Димитриеска-Кочоска: Не знам дали ќе избереме кредитор за „брзата пруга“ во 2026 година

t

„Сè зависи од тоа Министерството за транспорт кога ќе ги заврши документите. Тука ние како министерство ништо повеќе не можеме да направиме. Банките се јасни кога кажуваат – да, нас ни треба студија за животна средина, ни треба физибилити студија“, вели министерката за финансии и потпретседателка на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Димитриеска-Кочоска, во интервју за „360 степени“ на МРТ 1

360°: За најавениот проект „брза пруга“, едното прашање е – ќе има ли капацитет за негова реализација, бидејќи се гради Кичево-Охрид, се градат автопатите од „Бехтел и Енка“, се градат помали проекти низ општините…. А другото е – како и зошто Владата брзоплето влезе во проектот, најавуваше почеток на градба уште кон крајот на минатата година, а еве сега ни кредитор сè уште не е избран?

Димитриеска-Кочоска: Ова се прашања за Министерството за транспорт, не се прашања за Министерството за финансии. Сега ќе Ви кажам зошто. Ние кога спремаме, независно дали е проектот брза пруга, дали се болниците, дали зборуваме за некое игралиште или некое училиште, независно – ние добиваме податоци од ресорните министерства. Што тие ќе напишат внатре, ние го прифаќаме како такво. Така? Ние тука не сме ревизија, не сме контрола. Ако некој доставил до Владата барање со образложение дека да, ќе има капацитет и така натаму, ние како ресорно министерство што можевме да направиме? Да кажеме – не, нема?! Министерството за финансии е еден глас во Владата. Така? Дали ќе е за или против, ќе го надгласаат. Независно. Затоа што колективно Владата одлучува. Сакам прво тоа да го расчистиме и да разбереме, затоа што некако се создава чувство министерката за финансии ако каже не – готово, не е. Не е така. Колективен орган е Владата каде што одлучува со гласање. Е сега, сè што сме добиле како материјал од Министерството за транспорт е материјал којшто покажува дека тоа ќе може да се реализира. И затоа велам дека најубаво е можеби да го поставите прашањето до Министерството за транспорт, не случајно го велам тоа. Земете предвид дека и кога станува збор за општинските проекти, најголем дел беа кај нив, можеби нели оној дел или послаба реализација во капиталните расходи беше на некој начин кај нив. Општините не реализирале, меѓутоа преку тоа министерство одеше. И затоа сметам дека ако се потребни повеќе детали, јас не можам да одговорам. Можам да одговорам на она што го работи Министерството за финансии.

360°: Зошто и вас ве прашувам? Затоа што во јуни минатата година, вие ги испративте барањата до банките и до финансиските институции за понуди за кредитирање. Е сега, според логиката на следните чекори, бидејќи некаде во август Министерството за транспорт распиша тендер за техничка документација за брзата пруга, тоа значи дека барањето практично не било поткрепено со доволно документи со коишто требало да биде поткрепено и претпоставувам дека банките реагирале и барале дополнителни информации. Но, на крај, вие можеби ќе кажете не, но Владата, државата е таа што се обрукала пред тие финансиски институции и банки.

Димитриеска-Кочоска: Добро. А зошто велите се обрукала? Каде се обрукала државата? Не ве разбрав, се извинувам.

360°: Ако не требале дополнителни документи, ќе добиевте понуди врз основа на коишто ќе можевте да носите и финална одлука.

Димитриеска-Кочоска: Па, тие во моментот одлучиле дека е така. Утре за друг проект може ќе одлучат нешто сосема друго. Ние испративме податоци, не им биле доволни. Не можете да кажете дека сме се обрукале. Мислам, за мене тоа е многу тежок збор – дека сме се обрукале. Затоа што, сепак, Владата донела одлука. Вие сега, на пример, со ова што го зборувате, веќе ја критикувате цела Влада. Владата гласала, не Министерството за финансии. Владата гласала. Владата ги разгледала документите, врз основа на документите коишто ги разгледала, каде што нели Министерството за финансии си дало свое мислење.

360°: Избрзавте ли, ајде еве вака да кажам, како Влада?

