Владата го продолжи рокот за поевтини горива, стопанството подготвено за потешко сценарио

t

Владата ги продолжи мерките за поевтини горива и намалени давачки до 1 јуни, за да го ублажи ценовниот удар врз граѓаните и компаниите. Од Министерството за финансии велат дека одлуката е донесена поради нестабилноста на светските енергетски пазари.

Бизнисот предупредува дека ако кризата потрае, можно е ново поскапување, пад на ликвидноста и дополнителен товар за компаниите. Стопанствениците бараат навремена реакција од институциите за да се спречи дополнителен удар врз економијата

Мерките на Владата за ублажување на ценовните шокови и заштита на животниот стандард, продолжуваат да важат до 1 јуни 2026 година. Со тоа, и во наредниот период ќе останат во сила намалените акцизи на горивата, како и пониската стапка на ДДВ за бензините од 18 на 10 проценти.

Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, оцени дека станува збор за неопходен потег во услови на глобална енергетска неизвесност и зголемени притисоци врз економијата. Според неа, Владата со овие мерки се обидува да обезбеди стабилност, предвидливост и намалување на инфлаторните удари врз граѓаните и компаниите. Одлуката доаѓа во момент кога претходните мерки требаше да истечат, а дополнителен притисок создава и завршувањето на попустите што ги даваше најголемиот увозник на нафтени деривати ОКТА, со што горивата би можеле повторно да поскапат. Одлуката денеска ќе ја донесе Регулаторната комисија за енергетика.

Иако состојбата во стопанството засега се оценува како стабилна и без недостиг на нафтени деривати, бизнис-заедницата предупредува дека долготрајното задржување на високите цени носи сериозни ризици. Претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески, во телевизиско гостување вели дека евентуалното продлабочување на кризата може да предизвика нов бран инфлаторни притисоци, послаба ликвидност кај компаниите и неизвесност кај инвеститорите.

Азески посочува дека институциите и бизнисот мора да дејствуваат координирано и навремено, особено поради нестабилноста предизвикана од конфликтите на Блискиот Исток и можноста кризата дополнително да се прошири. Според него, доколку состојбата премине во посериозна фаза, државата ќе биде принудена на непопуларни економски мерки и нови задолжувања, што дополнително би ја оптоварило економијата.

Тој открива дека Владата и стопанските комори уште пред ескалацијата на кризата разговарале за можни механизми за заштита на компаниите и граѓаните, но дел од мерките засега нема да бидат јавно објавени за да се избегнат шпекулации и пазарни манипулации. Во фокусот, како што најавува, ќе бидат извозните компании, најпогодените сектори и социјално ранливите категории граѓани. Азески оценува дека токму непредвидливоста што ја создава инфлацијата е најголем непријател на бизнисот, бидејќи ги нарушува плановите на компаниите и ја намалува сигурноста на пазарот.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Владата го продолжи рокот за поевтини горива,…

Владата ги продолжи мерките за поевтини горива…

Мицкоски очекува раст на БДП над 3,5…

Во периодот што следи треба да се…

Македонските ракометари се пласираа на СП 2027…

Македонската ракометна репрезентација обезбеди пласман на Светското…

(Видео) Трамп со загрижувачка порака до Иран

Американскиот претседател Доналд Трамп предизвика бура доцна…

Францускиот суд подготвува налог за апсење на…

Францускиот суд може да побара налог за…