Арбитража КАЗАНДОЛ: Поткуп од 2,6 МИЛИОНИ ЕВРА – Кој за колку бил подготвен да го продаде вашето здравје?!
Случај „Казандол“ – Или за колку милиони биле подготвени да го продадат вашето здравје
За тогашната власт инвестиција во вредност од 35 милионии евра која ќе отвори најмалку нови 250 работни места, за граѓаните и екологистите геноцид врз 400.000 македонски граѓани. Борбата „за“ или „против“ отворање на рудникот Казандол беше една од темите која ја одбележа 2017 година.
Во јавноста се шпекулираше со разни информации, дали некој и кој бил „награден“ да лобира за Казандол, но арбитражната постапка која заврши неодамна открива огромен скандал. Според сведочење на инволвираните страни, митото се броело во милиони евра. Кој се офајдил од приказната за Казандол и дали е можно некој да се богати и во иднина, ќе видите во продолжение.
За рудникот
Планираниот рудник ќе се протегал на подрачјето на атарите на селата Казандол (во најголем дел) и Брајковци, како и градот Валандово (сите од Општина Валандово), како и градот Богданци (од Општина Богданци) и селото Фурка (од Општина Дојран). Во рудникот требаше да се ископува бакарна руда.
Во јавноста рудникот стана познат во 2017 година, кога на терен започнаа видливите активности за изградба на постројка за експлоатација на катоден бакар, меѓутоа разговорите за отворање на рудникот започнале неколку години порано, уште во 2013 година. Г-дин Володимир Скубенко, кој го основал Константиновскиот завод за металуршка опрема („KPME“) во Донецк, Украина, тогаш се сретнал со Ацо Спасеноски, поранешен министер за земјоделство, кој во тоа време бил амбасадор на Македонија во Украина. За време на таа средба, г-дин Скубенко го изразил својот интерес за инвестирање во наоѓалишта на бакарна руда во регионот на Македонија.
По бројни протести, апели од невладини организации и екологисти, како и од жителите на регионот во кој Казандол требаше да функционира, се одржаа и локални референдуми со речиси едногласност против отворање на рудникот.
Владата на Македонија потоа еднострано го раскина договорот, бидејќи концесионерот „Сардич МЦ“ не го исполнил условот да изгради постројка за експлоатација на катоден бакар во рок од две години, по што концесионерот започнува постапка за арбитража.
Политичарите и граѓанските активисти за Казандол
Груевски: Добра вест за Валандово и регионот
На 25 август 2016 година премиерот Груевски на Фејсбук напиша:
Добра вест за Валандово и регионот. Денес започнува инвестицијата на Сардич МЦ за изградба на рударскиот комплекс Казандол за производство на катоден бакар, инвестиција која е од исклучително важност за целиот регион на Валандово и соседните општини и собено важна за целиот рударски сектор во државата. На оваа инвестиција се работеше подолг период. Првите мои контакти со инвеститорот беа уште во 2013-та година. Повеќегодишните разговори, како и најмалку двегодишните детални истражувања на теренот, надополнети со посветена работа и ангажман на тимот за инвестиции и локалната самоправа резултираше со отпочнување на инвестицијата во вредност од 35 милиони евра која ќе значи нови 250 работни места. Дополнително ова ќе обезбеди работа и за повеќе домашни компании од градежниот сектор во вредност од 15 милиони евра и ангажирање на дополнителни 150 градежни работници кои ќе работат на пропратната инфраструктура потребна за рудникот. Инвеститорот е заинтересиран и за дополнтелни истражувања за два нови капацитети каде истражувањата се во тек и се со планови за инвестиции за експлатација на руда и за овие две концесии.
Она што е од особена важност е што се работи за развојна инвестиција од која ќе обезбедат сигурна егзистенција многу семејства. Отворањето на на нови работни места што ќе значат нова можност за луѓето, закрепнување и подигнување на нивниот стандард преставува наша првенствена цел. Потврда за нашата рбота е намалување на невработеноста, а кога станува збор за Валандово споредено сега 2016-та и 2006-та година таа е преполовена. Ако во 2006-та таа беше 3028 невработени, сега во Општината Валандово таа е за половина помалку односно 1021 невработени. И како што говорат фактите ние не се откажуваме и работиме на дополнитело нејзино смалување. Кога голем дел од нашите конкуренти се фокусирани на создавање на амбиент на несигурност и криза, нашиот главен и првенствен фокус останува економијата, каде досега имаме направено многу, но заедно со граѓаните ќе постигнеме уште повеќе. Се трудиме да решиме што е можно повеќе проблеми и да го реализираме ветеното, затоа што нашата обврска се граѓаните и нивните потреби. Нека е со среќа новата инвестиција.
