Административците ќе добијат 40 отсто зголемување до 2028, а другите плати остануваат на „листа на чекање”

t

Владата и УПОЗ се договорија за зголемување на платите на 7.800 административци за 40 отсто во периодот од две години. Фрлената ракавица е прифатена, синдикатите и власта се најдоа на половина пат за дел од барањата. Но, прашањето за зголемување на минималецот и останатите плати сè уште останува да виси. Претседателот на Сојузот на синдикати, Слободан Трендафилов, го покани премиерот Христијан Мицкоски утре во 9 часот да дојде во зградата на ССМ и заедно да го потпишат колективниот договор со кој платите на административците ќе се зголемат за 40 отсто, но тоа да се случи веднаш, а не по две години.

Премиерот Мицкоски рече дека е подготвен за средба и оти немало потреба од јавни коментари поврзани со оваа тема бидејќи ова зголемување го предложил уште пред една година.

– Ова јас го предложив уште минатата година, само што тогаш беше на четири рати, бидејќи во пресметките беше опфатена и 2025 година, сепак, на крајот резултатот е повторно ист. Сега ни остануваат уште 2 години и 2-3 месеци за преговори. Останува синдикатите да се согласат делот за плати во веќе изминатиот општ колективен договор, кој е збунувачки, да се тргне. Да се посветиме на овој договор за зголемување на платите и во рамките на овие две години да го договориме и тој дел. Ние сме подготвени да преговараме и оваа понуда стои на маса цела година. Мојот став е ист, и тогаш и сега. И на овој начин, Владата ќе ги регулира односите онаму каде што таа е работодавач, изјави Мицкоски.
Претседателот на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани – УПОЗ, Трпе Деаноски, вели дека ова било прифатливо за нив уште пред една година и велат – ова не е понуда на Владата, туку барање на синдикатот од 2025 година.

– УПОЗ го прифаќа овој предлог. И овој предлог беше прифатлив уште пред една година. А, зошто се чекаше една година, тоа некој друг треба да одговори. А, уште поприфатлив е новиот предлог, ако можам да се изразам така, за две години администрацијата и правосудството да добијат 40 отсто повисоки плати. Понеделник, вторник, среда, кога му одговара на премиерот и кога им одговара на министрите да се дојде и да се потпишат овие колективни договори и да ја завршиме оваа голгота бидејќи административците и колегите од правосудството имаат најниски плати во државната и во јавната администрација, изјави Деаноски.
Што се однесува до барањето на ССМ за зголемување на минималната плата на 600 евра и зголемување на останатите плати за 100 евра, премиерот го повтори ставот на Владата дека за висината на минималната плата треба да се договорат синдикатите и работодавачите.

– Нашиот став е јасен, работниците и работодавачите се тие што во бипартитен дијалог треба да најдат решение за минималната плата. Владата, во рамките на Економско-социјалниот совет, е само фасилитатор, односно посредник – повтори Мицкоски
Опозицискиот СДСМ минатата недела повторно поднесе предлог-закон за зголемување на минималната плата на 600 евра, согласно со реалните потреби на работниците и јасните барања на синдикатите.

– Сегашното ниво од 400 евра минималната плата не обезбедува доволно заштита на животниот стандард и не ја следи реалната структура на трошоците на едно просечно домаќинство. Македонија денес има најниска минимална плата во регионот и во Европа, велат од СДСМ.

Блокада на Собранието и генерален штрајк се двата следни чекори што ги најави Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), по протестот во средата во Скопје. Прво ќе биде блокирано Собранието и пристапот на пратениците кај кои една година стојат законските измени за зголемување на минималецот.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Административците ќе добијат 40 отсто зголемување до…

Владата и УПОЗ се договорија за зголемување…

До 5 февруари пријавување за субвенциониран студентски…

Министерството за образование и наука ги информира…

Руски дрон погоди родилиште во Украина, повредени…

Руската војска со дрон целеше град, погодувајќи…

Остар пад на цените на златото

На почетокот на 2026 година, цените на…

Зеленски објави дека на 4 и 5…

Новата рунда преговори меѓу Украина и Русија,…