MНР ги искара Бугарите: Заканите за атентат на Пендаровски од бугарски политичари биле потклекнување кон провокациите

t

Министерството за надворешни вработи со внимание ги следи изјавите и активностите кои доаѓаат од Република Бугарија и со жалење констатира дека последните активности на официјална Софија, не се во согласност со договорената практика за унапредување на меѓусебните односи; напротив, тие претставуваат потклекнување кон провокациите на оние кои сакаат да ги нарушат напорите на двете Влади за стабилен и позитивен развој на односите меѓу двете земји.

Иако повикувањето на амбасадор на консултација во матичната држава е право на земјата испраќач и редовна дипломатска пракса, Министерството за надворешни работи изразува жалење за ваквиот чекор кој смета дека е неоснован, непоткрепен со валидни аргументи и непропорционален.

Република Македонија покажа силен демократски и институционален капацитет и низ брза и ефикасна постапка го стави последниот инцидент низ правосудните процеси, откривајќи ги и приведувајќи сторител на кривичното дело, против кого активно се водат истражни дејствија.

Дополнително, преку своите изјави на највисоко ниво, Претседателот на државата, Премиерот на Владата и Министерот за надворешни работи го осудија инцидентот, а Министерот дополнително оствари итна посета на Софија, вклучувајќи посета и на повредениот со цел јасно да ја демонстрира одлучноста на државните органи во обезбедување правна сигурност, безбедност и одржлив јавен ред.

Во периодот што следи остануваме внимателно да ги следиме сите изјави и постапки на официјална Софија, очекувајќи смирување на страстите и отстранување на провокациите, со цел повторно враќање на дипломатските активности, на приоритетите кон заедничките проекти, работните групи итн., кои се во насока на зачувување и унапредување на добрососедските односи.

Реакцијата на МНР доаѓа откако вчера бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски, во изјава за бугарска Нова, коментирајќи ја изјавата на претседателот Стево Пендаровски дека ќе ѝ предложи на Владата европратеникот Џамбаски да биде прогласен за персона нон грата, индиректно му се закани со атентат, потсетувајќи на атентатот на српскиот крал Александар Караѓорѓевиќ.

На прашање на новинарот на Нова дали се препознава во изјавата „на еден европратеник од Бугарија ќе му биде забранет влез во Македонија, а ако се обиде да влезе, ќе биде прогласен за персона нон грата“, Џамбаски одговара

„Што се однесува до тоа да ми биде забрането да влезам во Македонија, нека се потсети Стево Пендаровски, претседателот на Северна Македонија, познат по прекарот Стево Коминтерната, дека многу други луѓе се обиделе да им забранат влез на лидери на ВМРО во Македонија и резултатот на тоа бил да речам, последниот таков резултат се случил со југословенскиот, српски крал Александар Караѓорѓевиќ. Така што, да учиме од историјата, ако се обиде да ми забрани влез во Македонија, нека ја види историјата и нека учи од неа“, изјави тој.

Инаку, кралот Александар Караѓорѓевиќ бил убиен во атентат во Марсеј, од страна на Владо Черноземски, по наредба на ВМРО, на 9 октомври 1934 година.

На прашањето дали планирал да дојде во Скопје на 4 февруари заедно со поголема група луѓе да ја одбележат 151-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев, Џамбаски рече дека не планирал бидејќи имал други обврски, но сега не би можел да ја одбие „ваквата љубезна покана“.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Јанчев: Кожуф е наш дом, нема да…

Емотивна реакција од пратеникот на Левица, Сашко…

Пожар кај селото Јосифово, побарана воздухопловна поддршка

Пожар денеска избувнал во атарот на валандовското…

Министерот за внатрешни работи требаше да понесе…

Јавноста во Кочани будно ќе го следи…

Зеленски: Ни треба заштита, Украина е под…

Украинскиот претседател Володимир Зеленски нареди целосна истрага…

Захарова: Некој намерно назначува потомци на нацисти…

Некој намерно назначува потомци на нацисти на…