Азески: Бизнисот бара отворање на границите и почитување на европските принципи
Претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески денеска уште еднаш порача дека бизнисот бара отворање на границите, натамошна борба против корупцијата и сивата економија, гасификација, поддршка на извозот, како и континуитет на правните прописи.
Како што истакна Азески во обраќањето на форумот што го организира Комората, регионот мора многу повеќе да соработува и да ги почитува европските вредности.
– Го имам прошетано цел Балкан, нема метар квадратен каде што не сум бил, сум го сретнал секој втор човек и сум видел само зелени глави, ништо друго зелено не сум видел, зелени глави кои не разбираат дека треба да соработуваме. И мислам дека денеска упатуваме јасна порака на таа тема. Да, ние сме за поддршка на сите суштински прашања, темелни принципи и вредности, но тоа не можеме да го направиме како на копче кога некој ќе нè рестартира, туку ќе го направиме тогаш кога ќе изградиме цврсти темели во сопствената држава и тоа ќе го прошириме на регионот, напомена Азески.
Според него, улогата на стопанските комори е, особено денес, во овие услови – на криза, што побрзо на компаниите да им укажат колку е важна синергијата меѓу одржливоста и конкурентноста.
– Уште еднаш јавно кажуваме – бараме отворање на границите на сите можни начини. И тука ја поддржуваме Владата на Република Македонија која чини напори со бизнисот да ги отвори портите на соработката. Тоа особено е изразено во последниве шест месеци, кога заеднички се настапува во сите земји – значајни економски партнери за нас. Тоа мислам дека ќе продолжи и во наредниот период, потенцира Азески.
Оцени и дека македонската држава изминатите години успеа да изгради силни темели кои овозможуваат денес да се справува со сериозни предизвици.
– Што е она што недостига? Она што недостига е платформа за темелни вредности од кои нема да се откажеме по ниту една цена, а тоа се: борба против корупцијата и сивата економија, брза гасификација, поддршка на извозот и континуитет на правните прописи и одлуки. Имплементацијата на платформата треба да достигне највисоко ниво зашто претставува основа за развој на демократските вредности кон кои сите се стремиме. Дали имаме напредок на тој план? Имаме огромен напредок. Нормално. Во 32 години да излезеш без сериозни последици од енергетска, финансиска и тешка здравствена криза, од две тешко кризни ситуации – една на наша територија, една во соседството и да го реформираш системот, не е мала работа. Сега нема за нас враќање назад, одиме напред кон овие вредности, но ги повикуваме и другите чинители во државата, МАНУ, универзитетите, невладиниот сектор да ни се придружат, за да се наметнат ставови кои се во интерес и на фирмите и на граѓаните и на државата, подвлече Азески.
На форумот обраќања имаа и премиерот Христијан Мицкоски, министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски, како и евроамбасадорот Михалис Рокас.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Азески: Бизнисот бара отворање на границите и…
Претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески денеска…
Рударството и автомобилската индустрија предничат во битката…
Македонија треба да работи на експанзија на…
Мицкоски: За 34% е зголемен буџетот во…
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија,…
Околу 100.000 работни места во „Фолксваген“ може…
Извршниот директор на „Фолксваген“, Оливер Блум, планира…
Минималниот износ за К-15 изнесува 19.116 денари
Од 1 јули компаниите во приватниот сектор…