Два месеци вработените во градинки во Јегуновце немаат земено плата!

t

Два месеци вработените во градинките во Јегуновце не земале плата. Вработените и градоначалникот имаат различни објаснувања зошто. Според вработените, градоначалникот сака воспитувачките и негувателките сами да си дадат отказ, бидејќи законски не можат да ги избркаат од работа и на нивно место да се вработат нови луѓе. Градоначалникот има друга верзија на приказната, според него вработените не го почитуваат работното време, порано излегуваат од работа и сака тоа да се промени.

Инфомакс ги контактираше сите засегнати страни. Од страна на вработените ни беше пренесено дека истите го почитуваат работното време, дека соодветно се грижат за децата и дека сметаат дека ова е притисок за сами да си одат од работното место, бидејќи согласно закон не можат да ги избркаат од работа.

– Редовно си одиме на работа, ние за деца се грижиме, до сега немало поплаки. Сме седеле и после работно време доколку некој од родителите доцни, односно не си го земал детето пред крајот на нашето работно време. Градоначалникот сака сами да си одиме, ние имаме решение, согласно закон не може да не избрка, а сака да си вработи негови луѓе. И ние сме луѓе, два месеци немаме плата, велат вработените.

Тие истакнаа дека случајот е пријавен во СОНК, од каде нагласија дека се чека понеделник, односно денешниот ден, бидејќи денес требаше да има состанок на Синдикатот со градоначалникот. Сепак, градоначалникот денес не дошол на работа, а состанокот е одложен, засега не се знае за кој датум. Ова значи дека вработените и понатака остануваат без плата.

Тие не информираа и дека случајот е пријавен во трудовиот инспекторат и во Министерството за социјална политика, демографија и млади. Инфомакс побара информации од двете институции, од Трудовиот инспекторат одговор до овој момент немаме добиено, а од Министерството велат дека се запознаени со случајот.

– Министерството за социјална политика, демографија и млади, прими  претставка од градоначалникот на Општина Јегуновце во врска со почитување на работното време на вработените во Јавната општинска установа за деца- Детска градинка  „Јаболчиња“ – Јегуновце. Инспектори од Секторот за инспекциски надзор во областа на социјалната заштита и заштита на децата – Одделение за инспекциски надзор од областа заштита на децата,  на  ден  04.02.2026 година извршија вонреден инспекциски надзор во сите три објекти на предучилишната установа, а  за констатираната состојба доставен е одговор до градоначалникот на општината.  Инаку согласно законската обврска, Министерството за социјална политика, демографија и млади, навремено ги исплати средствата за плати и останати трошоци на Општина Јегуновце, која истите треба да ги проследи кон предучилишната установа. Во текот на вчерашниот ден до министерството претставка доставија и вработените од предучилишната установа, а  инспекциската служба ќе изврши  вонреден инспекциски надзор по наводите во истата.

Сакаме да нагласиме дека Министерството согласно своите надлежности постапува согласно закон и во интерес на спроведување на истиот, како од страна на вработените во предучилишните установи, така и од страна на општините како нивни основачи. – стои во одговорот од Министерството.

Во разговор со Инфомакс градоначалникот вели дека вработените не го почитуваат работното време.

– Два месеци не зеле плата. Наша надлежност е само средствата кои се блок дотација да ги преведеме, платата ја изработува вработен во градинката. Не го почитуваат работното време, нема листинг во прилог на платата. Им реков дека треба да пратат до Министерство, нека им одлучи, јас не потпишувам нешто што не е законски, а имам индиции дека не е законски. Директорката дала оставка, ниедна не сака да биде директорка, велат дека е се во ред со платите. Треба работното време да се почитува, ако работиш во маркет ќе излезеш кога нема муштерии? Јас само барам да се почитува работното време, вели градоначалникот Димитар Костадиновски.

Процесот на исплата на плати за градинките, како и законските процедури, во разговор со Инфомакс ги објаснува пратеничката и поранешна министерка за труд и социјална политика, Јована Тренчевска.

– Министерството во буџетот на годишно ниво  планира согласно податоците од градинките за капацитетот на деца и број на вработени, блок дотации до општините наменети за плати на вработените и дел за  материјални трошоци.

    Министерството ги трансферира овие средства до општината, а таа до градинките. Сите средства се во рамки на една календарска година. Доколку не се искористат, неискористените средства се враќаат во буџетот на државата. Средствата се наменски и не смеат да се користат за други потреби освен за тоа за што се наменети.

    Случајот во Јегуновце онолку колку јас имам информации е непочитување на одредбите од Колективниот договор за јавните установи за деца во дејноста згрижување и воспитание на децата и во дејноста одмор и рекреација на децата. Имено член 46 од Колективниот договор го уредува работното време на вработените во детските градинки. Исплатата на платата  на вработените треба да биде согласно неделното работно време регулирано во овој член, затоа што заради карактерот на работата на воспитувачите и негователите, имаат комбинирано работно време,  работни часови со деца и работни часови  за програмски активности во други просторни услови во или надвор од установата. И тие часови им се вклучени во работно време. Колективниот договор мора да се почитува. Градоначалникот во евиденцијата на работното време на вработените мора да ги вклучува и овие часови и со тоа да го испочитува Колективниот договор, кој впрочем е обврзувачки за него како работодавач. – објаснува Тренчевска.

    Член 46:

    (1) Работното време на работникот изнесува 40 часа во работната недела (полно работно време).

    (2) Работното време по правило е распоредено во пет работни дена, од понеделник до петок.

    (3) Работодавачот заради природата на работата, за воспитувачот и негователот, го организира работното време комбинирано, односно работно време поминато со деца и останатото работно време за други програмски активности во други просторни средини, во или надвор од установата.

    (4) Воспитувачите треба на воспитните работи во групите да поминат 30 часа неделно, а другите активности да ги вршат во рамките на распоредот до полното работно време односно 40 часа во една работна недела.

    (5) Други работни задачи на воспитувачите се: планирање, реализирање и евалуација на работата, подготовка на просторот и стимуланси, соработка и советодавна работа со родителите и други работи за професионален развој, што во зависност од активноста може  да се реализираат во други просторни средини, во или надвор од установата.

    (6) Негователите треба да поминуваат со групите 35 часа неделно, а другите активности да ги вршат во рамките на распоредот до полното работно време односно 40 часа во една работна недела.

     (7) Останатите работни задачи на негователите опфаќаат подготовка на просторот и стимуланси, како и други работи за професионален развој, што во зависност од активноста може да се реализираат во други просторни средини, во или надвор од установата.

    Според вработените, градоначалникот може да одговара кривично.

    Дали овде е прекршен закон и кој го прекршил законот останува на надлежните институии да утврдат.

    А.Петровска

    ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

    Два месеци вработените во градинки во Јегуновце…

    Два месеци вработените во градинките во Јегуновце…

    Двојно зголемен водостојот на Вардар кај Јегуновце

    Речиси двојно е зголемен водостојот на реката…

    (Видео) Треба да се задолжам за да…

    Бујар Османи, министерот за надворешни работи и…

    Штипјанец крадел во цркви во Јегуновце

    Министерството за внатрешни работи соопшти дека во…

    (Видео) Се врати опасноста во Јегуновце и…

    Директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов е во…