Објавено на:

Брисел му возврати на Трамп: Ќе го браниме Гренланд!

t

Европската комисија во средата одговори на новите изјави на американскиот претседател Доналд Трамп за трговските односи со Шпанија и Европската Унија, како и на неговите повторени тврдења дека Гренланд би требало да стане дел од Соединетите Држави.

Говорејќи на прес-конференција во Брисел, заменикот на главниот портпарол на Европската комисија, Олоф Гил, нагласи дека Брисел очекува Вашингтон да ги почитува преземените обврски во областа на трговијата.

Гил истакна дека ставот на Европската комисија за трговските односи со САД останува непроменет.

„Комисијата беше многу јасна и доследна по тоа прашање, а нашиот пристап нема да се менува“, изјави тој, пренесува „Гардијан“.

Тој додаде дека трговските односи меѓу Европската Унија и Соединетите Држави се длабоко поврзани и корисни за двете страни.

„Затоа е во заеднички интерес да се зачува тој однос. Тоа денес е поважно од кога било, во време на глобални нарушувања“, порача тој.

Потсети и дека ЕУ и САД минатата година потпишаа заедничка изјава и нагласи дека Брисел очекува Вашингтон да ги исполни преземените обврски.

„Очекуваме САД да ги почитуваат обврските од заедничката изјава, исто како што и ние ги исполнивме“, рече Гил.

Тој додаде дека Европската комисија ќе продолжи да ги штити интересите на сите држави членки.

„Комисијата секогаш ќе се погрижи интересите на Европската Унија и на сите нејзини држави членки да бидат целосно заштитени. Ќе продолжиме да се залагаме за стабилна, предвидлива и взаемно корисна трансатлантска трговија.“

Европската комисија се осврна и на новите изјави на Трамп за Гренланд, во кои тој повторно уверуваше дека таа автономна територија треба да им припадне на Соединетите Држави.

Гил порача дека иднината на Гренланд е исклучиво прашање на неговите жители и на Данска.

„Гренланд е автономна територија во составот на Кралството Данска. За иднината на Гренланд одлучуваат Гренланѓанците и Данците“, рече тој.

Тој нагласи дека територијалниот интегритет, националниот суверенитет и неповредливоста на границите се темелни принципи на меѓународното право.

„Тие принципи се клучни не само за Европската Унија, туку и за државите ширум светот. Нема да престанеме да ги браниме, а Европската Унија е во целосна солидарност со Данска и со народог на Гренланд“, заклучи Гил.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Брисел му возврати на Трамп: Ќе го…

Европската комисија во средата одговори на новите…

Трамп никогаш не сакал да го нападне…

Заканите на американскиот претседател Доналд Трамп за…

Кралот на Данска патуваше низ Гренланд со…

Данскиот кралот Фредерик X патувал низ Гренланд…

Данска: Гренланд има сопствена здравствена заштита, не…

На Гренланд не му е потребна насочена…

Трамп ќе испрати болнички брод на Гренланд…

Американскиот претседател Доналд Трамп и гувернерот на…