Aко нема договор за Вреди, Гаши ќе даде оставка од функцијата претседател на Собранието
При трансформацијата на коалицијата Вреди во партија, клучни се два принципа – рамноправноста и консензуалното одлучување, смета претседателот на Собранието и поранешен лидер на Алтернатива, Африм Гаши. Ова значи дека Алтернатива не се согласува со понудата на лидерите на Беса и на Демократско движење, Билал Касами и Изет Меџити во Вреди, која треба да се трансформира од коалиција во партија, да има двајца претседатели, а нивните партии да имаат по 35 отсто учество во партиските тела на Вреди, додека останатите 30 отсто да ги поделат Алтернатива, фракцијата на Алијанса за Албанците, предводена од вицепремиерот Арбен Фетаи, потоа „Самоопределување“ претставена преку Беким Ќоку, и Движењето Арберија. Ако сите ги имаат овие ставови предвид, Гаши сепак се надева дека ќе се постигне договор Вреди да стане партија. Во спротивно, тој е дециден дека Алтернатива нема да биде коалициски партнер на партијата Вреди и во таков случај ќе поднесе оставка на претседателската функција во Собранието.
Против понудата за копретседателство на Касами и Меџити во партијата Вреди е и фракцијата на АА, предводена од Фетаи.
„Слободен печат“ ексклузивно објави дека Касами и Меџити си подале рака за копретседателство, односно дека се договориле идната партија да има двајца претседатели и еднакво учество во партиските тела од по 35 отсто.
– Сегашниот претседател на Алтернатива, Беким Сали, ја има мојата целосна поддршка да одлучи како мисли дека е најдобро за партијата. Сакам да ве уверам дека зборуваме и гледаме да најдеме најдобар начин како да се спои Вреди, а тоа да има позитивни ефекти, не само за одредените политички партии и за албанскиот политички спектар, туку воопшто – за стабилизација на партиската политичка номенклатура во државата. Кога во еден блок има дисбаланс, има многу партии, тоа се одразува и кај другата страна и при релациите за формирање влада. Мислам дека треба да ја надминеме фазата на атомизација на партиите, треба да одиме кон окрупнување – рече Гаши на брифинг со новинарите.
Тој вели дека во Алтернатива повеќе се разговара за принципите и концептите кои ќе ги брани идната партија Вреди – за што ќе се залагаат, а не за тоа кој ќе биде претседател.
– Побитно е за што ќе се залага Вреди, за кои вредности, каква идеологија ќе има, каква програма, да најдеме начин тоа да биде добро споено, зашто сепак се работи за четири политички партии. Ние поминавме два тешки циклуса кои беа успешни и мислам дека два моменти се најбитни – тоа е рамноправноста како принцип и консензуалното одлучување. Тие два клучни принципи нè донесоа дотука и мислам дека добро е да се имаат на ум овие два принципа. Понатаму, Вреди треба да оди кон поголема хомогенизација, но да оди внимателно без да се направи штета – вели Гаши.
Тој одби да се изјасни дали Алтернатива го отфрла предлогот на Касами и на Меџити и вели дека, откако Сали ќе ги сумира различните мислења, позицијата на Алтернатива ќе биде претставена пред другите лидери.
– Мојот мозок размислува за што сум, а не за што – не сум. Кажувам што мислам дека е добро. Како ќе каже Беким Сали и како ќе се договориме во партијата, јас тоа ќе го поддржам. Ако Алтернатива ја одбие понудата, ќе дадам оставка од функцијата претседател на Собранието. Сите разговори кои се водат се како да се направи Вреди партија и да се најде најдобриот начин за тоа. Нема големи разидувања и дилеми, само се бара најдобриот начин – вели Гаши.
Алтернатива нема да го следи ни потегот на Беса, која ги распушти највисоките партиски тела, со што, де факто, го почна процесот на трансформација на коалицијата Вреди во партија. Меџити изјави дека ќе го следи потегот на Касами, а на тоа ги повика и другите коалициски партнери. Според Гаши, не е пречка ако Алтернатива не ги распушти партиските органи, бидејќи тие одамна прогласиле мораториум на партиските настани и сè се одржува во рамките на Вреди.
Фракцијата на АА, предводена од Фетаи, е за моделот на ротирање на партиското раководство. Министерот за здравство, Азир Алиу, во интервју за Алсат, рече дека според АА, овој модел создава еднаквост, но рече дека нема ништо против партијата да ја води лидер кој би бил обединувачка фигура.
– Сепак, ставот е да имаме внатрешно синхронизирана структура, со цел, она што го кажав, покрај управувањето со дневните политики, да управуваме и создаваме, да ја обликуваме политичката и инфраструктурната иднина во државата. За нас е важно Вреди да има цел. Се подразбира дека е многу добро да има ротација за да се чувствуваат сите подеднакво вредни внатре, но ако се најде друга формула – да има лидер кој ги обединува сите од Вреди, тоа не е проблем – рече Алиу.
Како што веќе објавивме, според брифингот на функционерот, Касами и Меџити сметаат дека понудата е фер, бидејќи Беса и Демократско движење имаат најбројно членство, најразвиена партиска структура и дека се најзаслужни за победите на парламентарните и на локалните избори на коалицијата Вреди во борбата во албанскиот политички кампус.
Извор: Слободен Печат
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Aко нема договор за Вреди, Гаши ќе…
При трансформацијата на коалицијата Вреди во партија,…
Ковачки: Македонија е лојален и доверлив партнер…
Како повеќепартиска делегација деновиве сме во посета…
Братот на Џефри Епштајн го обвини Министерството…
„Сега знам дека е убиен“, рече Марк…
Стопанската комора на Македонија дава поддршка на…
Претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко…
Радев е омилен во Бугарија, но не…
Ново истражување на јавното мислење, спроведено од…