Oд печат излезе првиот роман за Блаже Конески: „Излезе сејачот да сее“
„Излезе сејачот да сее“ од Паскал Гилевски е прв и досега единствен роман за Блаже Конески за кој, рецензентката Весна Мојсова-Чепишевска, пишува дека со сите свои фикциски и фактички моменти е вистински споменик за Конески.
– За оној Конески што не го познаваме, за оној Конески надвор од сите негови книги, ститии, песни, граматики, истории што ни ги остави во аманет, наведува универзитетската професорка Мојсова-Чепишевска.
Според неа, романот на Гилевски е граден низ силна дијалошка форма на повеќе култури.
– Па така, овде не разговара само Гилевски со Конески, туку разговараат и Блаже Конески и Иво Андриќ, Блаже Конески и Мирослав Крлежа, Ѓула Илјеш и Блаже Конески, Конески и Шандор Петефи, Конески и Ласло Наѓ, но и Конески и Пол Елијар на „закажаните средби“ од страна на Паскал Гилевски, исто онака како што на маса во кафеана наздравуваат францускиот коњак, чашата џин и шишето кавадаречко црвено вино. Овде разговара македонската култура преку своите најеминентни претставници и со унгарската, француската, грчката, српката (па) и бугарската култура, напоменува Мојсова-Чепишевска.
Поврзувајќи го насловот на романот со параболата за сејачот од Новиот завет, односно за семето кое и покрај сите неуспеси, на крајот успева да пушта корен и да дава голем принос, да дава храна која ќе ги храни и телото и душата, Мојсова-Чепишевска укажува на прашања на кои поттикнува делото на Гилевски: Беше ли таков сејач нашиот Конески и остави ли безброј оптимистички параболи?
Според рецензентката, поупатениот читател ќе се насочи и кон краткиот осврт или малиот есеј на Конески, со ист наслов како и овој роман „Излезе сејачот да сее“, првично објавен во списанието „Одјек“, во 1979 година.
– Во тој текст, христијанската парабола за сејачот, како што е нагласено во рецензијата, Конески ја употребува со цел отворено да зборува за литературното влијание и низ метафоричната слика за семето како збор да го искаже своето противење кон ставот дека литературното влијание е некаков механички процес. „Впрочем ова е и клучната идеја која ја носи целата приказна во романот „Излезе сејачот да сее“ на Паскал Гилевски“, нагласува Мојсова-Чепишевска.
(МИА)