Гаши: Време е за отворени листи – граѓаните да избираат пратеници

t

Сѐ погласни се барањата за воведување отворени листи во изборниот модел, тема што повторно се најде во фокусот на јавната дебата. Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денеска изјави дека е меѓу поддржувачите на ова решение, оценувајќи дека граѓаните треба да имаат поголемо влијание во изборот на пратениците.

На дводневната дебата „Гласот на граѓаните во Собранието: Национална дебата за улогата на Собранието во процесот на пристапување во ЕУ“, во организација на Институтот за европска политика, Гаши нагласи дека отворените листи би ја зголемиле демократичноста и одговорноста на избраните претставници.

„Mислам дека така ќе се зголеми демократичноста и дигнитетот на пратеникот. Тогаш пратеникот кој добил бил 10-tи на листа или 20-tи, а станал пратеник, тоа не е по заслуга само на лидерот, туку тој доаѓа во Собранието со гласовите на народот и тогаш неговата одговорност не се врзува само за лидерот и партијата, туку и за граѓаните. Овој дел навистина е многу битен, треба да го разговараме, не дека не го разговараме. Треба да бидеме храбри. Веќе има работна група која работи на изборниот модел. Повикувам да дојдеме до тој ден кога ќе ги отвориме листите. Достоинството на еден пратеник може да се одбрани од две страни. Прво, тоа е како јавноста реагира на личноста и колку тој возвраќа и работи за својот дигнитет. Значи, обострана улица е и мора да ги разјасниме двете компоненти. Јас мислам дека недоволно добро стоиме и во двата правци“, рече спикерот Гаши.

Тој посочи дека за вакви промени е потребна и повисока политичка и медиумска култура кај граѓаните.

„Мислам дека ни треба поголема медиумска писменост или поголема политичка медиумска култура. Но, воопшто јавноста, порталите, мноштвото на можноста со социјалните мрежи секој да даде мислење, лошата вест стана вест. Се помалку зборуваме за добрите страни и на пратеникот и Собранието. Мислам дека како општество, како држава, освен што критикуваме, треба да секој од нас заради својата лична граѓанска одговорност, треба да знаеме што е државен интерес. Не можеме да плукаме и секогаш само да критикуваме. Мислам дека треба да работиме на медиумската писменост на граѓаните, да можат да работат и да препознаваат што е добар и лош пратеник, што е добра и лоша вест и од друга страна, тоа мислам дека ќе наведе до ситуација да пратениците бидат поодговорни кон таа публика и кон гласачите“, рече тој.

Гаши порача дека силно Собрание не може да постои без силни пратеници и предупреди дека не треба да се генерализира негативната слика за сите избрани претставници.

„Убеден сум дека ќе ни треба време. Ние сме релативно млада демократија. Јас сум убеден дека сме на прав пат, но ќе ни треба време ако сите заедно работиме во некои рамки кои би ги определиле и кои знаеме дека ќе не донесат до тој момент каде ќе го храниме дигнитетот на институциите. Не можеме да имаме силна држава, ако немаме силно Собрание. И нема да имаме силно Собрание, ако немаме силни пратеници, ако постојано плукаме и само критикуваме и сите ги генерализираме. Обично денес граѓаните имаат негативна перцепција за сите пратеници. Јас ви тврдам дека имаме одлични пратеници. Има и пратеници кои не се на своето ниво на кое би требало да бидат“, истакна спикерот Гаши.

Во дебатата учествуваше и поранешниот пратеник Гордан Георгиев, кој оцени дека актуелниот изборен модел ги ограничува пратениците во нивната независност.

„Изборниот систем ограничува бидејќи ве условува, ве става во позиција да морате или да се очекува од вас да ја слушате партијата наспроти некој друг систем, каде што можеби, полесно може да кажете „не“, во ситуација ако навистина треба да се каже не, или да влијаете. Но, овој изборен систем, каде што партијата ги реди кандидатите и вие сега може не го сакате седмиот, ама го сакате деветиот кандидат, мора да гласате за таа партија. Тука повеќе е важен личниот интегритет на пратениот отколку како партијата ве номинира. Ако премногу индивидуално се поставувате, имате ризик да не бидете избрани, т.е. да не бидете на листа на следните избори. Така што тој баланс е многу, многу важен“, истакна Георгиев.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Гаши: Време е за отворени листи –…

Сѐ погласни се барањата за воведување отворени…

Пресврт во Бугарија: Радев ќе може сам…

„Прогресивна Бугарија“ на Румен Радев убедливо води…

Радев: Не ме изненади победата, стабилна влада…

По изборната победа денес поранешниот претседател на…

Еуроњуз Бугарија: Радев убедливо победува на изборите…

Коалицијата Прогресивна Бугарија на поранешниот претседател Румен…

Избори во Бугарија: До 16 часот излезност…

Излезноста на гласачите до 16 часот изнесува…