(Видео) Сѐ уште нема одговорност за смртта на родилката Маја Паневска, семејството стравува дека предметот ќе застари!

t

Осум години по смртта на родилката Маја Паневска во Штип случајот се уште нема судска разрешница. Лавиринтите на македонското судство секојдневно ја зголемуваат болката на семејството Паневски кои стравуваат дека делото ќе застари, а смртта на 28-годишната жена ќе остане само нивна болка, без да се утврди одговорност, без да се разјасни како прерано згасна млад живот.

Првостепениот суд за виновна ја наоѓа докторката гинеколог, која според вештачењето на судска медицина направила пропусти во процедурата, поконкретно, несоодветно ја сошила матката поради што дошло до обилно крварење и смрт на пациентката.

Апелациониот суд во Штип го врати предметот на повторно судење поради суштестевни повреди на постапката, поточно, судот не го прифатил како доказ вештачењето на обвинетата, односно се повикал само на вештачењето од судска медицина кое е доказ на Обвинителството. Основниот суд ја потврдува својата првична одлука, следуваат нови жалби и предметот повторно завршува во Апелациониот суд во Штип. Тука почнува лавиринтот за семејството Паневски. Се бараат низа на вештачења, сите со ист краен исход, дека се работи за лекарска грешка. Предметот застарува во 2028 година.

ДОКУМЕНТИ

Првиот документ кој семејтвото го добива по смртта на Маја е потврдата од судска медицина по извршената обдукција, каде се наведува дека смртта настанала како резултат на хеморагичен шок, односно искрварување. Ова било шок за семејството, бидејќи претходно им било кажано дека станува збор најверојатно за тромб кој се откачил после породувањето.

Во писмениот извештај од обдукцијата детално се наведува кој проблем довел до смртта на родилката.

„Во регијата каде што телото на матката премиинува во грлото цервиксот, од предно левата страна се најде раскин со нерамни и крвно подлиени рабови коишто се отечени и јасно црвеникаво крвно подлиени, при што раскинот е со должина од 4,5 см. На овој раскин во горниот дел од раскинот се наоѓаат два хируршки конци, но во останатиот дел од раскинот хируршки конци не постојат. На истата висина од спротивната страна на вратот на матката се најде уште еден хируршки конец.“

Понатака, во заклучокот од писмениот ивештај се наведува:

„Смртта на сега покојната Маја Паневска на возраст од 28 години настанала заради хеморагичен шок. Хеморагичниот шок настанал заради обемното крвавење од родилните патишта поточно од констатираниот раскин на грлото на матката. Како дополнителен фактор во настанување на крвавењето се и потешкотите во насобирање на матката констатирани за време на микроскопските иследувања на парченцата од ткиво земени од матката. Прегледот на плацентата не укажа на остатоци од плацента како причина за крварењето. Заради губиток на големо количество на крв кај покојната дошло до развивање на шокова состојба која предизвикала нарушување и престанок на функцијата на виталните органи со што настапил смртен исход кај сега покојната Маја Паневска. “

Од Судска медицина во писмениот извештај доставен до Обвинителството наведуваат детали за состојбата на родилката пред породувањето, за време на породувањето и потоа. Така, се наведува дека „Во 21.15 часот, пациентката додека е на родилен бокс дава податоци за субјективна слабост. Направен е бимануелен преглед на утерус и се констатира хипотонија на утерус“. Поради оваа состојба бил повикан анестезиолог, по што се наведува дека од страна на анестезиологот била дадена потребнната терапија и се преземени потребните активности.

Откако ѝ било дадено крв, а крварењето не престанало, се одлучило дека треба да се пристапи кон операција за вадење на матката.

Следува хронологија на постапките, согласно псимениот извештај.

