Алиу најави можност лекар да може да евидентира во систем доколку забележи пациент што претрпел насилство, а не го пријавил

t

Анализите покажуваат дека, освен семејно насилство, има и институционално насилство во системот – изјави министерот за здравство Азир Алиу на денешната собраниска седница на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите, на која се разговара за спроведување на законите, политиките и институционалните мерки за превенција и заштита од семејно насилство, од аспект на еднаквите можности, институционалната координација, предизвиците и можностите за унапредување на ефикасноста на постапувањето на органите на извршната власт.

– Планираме со Комората на лекарите во текот на лиценцирањето на лекарите да има еден модул што ќе биде многу повеќе фокусиран на насилството во здравствените институции и навреме да ги откријат – информира министерот за здравство.

Со Комората на лекарите било во план, кога ќе се даде лиценцата, таа да ги содржи потребните обуки.

– Заедно со Министерството за образование и наука дефинираме кои треба да бидат протоколите и материјалите на академско ниво, во текот на студиите или на ниво на средно училиште. Националниот регистар, потенцирам, е многу значаен и ние работиме во овој дел за подигнување на инфраструктурата за националниот регистар – посочи Алиу.

Министерот се осврна и на плановите лекар да може да евидентира во систем доколку забележи дека некој пациент претрпел насилство, а не пријавил.

– Тие не може да се земат како реални информации бидејќи пациентот не ги пријавува како насилство, но во системот можеме да ги следиме. Доколку пациентот доаѓа со истите знаци и по еден месец или по една година, ние може со оваа услуга да ги пријавиме и од правен, психолошки аспект, да видиме што се случува со пациентот, зошто не го пријавува ова насилство – појасни министерот.

Тој рече дека се координираат со Светската здравствена организација, која, нагласи, јасно ги дефинира насоките како ќе се третираат пациенти што претрпеле насилство.

– Идејата е да создадеме протокол што ќе има „уан стоп“ (one stop) центар, кој ќе биде дел од болниците во кои нема да биде само лекарот, туку ќе има и психолог и правник, кој од законски аспект ќе ги третира процесите. Така што, ова се протоколите, кои се стандардизирани, ние ќе ги земеме и ќе ги спроведеме во здравствениот систем – додаде министерот за здравство.

Алиу посочи дека се покажало оти доколку еднаш има насилство, тоа се повторува.

Беше кажано дека оваа надзорна расправа е посветена на една од најсензитивните и најважни теми – превенцијата и заштитата од семејно насилство. Дека семејното насилство не е само социјален, туку и сериозен здравствен проблем. Затоа улогата на здравствениот систем е клучна како во раната детекција така и во обезбедувањето соодветна поддршка за жртвите.

Според соопштеното, во тек е подготовка на програма за зајакнување на здравствениот систем за 2027 година, со предвиден буџет од 2 милиони денари, која ќе опфати превенција, бесплатни услуги за жртвите, кампањи за подигање на свеста и обуки за здравствените работници. Паралелно, се работи на интеграција на центрите за сексуално насилство во систематизацијата на јавните здравствени установи, со што овие услуги стануваат траен дел од системот, а не привремени проектни активности.

Се истакнува дека особено значајно е поврзувањето на овие центри со електронскиот систем „Е-здравство“, што се очекува да овозможи системско евидентирање на случаите и креирање политики врз основа на реални податоци.

Се унапредувала улогата на координаторите за еднакви можности, со цел подобра институционална координација и интероперабилност. Во делот на законската рамка, беше споделено дека се прават важни исчекори, како што е вклучување на насилството како основ во Законот за здравствената заштита, како и повторно воспоставување регистар за насилство во рамките на здравствениот систем.

Како предизвици на што мора да продолжи да се работи, се издвојуваат и континуирана едукација на здравствените работници за препознавање и постапување, подобра координација меѓу институциите, еднаква достапност на услугите во сите региони и најважно – градење доверба кај жртвите во системот.

Беше истакнато дека целта на надлежните е да се изгради систем што не само што реагира туку и превенира. Систем што ќе обезбеди навремена, координирана и човечка поддршка.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

По 10 години се ажурира листата на…

Министерот за здравство, Азир Алиу, соопшти дека…

25 години од почетокот на воениот конфликт…

Денеска се навршуваат 25 години од официјалниот…

Гаши: Таа ноќ Кочани и Македонија изгубија…

Некои ноќи завршуваат рутински, некои ноќи завршуваат…

За 8 март дури осум пријави за…

На 08.03.2026 во 23:00 часот во Скопје,…

Лишен од слобода насилник кој ја нападнал…

Лишен од слобода насилник од охридско, во…