Вучиќ повторно кон премиерската фотелја, се отвора прашањето за промена на Уставот на Србија
Сè појасно се наѕира дека српскиот претседател Александар Вучиќ повторно има амбиција да се врати на премиерската функција, додека неговата Српска напредна странка се соочува со сериозен проблем – нема јасен кандидат кој со сигурност би победил на идните претседателски избори. Токму поради тоа, во јавноста сè погласно се зборува за можноста власта да побара излез преку промена на Уставот, со што би се сменил начинот на избор на претседателот на државата.
Како „пробен балон“ во јавниот простор се појавува предлогот на Војислав Шешељ, кој отворено сугерира дека претседателот на Србија не треба да се избира на непосредни избори, туку во Народното собрание. Таквата идеја, според аналитичарите и дел од опозицијата, совршено се вклопува во интересите на владејачката структура, имајќи предвид дека СНС располага со двотретинско мнозинство потребно за уставни измени.
Во изминатиот период во јавноста се споменуваат повеќе можни наследници на Вучиќ – од Томислав Николиќ, преку Ана Брнабиќ, до Милош Вучевиќ – но ниту едно од тие имиња не гарантира изборна победа. Дополнителен проблем за СНС претставуваат истражувањата на јавното мислење, кои покажуваат пад на рејтингот на партијата. Во таков контекст, загубата на претседателската функција би била сериозен удар за власта, што ја прави идејата за уставна интервенција политички привлечна.
Шешељ јавно изјавува дека изборот на претседател во Собранието е „подемократски“, бидејќи овозможува и негово разрешување, за разлика од директниот избор од граѓаните. Истовремено, тој потврдува дека неговата Српска радикална странка останува во коалиција со СНС и дека не планира самостојни политички маневри.
Од опозицијата реагираат остро. Потпретседателот на Странката на слободата и правдата, Бoрко Стефановиќ, оценува дека Шешељ јавно го изговара она што Вучиќ го мисли, нагласувајќи дека меѓу двајцата постои долготрајна политичка и идеолошка симбиоза. Според него, ваквиот предлог оди кон дополнително слабеење на врската меѓу граѓаните и институцијата претседател, и кон зајакнување на авторитарен модел на владеење, во кој центарот на моќта се концентрира во рацете на еден човек.
Стефановиќ предупредува дека не би било изненадување доколку иницијативата за уставни измени навистина стигне до Народното собрание, бидејќи процедурата тоа го дозволува. Според српскиот Устав, иницијатива за измена можат да поднесат најмалку една третина од пратениците, претседателот на државата, Владата или најмалку 150.000 избирачи. За започнување и усвојување на измените потребно е двотретинско мнозинство, кое владејачката коалиција моментално го има.
Српскиот Устав последен пат беше изменет во 2022 година, по референдум за усогласување на судскиот систем со европските стандарди. Дали сега следи нова, далеку поконтроверзна уставна интервенција, која би го променила начинот на избор на претседателот, останува отворено прашање, но сигналите што доаѓаат од врвот на власта и од нејзините најгласни сојузници сè повеќе упатуваат токму во таа насока.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Пропаднаа преговорите меѓу САД и Иран: Воените…
Соединетите Американски Држави ги отфрлија барањата на…
Вучиќ повторно кон премиерската фотелја, се отвора…
Сè појасно се наѕира дека српскиот претседател…
Охрид СОС: Властите го третираат УНЕСКО-наследството како…
Притисокот врз Охрид и поширокиот регион во…
Македонски талент потпиша за Динамо Загреб!
Младинскиот репрезентативец на Македонија, Александар Грашески, направи…
Екоавтобусите ќе стигнат до декември, за месец…
Најголем дел од 100. електрични автобуси што…