Димитриеска-Кочоска: Не можам да кажам дали сме избрзале. Јас можам да кажам дека сум дала свое мислење во однос на тоа како треба да тече постапката. Дали било прифатено или не, тоа знае Владата. Но, не можам да се согласам дека кога сме тргнале нешто да направиме, сме отишле без документи. Документи имало.

360°: Но, факт е дека сега се подготвуваат и нови дополнителни документи, така?

Димитриеска-Кочоска: Да, во Министерството за транспорт.

360°: Велите – разгледувате една необврзувачка понуда. Што значи тоа во моментот кога ќе бидат доработени тие документи што се барале плус? Дали останувате на таа една необврзувачка понуда да ја разгледувате и да продолжите преговори за финална понуда или ќе барате повторно и други понуди?

Димитриеска-Кочоска: Ќе видиме, зависно од ситуацијата. Во моментот имаше една којашто беше најповолна од сите останати. И тоа беше поприлично поповолна во однос на другите. Доколку останат тие услови, најверојатно ќе се донесе одлука да биде таа. Но, видете, многу е неблагодарно – јас сум сепак човек којшто мислам дека во изминатава година и повеќе од половина многу внимателно одговара на прашањата. Мене не ме слушнавте да кажам дека ќе почне во септември, октомври и така натаму. Затоа сум многу внимателна, многу прецизна. Не сакам да избрзувам со ништо. Ние во моментот имаме необврзувачки понуди. Значи – немаме понуди, кога е нешто необврзувачко на двете страни, така? Е сега, како ќе оди понатаму целата работа, јас не можам да знам. Сега дајте првин да почекаме да видиме студијата за животна средина, физибилити студијата што ќе покажат, како ќе покажат.

360°: Од искуство, од тоа што ви го кажуваат и стручните служби во Министерството за финансии – реално ли е да се очекува дека годинава ќе се избере кредитор? Во 2026 г. да се избере кредитор?

Димитриеска-Кочоска: Сè зависи од тоа Министерството за транспорт кога ќе ги заврши документите. Тука ние како министерство ништо повеќе не можеме да направиме. Банките се јасни кога кажуваат – да, нас ни треба студија за животна средина, ни треба физибилити студија. Ние стоиме на располагање за другиот дел ако нешто има потреба, меѓутоа ова се документи коишто ги подготвува друго министерство. До каде се со постапката, кога ќе заврши, не можам да одговорам на тоа прашање. По информациите коишто вака усно ги добив, треба 270 дена од кога ќе се склучи договор, ако добро сум разбрала, до изготвување на таа студија. Но, ова е повторно нешто што е усно. Јас немам писмено па сега да ви кажам, затоа е најдобро ресорното министерство точно да каже колку време е потребно да се изготви студијата за животна средина и физибилити студијата, така што тие се едни од битните елементи за да се продолжи нели понатаму.

360°: Ве прашав дали е реално дека ќе се избере кредитор оваа година. Од одговорот на тоа прашање зависи и дали и кога би почнала изградбата.

Димитриеска-Кочоска: Затоа ви велам, не можам ништо да кажам затоа што сè зависи од тие документи.

360°: Тоа менува ли нешто за буџетот? Евентуално за ребаланс што би се правел?

Димитриеска-Кочоска: Во 2026 година не може да има ништо такво. Затоа што, видете, невозможно е. Тоа не е постапка којашто ќе трае краток период. Вие имате закони коишто треба да отидат во Собрание, да се гласаат. Не е тоа… Мислам, и од кога ќе се завршат документите, најпрвин треба да се види со банката како ќе оди понатаму разговорот.

360°: А како ќе се избира изведувачот, знаете?

Димитриеска-Кочоска: Ќе треба да прашате во Министерството за транспорт, навистина немам информација. Да имав информација, сигурно ќе ја споделев.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Димитриеска-Кочоска: Не знам дали ќе избереме кредитор…

„Сè зависи од тоа Министерството за транспорт…

Паника во Америка: ФБИ откри илегална биолошка…

Локалните и федералните власти во Лас Вегас…

Виткоф оди во Абу Даби на преговори…

Специјалниот пратеник на американскиот претседател Доналд Трамп…

Затворен патот Кочани-Штип, сообраќајка меѓу три возила

Тешка сообраќајна несреќа се случи вечерва на…

Поранешната косовска претседателка Атифете Јахјага негира каква…

Поранешната претседателка на Косово, Атифете Јахјага, категорично…