Денеска го славиме Свети Илија, еден од најголемите старозаветни пророци, чудотворец и боговидец
Денеска, на втори август, Божјата Црква и македонскиот народ со длабок почит и вековна традиција го прославуваат чесното име на еден од најголемите старозаветни пророци, чудотворец, боговидец и небоземен граѓанин — Светиот пророк Илија. За македонскиот народ, овој ден ги спојува духовниот копнеж кон вистината и историскиот стремеж кон слободата, претворајќи го Илинден во еден од најсилните темели на националниот и духовен идентитет.
Огнен карактер и ангел во тело
Пророкот Илија живеел околу 900 години пред Исус Христос. Потекнувал од племето Ароново и бил роден во градот Тесвит. За неговото раѓање се споменува чудниот преднак, поточно кога неговиот татко Савах видел ангели Божји околу детето како со оган го повиваат и го хранат со пламен. Тоа било најава за неговиот огнен карактер и Божјата сила што го следела низ целиот живот.
Скоро целата младост и живот ги минал богоугодно и во молитва, строг пост. Во тропарот посветен на него, тој е оппеан како:
„Ангел во телото, столб на пророците, втор претеча на Христовото доаѓање – Илија Славен, кој откако одозгора му испрати благодет на Елисеј, болести прогонуваше и прокажани очистуваше“.
Силните чуда и непоколебливата вера
Во време кога израилското царство било подвоено, а царот Ахав и неговата жена Језавела го одвраќале народот од Бог издигнувајќи храм на сирискиот бог Ваал, Илија застанал како бескомпромисен заштитник на вистинската вера.
Со силна молитва тој го затворил небото, па цели три години и шест месеци немало дожд како најава за Божјата казна над незнабожството, за подоцна со истата таква молитвена сила повторно да пушти дожд. За да ја докаже силата на живиот Бог пред немоќните Ваалови жреци, Илија спуштил огнен пламен од небото директно врз жртвеникот.
За време на големиот глад, Бог го скрил Својот слуга крај потокот Хорат, каде што гаврани по Божја заповед му носеле храна, настан на кој и денес му се оддава почит во пештерата во манастирот „Св. Георги Хозевитски“ на Светата Земја. Меѓу неговите големи чуда се вбројуваат и умножувањето на брашното и маслото во домот на вдовицата во Сарепта Сидонска, како и воскреснувањето на нејзиниот син, додека на планината Хорив се удостоил директно да разговара со Бог, слушајќи го Неговиот глас во вид на тивко и светло ветренце.
Вознесувањето и сведоштвото за вечниот живот
Свети Илија со својата наметка ја разделил водата на реката Јордан и за свој наследник го одредил Елисеј. Потоа, пред очите на својот ученик, се појавила огнена кола со огнени коњи и Илија во виор се вознесол кон небото.
Неговата величина е потврдена и во Новиот Завет. На планината Тавор, за време на Преображението на Господ Исус Христос, Свети Илија се јавува заедно со Мојсеј, давајќи им јавен доказ на луѓето за постоењето на вечниот живот и Судот Божиј. Според Светото Писмо, пред крајот на светот, тој повторно ќе се јави заедно со праведникот Енох за да сведочи против силата на Антихристот.
Симбол на македонскиот непокор
Во македонското народно предание, Свети Илија е познат и како Громовник, оној кој управува со молњите и летните бури. Неговата бескомпромисна борба за правда и вистина низ вековите стана симбол на народниот непокор.
Затоа не е случајно што токму на овој голем ден се содржани двете најважни пресвртници во македонската историја. Крушевското востание од 1903 година и Првото заседание на АСНОМ во 1944 година. Огнениот дух на пророкот стана вечна искра за слободата и државотворноста на Македонија.
По повод празникот, нека молитвеното застапништво на Светиот пророк Илија донесе мир, исцелување, духовна сила и праведност во секој дом.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Денеска го славиме Свети Илија, еден од…
Денеска, на втори август, Божјата Црква и македонскиот народ…
(Фото) Во 1903 година, Бугарија зборуваше за…
Најинтересниот аспект од странското известување за Илинденското…
Денеска сончево и многу топло, следната недела…
Сончево и многу топло време ја очекува…
Македонија го празнува Илинден – денот на…
Mакедонија денеска празнува, ја слави Републиката, денот…
(Видео) Eксплозија во летната градина на кафуле…
Трojцa загинаа, а 15 се повредени во…