Војната прекина испорака од 10-12 милиони барели дневно.

Продажбата од резервите надомести три до четири милиони барели дневно.

Дополнителни количини дојдоа од кинеските резерви и од укинувањето на санкциите за иранската и руската нафта.

Но овие резерви ќе мора да се обноват.

Тоа ќе ги поддржи цените на нафтата и ќе ја продолжи кризата.

Воената закана не исчезнала
Перцепцијата за Блискиот Исток како сигурен извор на енергенси е сериозно нарушена.

Војната не е завршена, а ризикот од нови судири останува.

Зголемени се трошоците за осигурување и транспорт.

Сето тоа ќе влијае врз цените уште долго.

Министерството за енергетика на САД предупредува дека цените ќе ја одразуваат зголемената проценка на ризик и во наредните години.

Проблемот не е само Ормускиот теснец.

Јеменските Хути и понатаму се закана во Црвеното Море, а постојат и други чувствителни точки во светските мориња.

„Светот премногу мирно ја прифати оваа војна“, вели Фатих Бирол. „Забележувам дека властите во Европа и ширум светот ги потценуваат размерите на проблемот. „Влегуваме во најголемата енергетска криза во историјата“, додава тој.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Шест причини зошто светската енергетска криза ќе…

Најголемата светска енергетска криза во историјата допрва…

Кинезите кренаа раце: Запре заемот за автопатот…

Автопатот Кичево–Охрид, кој се гради повеќе од…

„Ако задоцневме 12 секунди, немаше да излеземе“,…

На денешното судско рочиште за пожарот во…

(ФОТО) Екс градоначалникот на Струмица стапи во…

Екс градоначалникот на Струмица – Костадин Костадинов…

Иран го ограничи преминот низ Ормуската Теснина…

Во рамки на договорот за прекин на…