Газдата на „Дурмо турс“ повторно бара одложување на издржувањето на казната: Му било препорачано мирување во период од 20 до 30 дена

t

Сопственикот на „Дурмо турс“, Дурмиш Белули, повторно поднел барање за одложување на извршувањето на затворската казна, повикувајќи се на здравствени причини по неодамнешна хируршка интервенција. Според доставената медицинска документација, му било препорачано мирување во период од 20 до 30 дена по операцијата.

Белули требаше да се јави на издржување на правосилно изречената казна во казнено-поправната установа „Идризово“, но наместо тоа побарал ново пролонгирање, образложувајќи дека моменталната здравствена состојба не му дозволува веднаш да започне со издржување на казната. Судот ќе треба да оцени дали доставените медицински наоди претставуваат оправдана причина за одложување.

Ова не е првпат Белули да бара пролонгирање на издржувањето на казната, што предизвикува реакции и голем интерес во јавноста. Тој е правосилно осуден за сообраќајната несреќа кај Ласкарци, во која загинаа 16 лица, а случајот долго време се смета за еден од најтешките и најчувствителните судски предмети во земјава.

Надлежните институции, во рамки на законските процедури, ќе треба да утврдат дали здравствената состојба навистина претставува пречка за издржување на казната или дали осуденикот може да биде згрижен и лекуван во рамките на затворскиот систем. Одлуката на судот се очекува во наредниот период.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