Заев: Едно да знаете, рудниците ќе застанат!
Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, пред жителите на Валандово вети дека владата предводена од неговата партија ќе ја запре изградбата на рудникот Казандол.
„Овие концесии за експлоатации и дел за геолошки истражувања се дадени од претходната власт. Ние ќе водиме мудри постапки, да не нанесеме милионски штети на државата, но едно да знаете рудниците ќе застанат. Добро е да се подготви целиот менаџмент дека ќе престане изградбата на рудниците, заради тоа што тие носат лошо здравје, слаби перспективи и уништување на иднината на сегашните и на идните генерации“, рече Заев, на денешната средба со граѓаните на Валандово.
Тој рече дека отворено застанале и дале поддршка на граѓанските организации кои се бореа да запре постапката за отворање на овие рудници.
„Нашиот официјален став е да престане изградбата на рудниците, да престанат сите постапки околу рудниците, затоа што тоа не е иднината на овој бисер на земјоделието на Република Македонија“, рече Заев.
Подоцна, од позиција на премиер Заев на прес-конференција го објави одземањето на концесијата.
– Владата на Република Македонија е целосно посветена на економскиот раст, и на заштита на здравјето на граѓаните.
Здравјето на граѓаните е над било кој приватен интерес, еколошката безбедност на државата е над било кој приватен интерес.
Оваа порака денеска ја испраќаме до граѓаните на Валандово, Богданци и Дојран, но и до сите жители на Република Македонија.
Денеска донесовме одлука за едностран раскин на договорот за концесија за експлоатација на минерална суровина, бакар, злато и сребро, на локалитетот Казандол – општина Валандово, општина Богданци и општина Дојран, врз основа на член 44 став 3 од законот за концесија и јавно приватно партнерство.
Со оваа одлука, договорот за концесија за експлоатација на минерална суровина бакар, злато и сребро, на локалитетот Казандол – општина Валандово, општина Богданци и општина Дојран, бр 24-64/9 од 27.02.2015 година еднострано се раскинува од страна на концедентот т.е. државата, бидејќи концесионерот не ја исполнил обврската од членот 13 став 1 од договорот за концесија односно во рок од 2 години од денот на доделувањето на концесијата за експлоатација на локалитетот Казандол – општина Валандово, општина Богданци и општина Дојран, не изградил постројка за експлоатација на катоден бакар со капацитет да процесира најмалку 50 % од експлоатираната руда.
Предвидениот рок од 3 години според член 13 став 1, е суштинска состојка на договорот бидејќи е даден како услов во јавниот повик и тендерската документација.
Со денот на влегување во сила на оваа одлука, престанува да важи одлуката за доделување на концесија за експлоатација на минерална суровина, бакар, злато и сребро, на друштвото за експлоатација преработка и производство, САРДИЧ МЦ ДООЕЛ УВОЗ-ИЗВОЗ -Скопје на локалитетот Казандол на споменатите општини, и бр. 42 – 719 / 1 од 02.02.2015 година, објавена во Службен весник на Република Македонија бр. 17/15. – истакна тогаш Заев.
„Граѓаните против рудниците на смртта“
Неколку стотици граѓани од Валандово, Гевгелија, Богданци и останатите општини од југоисточниот регион на протестните маршеви во 2017 година побараа од властите да си го одржат дадениот збор и да ги исполнат дадените ветувања во предизборниот период.
„Нашето најголемо барање до власта е веднаш да ја запре изградбата на рударскиот комплекс Казандол. Очекуваме дадените ветувања да се исполнат и не отстапуваме од тоа. Овие луѓе овде, преку протестен марш покажаа колку им е важна здравата животна средина и покажаа дека се подготвени да се борат за тоа право со сите сили.“, порачуваат граѓаните.
Граѓанската иницијатива „Спас за Богданци“ одржа трибина на која зборуваа повеќе професори и активисти, кои тврдат дека фунционирањето на рудникот во Валандово ќе предизвика огромни штети во Богданци пред се со прашината од рударскиот коп.
„Казандол е на површина од 1.500 хектари и ископ ќе има на територијата на Општина Богданци. Најстрашното е тоа што ветрот кој дува е северен од Валадново, според мерењата дури 80 проценти. И замислете сета прашина каде ќе дојде. Од првиот ден на минирање кое е планирано да стартува од ноември годинава, треба да дишеме воздух со ПМ честички и тешки метали кои предизвикуваат низа болести. Треба да ги осакатиме нашите деца“, кажаа активистите на „Спас за Богданци“.
Федерацијата на фармери (ФФРМ) тогаш истакна дека на удар може да бидат околу 13.600 хектари обработливо земјоделско земјиште. Тие дадоа подршка за референдумите и побараа во иднина за вакви проекти да бидат консултирани и земјоделските здруженија.
