Вајц: Северна Македонија да испорача реформи, а ЕУ да ги исполни своите обврски
Процесот на пристапување е сопрен, а напредокот во клучните области, особено владеењето на правото и борбата против корупцијата, е недоволен. Со оваа порака, известувачот на Европскиот парламент за Македонија, Томас Вајц, го отвора годинешниот нацрт-извештај за земјава, кој на 26 февруари ќе го презентира пред Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент.
Во документот се нотира дека Македонија се наоѓа во тешка позиција, со застој во пристапниот процес, ограничени административни капацитети и недостиг од долгорочна политичка посветеност. Вајц повикува на нова итност и опипливи резултати од Владата и парламентарното мнозинство.
„Северна Македонија моментално се наоѓа во тешка позиција, бидејќи процесот на пристапување е сопрен. И покрај некои позитивни реформи, напредокот на Реформската агенда на ЕУ – особено во клучни области како владеење на правото, реформите на правосудството и борба против корупцијата е недоволен. Ова се должи на изборната кампања, ограничените капацитети во јавната администрација и недостигот на долгорочна политичка посветеност.“
Во извештајот се наведува и дека нема напредок околу уставните измени, поради стравувања од нови билатерални блокади. Во услови на војна во Украина и нова геополитичка реалност, Европа, според Вајц, мора да остане обединета, но проширувањето ќе остане строго засновано на заслуги.
„Во овој геополитички контекст може да се појават можности за оживување и забрзување на процесот на пристапување. Сепак, тој процес ќе остане заснован на заслуги и цврсто врзан за напредокот во фундаменталните области, особено владеењето на правото. Затоа од суштинско значење е сите политички актери во Северна Македонија, особено Владата и пратениците од владејачкото мнозинство, да ја препознаат оваа нова итност и да почнат да даваат опипливи, убедливи и искрени резултати во овие клучни области, без понатамошно одлагање.“
Паралелно со критиките, се поздравува усогласеноста на земјата со надворешната политика на ЕУ, напредокот со Законот за енергетика и коридорите 8 и 10, но се бараат повеќе инвестиции и посилна борба против дезинформациите, како и поголема медиумска слобода. За СДСМ, извештајот е потврда дека државата е заглавена и дека со актуелната власт нема вистински реформи.
„‘Процесот на пристапување е сопрен‘ ова не е оценка на опозицијата, туку официјален став од овој извештај. Во документот јасно се наведува дека нема напредокот во владеењето на правото, правосудните реформи и борбата против корупцијата. Пораката од Брисел е јасна: проширувањето може да се забрза, но само ако има вистински реформи и владеење на правото.“
Нацрт-извештајот сега ќе помине низ амандманска фаза во Европскиот парламент, по што следуваат гласања во Комитетот и на пленарна седница. Ова е втор извештај на Вајц за земјава од 2022 година наваму. Минатата година Европскиот парламент го усвои неговиот извештај со убедливо мнозинство, но во финалната верзија беа отстранети референците за македонскиот јазик и идентитет. Новиот документ, велат од Брисел, треба да биде сигнал дали земјата ќе го искористи моментот или ќе остане во статус кво.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Вајц: Северна Македонија да испорача реформи, а…
Процесот на пристапување е сопрен, а напредокот…
По 100 дена мандат, Ѓорѓиевски порача: „Скопје…
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, објави…
Нема предвремени избори: Владината реконструкција најдоцна до…
Сѐ додека граѓаните велат дека не треба…
Во следните десет дена ќе се види…
Доналд Трамп кажа дека светот во следните…
Кирил Миноски: Дали криминалот (не) се исплати?
Поранешниот министер за финансии Кирил Миноски преку…