„По поставување на хируршката индикација од страна на гинеколозите за атоничен утерус во 00.30 часот на 14.06.2018 година, се пристапило кон оперативна интервенција хистеректомија. Во текот на оперативната интервенција била спроведена стандардна општа анестезија, при што анестезиологот продолжил со флуидна ресусцитација со Физиолошки раствор 1000 мл. и Рингер лактат од 500 мл. и Гелафундин од 500 мл. Во тек на интервенцијата кај пациентката биле аплицирани уште две пакувања на еритроцити (700 мл) и две пакувања на свежо смрзната плазма (700 мл). Во тек на целата операција кај пациентката постоел намален крвен притисок. Исто така во тек на операцијата била аплицирана антибиотска терапија и кардиотоник. Пациентката била екстубирана (извадена трахеалната цевка) во операциона сала во 03.30 часот. Лекувањето на пациентката до нејзината смрт било спроведено во единицата за интензивно лекување каде покрај стандардната терапија била аплициран и Допамин во доза од 3 Mcg/kg. Во овој период и покрај хипотензијата кај пациентката била регистрирана диуреза за последните 3 часа од 300 мл. Во периодот додека пациентката била во единицата за интензивно лекување не е направена стандардна лабораторија бидејќи во тој период дотекувале последните единици на крв и плазма. Поради хеморагичен шок во 06.30 часот кај пациентката настанал срцев застој по што анестезиологот пристапил кон интензивна стандардна кардиопулмунална реанимација.. И покрај реанимација, настапил смртен изход во 06.50.“

Во заклучокот, Судска медицина наведува:

„Оттука, на конректно поставеното прашање од страна на обвинителството дали биле преземени сите мерки од страна на медицинскиот тим за да се спречи крварењето, одговорот е дека, преземените мерки од страна – на медицинскиот тим во периодот кога требало да се спречи крварењето (пред оперативниот зафат), а потоа и во периодот после оперативниот зафат кога требало да биде обезбеден континуиран мониторинг на родилката, не соодветствувале според динамиката со конкретната здравствена состојба на пациентката Маја Паневска.

Причините заради кои преземените мерки не соодветствувале во потполност со сериозноста на состојбата на пациентката Маја Паневска во овој момент не може да бидат конкретизирани, бидејќи недостигаат важни податоци како што се: кога и од кого за прв пат е констатирано влошување на здравствената состојба на Маја Паневска во периодот после породлувањето; точното време кога е земен материјал за лабораториската анализа чии резултати објективно укажувале на состојба на акутно крвавење; како и, виталните параметри на родилката во периодот по завршување на оперативниот зафат па до настанување на срцевиот застој, за кој период постојат објективни показатели дека пациентката била во животнозагрозувачка состојба. По утврдување на претходно наведените околности спремни сме да дадеме дополнување на сега даденото мислење по однос на конкретно поставени прашања од страна на обвинителството.“

По што следува надополнување на мислењето во кое се констатира лекарска грешка:

„Врз база на сето претходно изнесено, преземените мерки од страна на медицинскиот тим во периодот кога требало да се спречи крварењето иако биле правилни и соодветни, сепак тие не соодвествувале според динамиката со конкретната здравствена состојба на пациентката Маја Паневска. Пропустот на лекарскиот тим се состои од ненавремена реакција и недијагностицирање на причината за крвавењето односно не е дијагностициран раскинот на грлото на матката.

Дополнувањето на мислењето е дадено врз база на дополнителните докази кои што беа доставени од страна на ОЈО Штип. Доколку обвинителството дојде до нови дополнителни докази, го задржуваме правото за понатамошно дополнување на вештачењето.“

СУДСКИ ОДЛУКИ

Првостепениот суд врз основа на овие податоци донесува осудитела пресуда за докторката-гинеколог која ги водела процесите за време на породувањето на Маја.

Во првостепената одлука стои:

Обвинетата С.Ј, виновна е затоа што

„На ден 13.06.2018 година како лекар специјалист гиниколог во РЕ Гиникологија во ЈЗУ Клиничка болница од небрежност кога не била свесна за можноста од настапување на штетна последица иако според околностите и своите лични својства била должна и можела да биде свесна за таа можност при укажување на лекарска помош несовесно постапувала на начин што, по извршеното породување кај родилката Маја Пеневска од Св. Николе во 21,05 часот, и по направена инспекција преглед на цервиксот – грлото на матката и утврдените раскини од грлото на матката, раскинот од предната лева страна на вратот на матката не го сошила целосно (комплетно) туку конците ги аплицирала само на горниот дел, од раскиниот на матката поради што дошло до континуирано крварење од родилните патишта што предизвикало влошување на здравствената стостаојба и развивање на хеморагичен шок кај родилката Маја Паневска од што кај истата на ден 14.06.2018 година во 06,30 часот настапила смрт. Со горните дејствија обвинетата С.Ј од Штип сторила кривично дело Тешко дела против здравјето на луѓето” од чл.217 ст.4 в.в. со чл.207 ст.3 в.в. со ст. 1 од КЗ, па со примена на оваа одредба како и чл.4,32,35 и 39 од КЗ и чл. 102 и 105 од ЗКП,