„Да се размисли добро при самото одлучување, бидејки со отварањето на Казандол ќе се направат негативни ефекти врз земјоделството, посебно врз органското производство и доколку не се применат мерки за соодветна заштита, штетите ќе бидат големи посебно врз почвата“, предупредија од ФФРМ.
Најгласни меѓу партиите беа ДОМ. Во продолжение нивно соопштение на темата:
ОМ е против отворање цела дузина рудници во Македонија – од Петрошница во Старо Нагоричане, преку Плавица во Пробиштип, па во Кочани, Струмица, Делчево, се до Казандол во Валандово. Тоа е неодговорно кон граѓаните и нивното здравје, зашто сите тие планирани рудници за злато, бакар и сребро се површински, со мало количество метал во земјата. Тие се „рудници на смртта“ – работат со цијанидни и сулфурни раствори во отворени базени по планините, загадувајќи се живо околу себе. Посебна трагедија е што целиот тој источен појас е одамна стратешки насочен кон земјоделие и туризам. А сега им се нуди опустошена природа, уништени полиња и животен век од 40 години. Тоа е недозволиво!
Најитно треба да се решат рудниците Казандол, Валандовско и Иловица, Струмичко, кои веќе добиле концесии од Министерството за економија и се градат. Бараме стопирање на активностите и итна ревизија на нивните концесии. Основа се барањата на граѓаните во сите засегнати општини преку протести и референдуми. Аргументи се: 1) изиграна процедура за информирање на јавноста, 2) лажно претставување на божемни странски инвеститори и 3) скандалозни студии за оценка на влијанието врз животната средина.
Борбата против опасните рудници треба да оди преку ревизија на овие студии за животна средина. Убедени сме дека, не само што државата не треба да плаќа пенали, туку други треба да и платат отштета.
Многу е интересна студијата за рудникот за бакар Казандол. Детално се објаснети технолошките постапки и нивното штетно влијание: 1) рударски активности со минирање, кои произведуваат прашина, бучава и вибрации, посебно опасни зашто ова е „еден од сеизмички најактивните региони во Македонија“ со „најсилните земјотреси во поширокиот регион“, што може да доведе до лизгање на земјиштето, пукање на браните и излевање на отровните материјали во полето и градот; 2) копање базени, лужење со сулфурна киселина, екстракција и електролиза, што се заедно предизвикува „со сигурна веројатност“ загадување на почвата, атмосферските и подземните води во „многу долг период“, преку „инцидентни истекувања“; 3) создавање отпад од шут, обоени метали, минерални суровини, масла и течни горива „со сигурна веројатност“ во „многу долг период“; 4) загуба на вегетација и живеалишта што е „нереверзибилно“; 5) физички промени на пределот „со сигурна веројатност“ и „нереверзибилно“. Исто така, во студијата чесно е наведено дека постои веројатност за вонредни состојби, хаварии и инциденти, како поплава, пожар, експлозија, истекување на хемикалии и сл. Но, изненадувањето доаѓа на крајот од Студијата, кога консултантската фирма, заклучува дека независно од сите споменати и очекувани ризици – „изградбата и работата на предложениот комплекс се сметаат за ОПРАВДАНИ, бидејќи… нема да предизвика значителни влијанија врз биолошката разновидност и пределот и врз еколошкиот интегритет во поширокото подрачје“!!!
На референдумот во Валандово којшто се одржа на 20 август оваа година право на глас имаа 10.141 граѓанин. За да биде успешен, потребно беше на гласање да излезат најмалку 50 отсто плус еден од запишаните граѓани со право на глас. На референдумот во Валандово излегоа 46, 1 или 4.683 граѓани. Недостасуваа 387 гласа до потребните 5071 за победа.
Граѓаните и активистите кои се бореа против изградбата на рудникот пријавуваа притисоци, закани, уцени и прекршување на изборниот молк од инвеститорот „Сардич МЦ“, претставници на локалната самоуправа од една политичка партија и персоналот на Украинската амбасада во земјава.
Против изградбата на овие рудници, на референдум гласаа и жителите на Дојран, на Богданци и на Гевгелија. Сите овие референдуми беа успешни.
На сите места каде што се одржуваа локалните референдуми беа пријавувани притисоци и закани во размер во којшто може да помислите дека се бира доживотен претседател. Но до референдум најтешко се стигна токму во Валандово. Советот два пати носеше иста одлука поради административни пречки на општината. Граѓанските иницијативи со собрани потписи со месеци не можеа формално да дотуркаат до референдумот во процедури кои отвораат сомнежи за многу законски злоупотреби.
Што вели арбитражата?
