ДПИ со засилени контроли на пазарот со вештачки ѓубрива – Дурмиши: Инфлацијата е во рамки на нормалното, за мерки се чека статистика
Ќе се чекаат податоците на Државниот завод за статистика за инфлацијата во април, кои се објавуваат во првата половина на мај, па дури потоа ќе се излезе со конкретни мерки што ќе се преземе за цените на храната. Министерот за економија Бесир Дурмиши вели инфлацијата е во рамки на нормалното и имаме една од најниските стапки на инфлација во регионот.Статистика пак измери дека во март инфлацијата е 4,9 проценти во однос на март лани, а трошоците за храна повисоки за 7,5 проценти.
„Се базираме на официјалните податоци што ги добиваме од Државниот завод за статистика. Во изминатиот месец имаше зголемување на инфлацијата, но таа останува во рамки на нормалното. Доколку се споредиме со земјите од регионот, ние имаме една од најниските стапки на инфлација. Во наредните денови ги очекуваме официјалните податоци од Државниот завод за статистика. Штом ги добиеме овие податоци, кои се јавни и достапни за сите, ќе излеземе со конкретни мерки врз основа на направените анализи“, рече Дурмиши.
Дурмиши вели инспекторите се на терен. Доколку има девијантно однесување кај трговците и енормно зголемување на цените ќе се оди со намалување на ДДВ-то кај храната. Краен чекор ќе биде ограничување на профитните маржи на 5 проценти и кај трговците на мало и на големо.
Вчера пак во телевизиско гостување премиерот Мицкоски кажа дека ќе има нови дополнителни мерки, но ќе мора внимателно да се следи состојбата бидејќи со сегашните мерки прилично многу бил изложен буџетот.
Засилени инспекциски контроли пак на пазарот за вештачките ѓубрива најави Државниот пазарен инспекторат. Ќе се контролира дали трговците ги почитуваат мерките на владата со кои се ограничија трговските маржи за да се помогне на земјоделците поради растот на цените на ѓубривата.
„Како највисоки цени на залихите во трговијата на големо на неоргански ѓубрива се утврдуваат цените што се применувале во трговијата на големо на 15 април 2026 година, намалени за 10 %. Се ограничува највисоката бруто-профитна маржа во трговијата на големо и мало на неорганските ѓубрива до 5 %; како и на органските ѓубрива, органо-минералните ѓубрива, биостимулаторите и подобрувачите на својствата на почвата до 10 %“, велат од Државниот пазарен инспекторат.
Инспекторите ќе проверуваат и дали се почитува обврската за континуирано снабдување на пазарот со вештачки ѓубрива. Одлуките ќе се применуваат до крајот на мај.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
ДПИ со засилени контроли на пазарот со…
Ќе се чекаат податоците на Државниот завод…
За половина од уапсените во акцијата ,,Ботокс”…
Уапсените од вчерашната и денешната акција на…
Германскиот канцелар најави можно ублажување на санкциите…
Германскиот канцелар Фридрих Мерц изјави денеска дека…
Скопјанка од капар за кирија за непостоечки…
СВР Тетово поднесе кривична пријава против А.Ј.(24)…
Штип, Радовиш, Неготино и Конче добија нови…
Нови противпожарни возила и современа заштитна опрема…