Бујар Османи од Атина: Го поддржувам предлогот на Мерц за постепената интеграција на земјите кандидатки на ЕУ
Писмото што германскиот канцелар Фридрих Мерц го испрати до лидерите на земјите членки на Европската Унија, во кое предлага иновативни решенија за процесот на проширување на Унијата, веќе станува тема на дебата во европските кругови, а почнаа да пристигнуваат и првите реакции и ставови за неговата содржина од домашните политичари. На предлозите на Мерц денеска се осврна потпретседателот на Демократската унија за интеграција (ДУИ) и поранешен министер за надворешни работи на земјава, Бујар Османи.
На панелот насловен „Безбедноста на Европа на раскрсница“ во рамките на Атинскиот безбедносен самит, на кој се дискутираше за новите безбедносни предизвици во Европа по руската агресија врз Украина и импликациите за регионот на Западен Балкан, стана збор и за писмото или, како што уште го нарекуваат, нон-пејперот на Мерц.
Османи во својата дискусија на панелот рече дека го поддржува писмото на германскиот канцелар во кое предлага постепена интеграција на земјите кандидатки во ЕУ, посочувајќи како и Мерц дека не станува збор за некаква алтернатива на полноправното членство. Осврнувајќи се на темата, тој, условно кажано, го отвори прашањето за авторството на идејата, за што, во шеговита смисла, кажа дека не се обидува да се расправа со германскиот канцелар. Имено, поранешниот шеф на македонската дипломатија потсети на нон-пејперот што во 2023 година го објави Министерството за надворешни работи, а во кое се говореше за постепена интеграција пред членство во ЕУ и објасни што значи тоа.
„Го споменавте писмото што денес канцеларот Мерц го испрати до Европската Унија за постепената интеграција, и не се обидувам да се расправам со него за авторството на идејата, само за да објаснам што значи тоа. Во 2023 година Министерството за надворешни работи на Северна Македонија објави нон-пејпер кој го нарековме ‘повеќе интеграција пред членство’ и никогаш не го замислуваме како алтернатива на полноправното членство. Значи, полноправното членство останува конечен исход. Но, она што го сфаќаме е дека процесот е бинарен, нема ништо сè до самото членство, а потоа добивате сè и ова доаѓа како шок за земјите членки на ЕУ и затоа тие постојано го одложуваат, a кандидатите се фрустрирани. Затоа помисливме дека можеме постепено да го направиме процесот посуштински и тоа го предвидовме три столба, од кои едно е учество во политичкото тело на Европската Унија, бидејќи кандидатите ги исполнуваат критериумите“, рече Османи.
Како пример тој ја наведе Северна Македонија, која, како што рече, за време на неговиот мандат како шеф на дипломатијата 100 проценти се приспособи на заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија, но и покрај тоа не добила место во Советот за надворешни работи на ЕУ.
„Испратив писмо до тогашните високи претставници зошто не седам на масата на Советот за надворешни работи бидејќи ние 100 отсто влегуваме во единствениот пазар постепено зашто земјата кандидат ги исполнува критериумите и исто така стануваме подобни за кохезивна и структурна интеграција, затоа што ги исполнуваме критериумите. Така, земјите почнуваат да ги чувствуваат придобивките од процесот на патот кон интеграција, а земјите членки (на ЕУ) не доаѓаат во шок, туку постепено ги вклучуваат земјите. И затоа го поддржувам тоа, како што го поддржувам ова писмо на канцеларот, но повторно да објаснам дека ова не е алтернатива на конечното членство ниту за Украина ниту за земјите од Западен Балкан“, рече потпретседателот на ДУИ и ексминистер за надворешни работи.
За помалку упатените, во писмото до лидерите на Европската Унија, германскиот канцелар предлага Украина да добие модел на „асоцијативно членство“ како преодна фаза кон полноправно членство. Тој модел би овозможил учество на украинските претставници во работата на институциите на ЕУ без право на глас, како и постепена примена на европското законодавство.
Во однос на Западен Балкан и Молдавија, Мерц предлага забрзана и постепена интеграција преку привилегиран пристап до внатрешниот пазар на ЕУ и поблиско вклучување во европските институции.
Според него, ваквиот пристап би можел да создаде нова динамика во процесот на проширување и да ги поттикне реформите во земјите кандидати, но и да ја зајакне геополитичката улога на Европската Унија.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Бујар Османи од Атина: Го поддржувам предлогот…
Писмото што германскиот канцелар Фридрих Мерц го…
Австрија истражува двајца осомничени за „Сараевско сафари“
Австриското правосудство отвори истрага против две лица…
Брнабиќ: Правилата на играта за влез во…
Претседателката на Народното собрание на Република Србија,…
Уапсен малолетник во Тетовско – Полицијата со…
Полициски службеници од Полициското одделение Групчин на…
Филипче: ВМРО им мачка очи на граѓаните…
ВМРО им мачка очи на граѓаните со…