Во 2019 година се формира трибунал составен од д-р Станимир А. Александров, државјанин на Република Бугарија, за арбитер, проф. Јан Полсон, државјанин на Француската Република, Кралството Шведска и Кралството Бахреин, за арбитер и Али Малек К.Ц., државјанин на Обединетото Кралство и Исламската Република Иран, за претседател на Трибуналот.
Тужителите (концесионерите) тврдат дека по доаѓањето на власт на новата влада на 31 мај 2017 година под водство на премиерот Зоран Заев, тужениот (Република Македонија) презел низа мерки во 2018 година, со кои инвестициите на тужителот во Македонија во експлоатацијата на минерални ресурси преку „Копер Инвестментс“ АД („Копин“) и нејзината подружница „Сардич“, во целосна сопственост, се обезвредниле. Мерките вклучувале:
– Формирање работна група за проценка на степенот на комплетност на инсталацијата за експлоатација на катоден бакар во Казандол;
– Покренување судска постапка во Скопје со барање за налог за раскинување на Договорот за експлоатација;
– Обид за еднострано раскинување на Договорот за експлоатација;
– Замрзнување на средствата на „Копин“ и „Сардич“;
-Покренување постапка за стечај против „Сардич“.
Тужителите бараат од Трибуналот да им додели отштета како компензација за загубите претрпени како резултат на овие прекршувања во износ од 59.920 милиони евра плус сложена камата и трошоци.
Тужениот (Република Македонија) ги отфрла овие барања во целост.
Македонија тврди дека наводните инвестиции биле направени со кршење на македонското право, со тоа што тужителите ги обезбедиле концесиите преку коруптивни и други нелегални средства и се обиделе да го користат Проектот како операција за перење пари.
Ваквите наводи тимот кој ја застапува Република Македонија ги објаснува за време на процесот, во продолжение делови од текстот на одлуката на Трибуналот:
„Во 2013 година, еден од подносителите на тужбата, г-дин Володимир Скубенко, кој го основал „Константиновскиот завод за металуршка опрема“ („KPME“) во Донецк, Украина, се сретнал со г-дин Ацо Спасеноски, поранешен министер за земјоделство, кој во тоа време бил „амбасадор на Северна Македонија во Украина“. За време на таа средба, г-дин Скубенко изразил интерес за инвестирање во наоѓалишта на бакарна руда во регионот на Северна Македонија. Во мај 2013 година, г-дин Скубенко ја посети Северна Македонија и се сретна со г-дин Виктор Мизо, извршен директор на Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони („ТИРЗ“).
Кон крајот на август 2013 година, г-дата Генадиј Сичов, Игор Волобаев и Димитри Сироштан, сите членови на „тимот на KPME“, отпатуваа во Северна Македонија за да ги проверат локациите. Тие се сретнаа со г-дин Гаврил Мираковски, кој беше специјален советник на тогашниот премиер Никола Груевски и беше вршител на должноста директор на Геолошкиот завод на Република Македонија („Државен геолошки завод“), како и со г-дин Мизо и г-дин Един Факиќ (заменик на г-дин Мизо, исто така во ТИРЗ).
На 13 септември 2013 година, г-дин Мираковски ажурираше извештај што наводно го започнал со изготвување на 10 јули 2013 година, за кој Тужениот тврди дека покажува дека тендерот се подготвувал за тужителите и дека условите на тендерот биле прилагодени за да одговараат на нивниот профил и претходно искуство во Украина.
На 18 септември 2013 година, Министерството за економија и Владата испратија нацрт-предлог за започнување на тендерска постапка, со која се предвидува доделување на концесии за истражување на две локации, Казандол и Плавуш. Од 2 до 5 октомври 2013 година, г-дин Мираковски и г-дин Мизо патуваа во Киев и Донецк за да се сретнат со г-дин Скубенко и да ги разгледаат објектите на KPME во Донецк. Тужениот тврди дека оваа посета ја организирал г-дин Спасеноски. На 7 октомври 2013 година, г-дин Мираковски подготвил втор извештај, кој го подготвил за премиерот Никола Груевски. Во тој втор извештај, г-дин Мираковски експлицитно изјави дека KPME на г-дин Скубенко бил субјектот „за кој подготвуваме „понуда со“ пакет од 3 концесии за истражување на бакар со услов за изградба на фабрики за катоден бакар од оксидна руда (непреработена со топење) и фабрика за преработка на катоден бакар во ТИРЗ или во странство.“ На 22 октомври 2013 година, г-дин Скубенко и г-дин Сичов се сретнаа со премиерот Никола Груевски.
