ДЗР: Утврдени слабости во планирањето и трошењето на буџетот за 2024 година
Државниот завод за ревизија (ДЗР) во својот последен извештај објавен на 30 декември 2025 година, нотира сериозни слабости во планирањето, прераспределбата и реализацијата на буџетските средства за 2024 година. Иако буџетскиот дефицит од 4,4 проценти од БДП е понизок во однос на претходната година, тој сепак го надминува законски утврденото ниво од 3,4 проценти предвидено со Фискалната стратегија.
Ревизорите утврдиле дека со ребалансот на Буџетот од август и прераспределбата од декември 2024 година, направени се значајни измени во структурата на трошењето. Најголемо зголемување е забележано кај субвенциите и трансферите за дури 38 проценти, додека капиталните расходи се намалени за 27 проценти. ДЗР укажува дека Министерството за финансии не ја земало предвид препораката на Фискалниот совет да прекине праксата на пренамена на капиталните средства во тековни расходи, со што би се намалил дефицитот и би се отворил простор за инвестиции.
Еден од клучните проблеми е лошото планирање. Од анализираните 31 буџетски корисник, Министерството за финансии самостојно изготвило предлог буџет за 16 проценти од нив бидејќи институциите не доставиле стратешки планови. Ова создава ризик донесениот буџет да не ги одразува реалните потреби на корисниците.
Ревизијата открива и законски прекршувања кај специфичните буџети. И покрај законската забрана за кратење на средствата на Судската власт при ребаланс, нивниот буџет е намален за над 42 милиони денари. Исто така, државата не ги обезбедува законски предвидените средства за рамномерен регионален развој. Наместо задолжителните 1 процент од БДП, преку Министерството за локална самоуправа се распределени само 0,08 проценти.
Во однос на јавниот долг, состојбата е загрижувачка. На крајот на 2024 година, јавниот долг достигнал 9,6 милијарди евра или 62,4 проценти од БДП, што е зголемување за 13,5 проценти во споредба со 2023 година. Ревизорите алармираат и за неефикасно управување со кредитите од странство. Од вкупно одобрени проекти вредни 3,7 милијарди евра, искористени се само 37 проценти, додека државата платила провизии за неповлечени средства во износ од 23 милиони евра.
На локално ниво, финансиската нестабилност се продлабочува. Во декември 2024 година, дури 10 општини биле со блокирани сметки. Вкупните доставени налози за извршување во Министерството за финансии изнесуваат 1,8 милијарди денари, при што голем дел од долгот отпаѓа на камати и дополнителни трошоци.
Позитивен тренд е забележан кај наплатата на даночните приходи, каде Управата за јавни приходи и Царинската управа оствариле зголемување кај ДДВ, данокот на добивка и данокот на личен доход. Сепак, овој успех е засенет од одлуката на Уставниот суд со која е поништен Законот за данок за солидарност. Како резултат на ова, државата ќе мора да им врати на компаниите околу 49 милиони евра.
На крајот, ревизорите изразуваат загриженост за забавеното темпо на имплементација на новиот Интегриран финансиски информациски систем (ИФМИС), кој треба да го модернизира управувањето со јавните финансии, а чија примена е одложена за почетокот на 2026 година.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
ДЗР утврди неправилности во финансиското работење на…
Со извршената ревизија во АД Државна лотарија…
Не се наплаќале даноци, не се постапувало…
Државниот завод за ревизија изврши ревизија на…
Ревизија: ЕСМ работи со огромни загуби –…
Државната компанија АД ЕСМ систематски работела со…
Ангелов: Трите „Ер трактори“ на ДЗС во…
Државата располага со четири функционални хеликоптер за…
ДЗР утврди низа слабости во работењето на…
Оствареното зголемување на приходите во 2022 година…