Владата го предложи Ненад Савески за нов државен јавен обвинител
Владата на денешната седница го прифати предлогот Ненад Савески да биде нов државен јавен обвинител. Освен Савески, во изборот беа и Анита Тополова Исајловска, која моментно е в.д државен јавен обвинител и обвинителката Лидија Раичевиќ.
Следниот чекор е негов избор во Собранието, каде за изгласување се потребни најмалку 61 пратенички глас.
Савески е поранешен јавен обвинител, а во Кривичниот суд ги суди случаите од организиран криминал и корупција. Тој е роден во 1976 година, живее во Гостивар, оженет, татко на 3 деца. Магистер е по правни науки – казнено право, магистрирал на Правниот факултет „Јустинијан Први“, при УКИМ Скопје, каде ги завршил и студиите. Правосудниот испит го положил во 2003 година. Средното образование го завршил во гимназијата „Панче Попоски“ во Гостивар.
Савески од 2016 година е судија во Основен кривичен суд Скопје, во одделот за организиран криминал и корупција.
Претходно, од 2009 до 2016 година работел како јавен обвинител во Основно јавно обвинителство, а од 2004 до 2009 година бил стручен соработник во Основниот суд Гостивар. Во тој суд од 2000 до 2002 година работел како судски приправник.
На конкурсот што го распиша Собранието се јавија петмина кандидати. Советот на јавни обвинители на оценката на кандидатурите, го дисквалифкуваше поранешниот судија Владимир Панчевски, а премиерот Христијан Мицкоски минатиот месец кажа дека на владината листа останале три имиња, меѓу кои не е името на обвинителката Ленче Ристоска.
Изборот на државен јавен обвинител следува откако во декември минатата година Љупчо Коцевски даде оставка од функцијата, истиот ден кога Собранието требаше да расправа за неговото разрешување.