На 5 ноември 2013 година, Владата ја усвои одлуката подготвена од Министерството за економија за започнување на постапката за доделување концесии за истражување на локалитетите Казандол, Плавуш и Петрошница. Одлуката за тендер беше објавена во Службен весник на 12 ноември 2013 година.
Тужениот (РМ) тврди дека во ноември 2013 година, откако Владата ја издаде Одлуката за тендер, претставници на Владата се сретнале со г-дин Сичов и г-дин Борис Сибиновски, друг соработник на г-дин Скубенко. Владата на 30 ноември 2013 година одлучи да ги измени условите од Член 3 од Онлајн аукцијата за лицитирање која се одржа на 23 јануари 2014 година, а Сардич ја дал највисоката понуда.
На 24 јануари 2014 година, комисијата за понуди подготви извештај во кој ја сумираше понудата и нејзиниот исход и предложи Владата да донесе одлука за доделување на концесиите на Сардич. На 27 јануари 2014 година, Владата ја донесе својата одлука за доделување на концесиите. На 4 март 2014 година, Тужениот и Сардич склучија три речиси идентични договори за концесија за истражување на минерални ресурси на трите локалитети (Казандол, Плавуш и Петрошница).
На 30 јуни 2014 година, мандатот на г-дин Спасеноски како амбасадор на Македонија во Украина истече. На или околу 3 јули 2014 година, г-дин Спасеноски беше назначен за независен и неизвршен член на одборот на директори на Копин и стекна 5.000 акции во Копин во вредност од околу 2 МИЛИОНИ ЕВРА, дополнително примил над 600.000 евра преку плата и трошоци во период помалку од 4 години иако нема докази дека г-дин Спасеноски извршил каква било вистинска работа за Копин.
На 2 февруари 2015 година, Владата донесе одлука за доделување на концесијата за експлоатација на минерални ресурси во Казандол на Sardich за период од 30 години.“
Накратко, тимот кој ја застапува Република Македонија за време на овој процес вели дека тогашни функционери во Владата, како и тогашниот амбасадор на Македонија во Украина ургирале условите на тендерот да бидат прилагодени за украинската компанија која е концесионер. Дополнително, македонската страна вели дека амбасадорот Спасеноски добил околу 2,6 милиони евра (во акции во Копин, како и плати од компанијата) за посредување при активностите поврзани со добивање на кнцесијата, запознавање на украинските инвеститори со македонски функционери и слично.
Македонската страна вели дека компанијата од Украина е вклучена во голем број украински кривични постапки и истраги, вклучително и обвинувања за даночно затајување. Во 2014 година, Surrey Dynamics, која во тоа време обезбеди значително финансирање на Проектот, ја купи и ликвидираше KMP, фабрика за метали, од браќата Кљуев( укр. Клюєв), за кои се тврди дека се корумпирани украински политичари и кои во тоа време беа на санкционираните листи на САД и ЕУ. Исто така се посочува дека тогашен заменик министер ги модифицирал условите на тендерот со цел прилагодување на условите на украинскиот инвеститор.
Трибуналот, сепак не навлегува во толкување дали некој од споменатите лица е корумпиран или извршил кривично дело.
Во својата изјава како сведок, Спасеноски ги опишува својата плата и бенефиции на следниов начин:
Неговата почетна месечна плата кога се приклучил на компанијата во јули 2014 година била 20.000 евра, оследователно била намалена на 10.000 евра, а потоа на 5.000 евра. Оваа месечна плата покривала не само даноци и социјално осигурување, туку и патни и телефонски трошоци. Тој стекнал 5.000 акции во Копин според шема за стимулации за директори, која вклучувала опција во негова корист. Ова претставувало 12,5% од капиталот на Копин. Други директори, исто така, ја искористиле оваа опција. Неговиот удел во акциите сега е 4% како резултат на разредување на неговиот удел по издавањето нови акции во Сардич и продажбата на неговите акции. Неговата ќерка добила спонзорство (стипендија) од Сардич во вредност од 30.000 евра за да студира јавно здравје на ЛСЕ, со договор дека ќе се приклучи на Сардич по дипломирањето.
Тужителите исто така наведуваат дека, според нив, тогашниот премиер Заев и неговата Влада ја одземаат концесијата поради „политички причини“, односно за да соберат политички поени поради тенкото мнозинство кое го имаат во Собранието. Дополнително, Сардич наведува дека кривичната постапка против концесионерите, истрагите за перење на пари и замрзнувањето на имотот на Сардич било исто така политички мотивирано.
Трибуналот ги отфрла овие тврдења.