ја: ОСУДУВА НА КАЗНА ЗАТВОР ВО ТРАЕЊЕ ОД 10 (десет) МЕСЕЦИ.“

Треба да се напомене дека првостепениот процес го води ОЈО Штип, додека второстепениот процес Вишото ЈО Битола, поради изземање на сите обвинители од Вишото ЈО Штип во предметот.

Како што кажавме претходно, Апелација го враќа предметот на повторно одлучување, а основниот суд уште еднаш ја потврдува својата одлука. Предметот моментално повторно е во Апелациониот суд во Штип, каде се наоѓа речиси година дена. Поради незакажувањето на рочиште во период од година дена, семејството стравува дека предметот ќе застари, а смртта на Маја ќе остане неразјаснета и без соодветна казна за виновниците.

ОПАСНОСТ ОД ЗАСТАРУВАЊЕ

Семејството ги контактира сите надлежни институции, Апелациониот суд во Штип, претседателот на штипска Апелација, Судскиот совет, Народен правобранител, Министерството за правда. Од Апелација добиваат одговор дека предметот е распределен кај судија известител, од Судскиот совет не наоѓаат никаков пропуст што речиси една година предметот е во фиока и постои опасност истиот да застари.

Министерството за правда одговара дека го следат случајот и дека побарале одговор од Апелациониот суд во Штип, по известувањето кое до МП го доставил сопругот на Маја.

Одговори од истите институции побаравме и ние. Од Апелација во Штип ни одговорија дека се чека вештачење.

„Ве известуваме дека предметот на АС Штип КЖ.БР.257/24, на ден 15.12.2025 год. е испратен до УКИМ Медицински факултет, Одбор за судско-медицинско вешташење и се уште не е вратен.
За состојбата на овој предмет е запознаен и Претседателот на АС Штип, кој исто така има доставено известувања за состојбата на овој предмет до Министерството за правда, Народниот правобранител и Врховниот суд на РСМ.“ – стои во одговорот кој Инфомакс го доби од Апелација.

Од Министерството за правда за Инфомакс велат дека по известувањето кое го добиле од семејството веднаш е реагирано во Апелација, од каде го добиле истиот одговор, кој го добивме и ние, дека се чека вештачење.

Ова вештачење е шесто или седмо по ред, вели сопругот на Маја, во разговор со Инфомакс. Тој посочува дека не му е јасно, што на штипска апелација не ѝ е јасно после шест вештачења, сите со ист исход дека се работи за лекарска грешка.

– „Што чекаат, да добијат друг извештај каде нема лекарска грешка? Не ми е јасно“, вели Перица Паневски.

Разговорот со Паневски кој открива детали за случајот проследете го во продолжение.

Семејството осум години бара институционално решение, како што слушнавте се обратиле до сите надлежни институции. Предметот речиси една година е во Апелација. Останува да видиме дали правдата ќе биде задоволена, или ова ќе биде уште еден предмет, срам за македонското правосудство.

А. Петровска

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

(Видео) Сѐ уште нема одговорност за смртта…

Осум години по смртта на родилката Маја…

ОЈО ја товари екс – директорката на…

Основното јавно обвинителство Прилеп поднесе Обвинителен акт…

(Видео) Се сруши потпорен ѕид во Штип,…

На улицата Љубен Иванов во Штип потпорен…

17 години затвор за турскиот државјанин кој…

На турскиот државјанин Кадир Кара, кој призна…

(Видео) Голем пожар зафати куќа во Штип

Голем пожар избувна денеска во Штип при…