Амбасадорот на ЕУ во Скопје, Рокас: Неопходно е обединување за надминување на пречките за влез во ЕУ
Евроамбасадорот во Скопје, Михаил Рокас, оцени дека Северна Македонија има целосна поддршка за членство во Европската Унија и дека во овој период е клучно да се постигне внатрешно обединување околу евроинтегративниот процес. Според него, широка политичка и општествена согласност – од институциите, опозицијата и граѓанскиот сектор до деловната заедница и младите – е неопходна за да се забрзаат реформите и да се искористи политичкиот момент.
Рокас говореше на презентацијата на истражувањата „Анализа на јавното мислење за пристапување во ЕУ (2014-2025)“ и „Нови глобални неизвесности, стари европски обврски“, одржана во Собранието. Тој посочи дека иако дел од граѓаните го перцепираат надворешниот фактор како пречка за членство, доколку се обезбеди внатрешен консензус, останатите бариери ќе бидат надминати.
„Ако постигнеме единство, пречките ќе се надминат. Не станува збор само за можност која треба да се искористи, туку и за специфичен политички момент“, рече Рокас, нагласувајќи дека актуелните услови не можат да се споредат со ситуациите пред неколку години.
Тој посочи дека Европската Унија останува партнер со најголема доверба кај македонското население. Како позитивен сигнал го издвојува и зголемувањето на поддршката за членство – од 61 на 71 процент во споредба со минатогодишното истражување – како и фактот дека најголема поддршка даваат младите, а етничките и политичките разлики се намалуваат.
Меѓу приоритетите што ги издвојуваат граѓаните, рече Рокас, се реформите поврзани со владеењето на правото, борбата против корупцијата и заштитата на животната средина. Според него, охрабрувачки е и податокот дека расте бројот на граѓани кои веруваат дека земјата ќе влезе во Унијата.
Германската амбасадорка Петра Дрекслер нагласи дека е важно да се разбере како се обликува јавното мислење за евроинтеграциите и како се менува во континуитет. Осврнувајќи се на глобалната геополитичка констелација, таа оцени дека Европа се соочува со сериозни предизвици, но дека интеграцијата на земјите од регионот останува непроменета цел.
Според Дрекслер, истражувањето покажува дека кредибилитетот на процесот на пристапување е зајакнат и дека намалувањето на довербата кај граѓаните е сопренo.
„Не станува збор само за економските придобивки. Важно е чувството на припадност и перцепцијата дека институционалните реформи, владеењето на правото и функционалноста на државата го движат процесот“, рече таа.
Како што додаде, резултатите треба да се искористат за да се дефинира патот кон напредок во следниот период.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Амбасадорот на ЕУ во Скопје, Рокас: Неопходно…
Евроамбасадорот во Скопје, Михаил Рокас, оцени дека…
Форум за разумни политики: В.д. претседателката на…
Форумот за разумни политики (ФРП) денеска го…
Посебна виза за професионалните возачи ќе ги…
Европската Унија првпат ќе го отвори прашањето…
(Во живо) Пешевски: Генерален штрајк во приватен…
Секој ден ќе бидеме пред Влада додека…
(Фото+видео) Река од народ се движи кон…
Река од народ се движи кон Владата.…