„Трибуналот ги сумираше горенаведените докази и е непотребно да се повторуваат. Доказите покажуваат дека постоел одреден степен на политичка нестабилност во периодот од 2015 до 2017 година, а тужениот и тужителите го опишуваат како време на „уставна криза“. Премиерот Заев дојде на власт со тесно мнозинство. Јасно е дека во Северна Македонија постоело движење кое се спротивставувало на рудниците. Се тврдеше дека премиерот Заев прифатил реторика против рударството за да генерира и добие поддршка што ќе му овозможи да ја задржи власта и да обезбеди гласови. Исто така, се наведува дека прекинувањето на концесиите било цел на ДОМ – зелена партија и коалициски партнер на СДМС.
Во поддршка на нивниот случај, тужителите се потпираат на предизборниот митинг на 1 октомври 2017 година во Валандово (каде што се наоѓа Казандол) каде што премиерот Заев се осврна на официјален став за запирање на рудниците, интервју објавено на 1 декември 2017 година кое содржеше антирударска реторика и телевизиско интервју на 13 декември 2017 година. Се потпираат исто така на инспекциите и околностите под кои постапката беше започната на 19 февруари 2018 година во Основниот суд во Скопјe.
Трибуналот смета дека иако имало политичка реторика околу Проектот, одлуката за прекинување била основана според законот (како што утврдиле Управниот суд и овој Трибунал), а доказите не покажуваат дека прекинувањето на концвесијата било изговор во која било смисла или направено со лоша намера. Факторите што водат до овој заклучок се следниве.
Прво, непочитувањето на член 13(1) (од договорот за Концесија) не беше првично посочено од страна на Тужениот(Република Македонија), туку од страна на независна невладина организација, т.е. во писмото на Транспаренси Интернешнл (Македонија) од 21 август 2017 година. Второ, Тужениот не брзал да донесува одлуки. Имаше шест инспекции од страна на три различни агенции (ДИТИ, ДИГУ и Државниот инспекторат за животна средина). Трето, државните службеници на Тужениот постапија на начин што укажуваше дека тие не сакаа да ја надминат својата надлежност.
Покрај тоа, доказите покажуваат дека Тужениот сакаше да осигура дека има валидна правна основа за раскинување на Договорот за експлоатација.
Во своите забелешки на 1 октомври 2017 година, премиерот Заев рече дека Тужениот ќе дејствува „мудро, обидувајќи се да не предизвика милионски штети на земјата“ – се наведува во интервјуто објавено на 1 декември 2017 година, тој рече дека Тужениот „не сакал да плати 70 милиони евра отштета“ и „[тимот] веќе работи на правните/формалните аспекти“.
Четврто, Тужениот внимателно го разгледал прашањето дали Договорот за експлоатација може законски да се раскине. Трибуналот ги разгледа стенографските белешки од седниците на Владата на кои се дискутирало за раскинувањето. Донесен е заклучок дека раскинувањето е оправдано и дека имало детална дебата. Нема ништо што укажува дека еколошките загрижености, противењето на рудниците или Зелената партија стојат зад одлуката за раскинување. Тужениот го следел советот на Секретаријатот за законодавство чие мислење било дека член 44 од Законот за концесии е „применлив“.
Трибуналот го прифаќа исказот на министерот Бектеши, кој во својата изјава како сведок изјави: Присуствував на 61-та седница на Владата на која се дискутираше за престанокот на концесијата Казандол и беше донесена одлука за престанок на концесијата. Секретаријатот за законодавство, како и членовите на Одделот за минерални ресурси (вклучувајќи ја и г-ѓа Митреска) беа поканети да учествуваат на таа седница и ги дадоа своите мислења и препораки. Иако имаше консензус дека прекршувањето на договорот од страна на Сардич, како што беше документирано од работната група, го оправдува престанокот, се сеќавам дека имаше различни ставови за тоа кои специфични законски основи и механизми треба да се повикаат. Сите вклучени повторно беа загрижени строго да се придржуваат до законот и соодветните процедури, а воедно да ги заштитат интересите на Државата. На крајот од дебатата, Владата едногласно ја усвои одлуката за престанок поради фундаментално прекршување врз основа на член 44 од Законот за концесии и јавно приватно партнерство.
Што се однесува до наводната политика против рударството, Трибуналот е убеден дека таа никогаш не достигнала фаза во која тужениот би дејствувал незаконски или би ги прекршил своите договорни обврски според Договорот за експлоатација.
