Објавено на:

Договорот ЕУ–Меркосур предизвика бран протести на земјоделци низ Европа

t

Илјадници ирски земјоделци денеска протестираа против трговскиот договор меѓу Европската Унија и јужноамериканскиот блок Меркосур, еден ден откако земјите членки на ЕУ го одобрија договорот, и покрај противењето на Ирска и Франција.

Колони трактори се движат низ улиците на градот Атлон, во централна Ирска, каде демонстрантите носат транспаренти со пораките „Стоп за ЕУ–Меркосур“ и знамиња на ЕУ со натпис „распродажба“.

Протестите следеа по слични акции одржани вчера во Полска, Франција и Белгија, откако ЕУ даде зелено светло за договорот, кој е поздравен од деловните кругови, но остро критикуван од европските земјоделци.

Договорот, кој се подготвува повеќе од 25 години, треба да создаде една од најголемите зони на слободна трговија во светот, поврзувајќи ја 27-члената ЕУ со блокот Меркосур, во кој членуваат Бразил, Аргентина, Парагвај и Уругвај.

Главните извозни производи на Меркосур кон ЕУ се земјоделски производи и минерали, додека Унијата би извезувала машини, хемикалии и фармацевтски производи со пониски царини.

Многу европски земјоделци стравуваат дека нивниот опстанок ќе биде загрозен од приливот на поевтини земјоделски производи од Бразил и другите земји од регионот, поради што Ирска, Франција, Полска, Унгарија и Австрија гласаа против договорот.

Ирските земјоделци особено се противат на договорот поради стравувањата дека тој ќе донесе дополнителни 99.000 тони евтино говедско месо од Јужна Америка, што сериозно би го нарушило домашното производство.

Ирската земјоделска асоцијација (IFA) оцени дека исходот од гласањето е „многу разочарувачки“ и најави дека ќе се фокусира на обезбедување мнозинство против договорот во Европскиот парламент.

– Очекуваме ирските европратеници да застанат зад земјоделската заедница и да го отфрлат договорот со Меркосур, изјави претседателот на IFA, Френси Горман.

Протести против договорот беа одржани и во други европски земји. Во Германија, земјоделците демонстрираа на клучки на автопатишта низ целата земја, додека во Франција околу 20 трактори ги блокираа пристапните патишта кон Париз, предизвикувајќи сообраќајни метежи.

Демонстрантите во Париз успеале да стигнат и до Ајфеловата кула, Триумфалната порта и Националното собрание, а подоцна беа блокирани и два гранични премини меѓу Франција и Белгија.

Контроверзниот договор, чие потпишување првично беше планирано за декември, беше одложен поради масовните протести на земјоделците во Франција.

Гласањето во ЕУ за потпишување на договорот е закажано за петок, откако Европската комисија предложи одредени отстапки за да го ублажи противењето на Париз, вклучително и привремено суспендирање на царините за одредени ѓубрива, како амонијак и уреа.

Договорот го поддржуваат неколку земји, меѓу кои Германија и Шпанија, а доколку и Италија гласа „за“, тој може да биде усвоен и без поддршка од Франција.

Италијанскиот министер за земјоделство Франческо Лолобриџида изјави дека е уверен во успешен исход на преговорите, но нагласи дека се потребни дополнителни појаснувања околу заштитните механизми за земјоделските производи.

Според Европската комисија, новата зона на слободна трговија меѓу ЕУ и земјите од Меркосур, со повеќе од 700 милиони жители, би била најголемата од ваков вид во светот.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Договорот ЕУ–Меркосур предизвика бран протести на земјоделци…

Илјадници ирски земјоделци денеска протестираа против трговскиот…

Полицијата да се распореди на терен, а…

Инфлуенсерката Ина Многуфина преку свој статус на…

Реза Пахлави го повика Трамп да биде…

Синот на поранешниот ирански шах Реза Пахлави,…

Минималната плата во Македонија навистина минимална

Само Косово, од земјите во регионот, во…

Силувал малолетничка па ја уценувал дека ќе…

Основното јавно обвинителство Куманово ќе поведе истражна…