Како што изјави министерот Бектеши во својата изјава како сведок:
Разбирам дека тужителите тврдат дека Владата на Заев имала политика против рударството. Тоа не е точно. Во кампањата во 2016 година, премиерот Заев не се кандидираше врз основа на платформа против рударството. Напротив, кога ја презедов функцијата, јас и другите членови на Владата го гледавме рударскиот сектор како еден од многуте важни придонесувачи за северномакедонската економија. Сè уште го гледам. Ме информираа дека тужителите ги темелат своите тврдења на изјавите дадени од премиерот Заев на есен 2017 година како лидер на Социјалдемократската партија за време на жестока кампања за општинските избори. Би ги разбрал овие изјави во специфичниот политички контекст во кој беа дадени. Сепак, спротивставувањето на рударството никогаш не претставувало владина политика. За време на мојот мандат како министер, ниту Министерството ниту Владата на Северна Македонија не усвоија политика на спротивставување на рудниците. Никогаш не била владина политика да се прекинат сите концесии за рударство, да се прекинат концесиите за рударство без законско оправдување или да се престане со издавање нови концесии. Наместо тоа, моето Министерство се стреми да ја поддржи рударската индустрија, инсистирајќи сите рударски операции да ги почитуваат нивните договори и законите на Северна Македонија, вклучително и законите за животна средина.“
Тужителите се жалат дека налозите за замрзнување и кривичната истрага „претставувале однапред оркестриран план“ за запирање на рудникот Казандол.
Трибуналот го отфрла овој аргумент.
Прво, спротивно на аргументите на тужителите, доказите покажуваат дека дејствијата биле законски иницирани од независни истражители и судски субјекти и спроведени во согласност со кривичната постапка на Северна Македонија. Особено, доказите покажуваат:
Дејствијата биле поттикнати од многу сомнителни трансакции склучени од Сардич, Копин и други поврзани со нив.
Во март 2017 година, FIO добил извештај за сомнителна трансакција (повторно, „STR“) од финансиска институција во која се забележани различни трансакции во текот на повеќе години во кои се вклучени неколку субјекти поврзани со тужителите.
FIO отворил случај и добил дополнителни информации од други органи.
Во декември 2017 година, ОЈО го упати случајот до Финансиската полиција и на крајот до Јавното обвинителство во април 2018 година. По приемот на дополнителни податоци, ОЈО побара од Јавното обвинителство да ги замрзне банкарските сметки на вклучените лица. Јавното обвинителство го одобри барањето, а судот издаде забрана. На 12 април 2018 година, Основниот суд во Скопјe ги одобри барањата на Јавното обвинителство за привремени мерки врз основа на македонското законодавство за кривична постапка.
Трибуналот забележува дека проф. Калајџиев потврди во своите докази дека привремените мерки не само што биле побарани и одобрени во согласност со македонското законодавство и кривична постапка, туку биле и во согласност со меѓународната јавна политика, која признава дека државата има интерес да преземе мерки за спречување на перење пари.
Трибуналот смета дека сите овие прашања се дел од законското вршење на полициските овластувања во врска со истрагата за перење пари. Нема доволно докази за да се заклучи дека налозите за замрзнување и кривичните истраги биле дел од заговор за нанесување штета на тужителите.
Реакции во Македонија
Нормално, шанса да се пофали не пропушти и актуелната Влада и тоа преку министерот Александар Николоски.
– Со трите добиени арбитражни постапки од „Казандол”, „Саса” и „Гама” заштедивме 565 милиони евра на Македонија. Имаме голем сомнеж бидејќи Ние како Влада ги добиваме арбитражните постапки, а претходната Влада се нудела да плаќа народни пари во постапките. Обвинителството е сега на потег, ги имаат на располагање сите документи и да проверат кој се договорал и учествувал во овие постапки, потенцира вицепремиерот Александар Николоски во интервју во Дневникот на ТВ Сител.
Универзитетскиот професор Тони Дескоски во објава на Фејсбук ја објасни правната позадина и значењето на арбитражната постапка за случајот „Казандол“, во која Македонија доби позитивна пресуда. Тој нагласува дека ваквиот исход е резултат на сложена работа на адвокатски тимови и експерти, со ангажман и на меѓународна адвокатска фирма специјализирана за инвестициска арбитража. Дескоски посочи дека оваа арбитража е една од петте покренати против државата во последните години, при што сите завршиле во корист на Македонија, што претставува значаен сигнал за странските инвеститори и показател за стабилноста на правниот систем.
Вчера беше објавена големата победа на државата во инвестиционата арбитража за одземената концесија за рудникот Казандол. Победата не е случајна, туку е резултат на долготрајна и макотрпна работа на огромен тим составен од адвокати и правници, но и на агажираните вешти стручни лица од најразлични области. Ангажманот на најреномираната меѓународна адвокатска фирма за инвестициска арбитража White &Case, сам по себе говори за сериозноста на пристапот на државата во овој случај.
Инвестициската арбитража е инструмент создаден од богатите западни земји, со цел на своите инвеститори да им овозможат директна арбитражна заштита против арбитрерното постапување на странските држави во кои го вложуваат својот капитал. Стана посебно актуелна по бранот на национализации и експропријации на претпријатија со странски капитал по успешните социјалистички револуции во ХХ-от век и извојуваната слобода на бившите колонии. Преку инвестициската арбитража богатите земји кои извезуваат капитал се ослободуваат од товарот од дипломатска интервениција (примена на најразлични видови на притисок) кон земјите каде е загрозен тој капитал, а земјите во кои е инвестиран капиталот добиваат можност во правораздавачка постапка, на рамна нога со странскиот инвеститор да се одбранат, односно да докажат дека нивните органи не постапуваат арбитрерно.
На Правниот факултет, јас го воведов предметот Инвестиционо право, каде што се изучуваат сегментите за заштитата на странските инвестиции, а посебно за инвестициската арбитража. Инвестиционата арбитража има една карактеристика која е посебно незгодна инструмент за земјите увознички на капиталот, а тоа е целосното преиспитување на постапките на нивните државни органи од страна на независни лица – арбитри. С. Македонија е земја увозничка на странски капитал и уште по независноста правилно се определи за отворена економија, но и за склучување на билатерални инвестициски договори со голем број на водечките економии во светот, но и со најзначајните економски партнери.
Инсвестициската арбитражата за концесијата Казандол произлезе токму од еден таков билатерален договор, оној со Украина од 1998 година. Таа е една од петте инвестициски арбитражи кои беа покрената против Република Македонија во еден краток (Кунико за Фени, Блажо Тасев за САСА, Бинаниеви за Тораница, Артем Скубенко и др. за Казандол и Гама Гуч за Те-ТО), а кои сите завршија во полза на државата.
На страната на Украинските инвеститори кои тврдеа дека арбитрерно им е раскинат концесискиот договор од Владата беше адвокатски тим предводен од Чери Блер, сопругата на поранешниот Британски премиер Тони Блер. Меѓу бројните ангажирани вештаци-експерти од нивната страна беа и две професорки од Правниот факултет во Скопје, Гордана Лажетиќ и Родна Живковска. Очигледно ни тоа не помогна за да се докажат тврдењата за арбитрерно постапување на државата спрема украинските инвеститори. Пресуди арбитражен совет предводен од врвен Англиски адвокат Али Малек, но во советот беа и две величини на инвестициската арбитража, Станимир Александров, ангажиран од тужителите и Јан Паулсон, ангажиран од тужената држава.
Победата во инвестициската арбитража за Казандол, но и победите во другите инвестициски арбитражи државата треба да ги искористи за промоција на С. Македонија како безбедна дестинација за странските инвеститори. Секако, и Правниот факултет може да се пофали со ангажманот на своите професори на страната на државатa, напиша Дескоски.
Со реакција се јави и поранешниот вицепремиер за финансии, Фатмир Битиќи, кој заедно со неговиот тим го воделе судскиот спор за Казандол. Битиќи кажа дека судскиот спор за лиценцата за рудник дадена од владата на ВМРО ДПМНЕ а одземена од владата на СДСМ траел до 2023 година, судскиот спор бил затворен а само се чекало на објавување на одлуката на арбитражата која вообичаено траела до две години.
Битиќи реагираше на потегот на Николовски да се фали за нешто за кое се бореле и го завршила претходната влада потсетувајки го Николоски дека забравил да каже дека лиценцата за рудник ја дале токму владата на ВМРО ДПМНЕ.
Пак ќе не заглават?
Редакцијата на Инфомакс на 29 август испрати прашање на официјалниот мејл [email protected] со прашање:
– Во врска со арбитражата за концесијата за рудникот Казандол, која Македонија ја доби, а државата беше застапувана од меѓународната компанија White & Case, ве замолувам за информација дали постои неподмирен долг кон истата компанија, колку изнесува долгот и дали од Владата е побарано средба со претставници на White & Case?
До денешен ден, односно два месеци по поставеното прашање, одговор немаме добиено.
И додека од Владата ги игнорираат новинарските прашања на кои се должни да одговорат, неподмирен долг кон една од најпознатите меѓународни правни компании не може да ѝ донесе ништо добро на државата. Напротив, може да донесе нови процеси, кои ќе чинат нови милиони, а на крај секако White & Case ќе мора да бидат исплатени, а ние ќе дадеме уште некој милион за време на процесот.
Колку чини твоето здравје?
Додека некој врти милиони, зема поткупи, а потоа ја заглавува државата вие размислете колку чини вашето здравје? Вратете се погоре и прочитајте како се земаат 2,6 милиони евра и сетете се колку ваши роднини, пријатели или блиски се бореле со рак во последниве години.
2,6 милиони евра, поделени со два милиони жители се 1,3 евра по човек.
1,3 ЕВРА. За толку ли ќе нѐ продаваат? Толку ли вредите?