ЕДЕН И ЕДИНСТВЕН- РИСТО ШИШКОВ

t

Огромна одговорност и особено тешко е да се пишува за некоја личност која живеела во вашето време, личност со која сте растеле гледајќи ги неговите јавни настапи и улоги со кои сте се поистоветувале, знаејќи ги напамет сите негови дијалози и реплики. Емоциите се човечка особина и тие понекогаш не дозволуваат да се искажете во сублимирана форма, а сето тоа поради морето на информации кои ве притискаат да кажете и напишете што е можно повеќе за вашиот омилен лик и да го приближите што поблиску до читателската публика. Ќе се обидам да ги совладам емоциите и да го прикажам пред тебе почитуван читателу, политичкиот процес што во комунизмот се водел против најдобриот македонски актер на сите времиња, бардот на македонското актерство, сеуште ненадминатиот по улогите на македонското филмско платно и театарските улоги- Ристо Шишков.

Токму утре, на 17 јуни 2026 година се навршуваат 40 години од смртта на Ристо Шишков, датум на кој треба да се потсетиме на неговиот придонес во историјата на македонскиот филм и театар, а особено да го прикажеме пред македонската јавност неговиот случај, отворањето на неговото лично досие од комунистичката Служба за државна безбедност (УДБА), акт што предизвика трагичен крај на неговиот живот на само 46 годишна возраст. За да биде парадоксот поголем, личното досие што УДБА го водела за македонскиот актер го добило оперативното име „Табакера“, ни помалку, ни повеќе, според легендарната улога на Шишков во ликот на Гоце Делчев во истоимената телевизиска драма, снимена во црно- бела техника. Самото име на досието, покажува дека УДБА дури иронично си поигрувала со судбината на Ристо Шишков, именувајќи го неговото досие со името на филмското достигнување по кое македонскиот актер стана познат пред македонската филмска публика. Македонската јавност добро е запознаена дека во комунистичкото општествено уредување има многу малку форми на демократија, но и покрај тој факт, од сегашна гледна точка мора да се запрашаме, што направил Ристо Шишков толку „антидржавно“ и „антикомунистичко“ за да УДБА му отвори лично досие, да го полни истото десетици години со писмени материјали, стенограми од прислушкувани разговори на неговиот телефон, извештаи од службени лица и информатори и во над 700 страници да создаде слика дека легендарниот македонски актер е некаков државен непријател, „националист“ и „шовинист“?

Чинот на отворањето на личното досие на Шишков е сплет на повеќе околности и не се должи само на наводните оперативни сознанија на УДБА за неговата дејност, туку и на информациите на дел од тогашни непријателски настроени луѓе на актерот од филмските и театарските кругови во Македонија и поединци од општествено- политичкиот и културниот живот кои секојдневно ги полнеле папките на „Табакера I“ и „Табакера II“ со секакви, воглавно невистинити или полувистинити податоци за него. Иако дел од процесите и досиејата, меѓу другото и случајот Ристо Шишков, беа отворени и делумно разјаснети во едицијата на Државниот Архив на Република Македонија со наслов „Црните страници на УДБА“ пред десетина години, со тоа прашање, со „Табакера I и II“- тогаш кога ќе се случи целосно декласифицирање на сите досиеја од периодот на комунизмот ќе треба детално да се позанимава и македонската историографија и да се објават сите аспекти на неговото досие, вклучително и тоа, кои луѓе градеа кариери врз трагичната судбина на актерот.

Досието на Ристо Шишков според расположливите документи, може да се дознае со сигурност дека е отворено некаде во почетокот на 70тите години на минатиот век. Во прашалникот од досието поврзан со воведните документи покрај личните податоци за Шишков, се добива слика за две важни работи: прво, актерот немал никакви контакти со УДБА и второ, дека е наводен извршител на „усмена непријателска пропаганда (македонски национализам)“. Овие две одредници, со сите незначителни модификации извршени со бројните извештаи, писма, информации од доушници и други материјали, ќе го одредат текот на животниот пат на Ристо Шишков се до неговата трагична смрт. Тајната комунистичка полиција не можела да се помири со фактот дека не успеала Ристо Шишков да го направи свој соработник, како што се случило со други личности од областа на културата во тогашна социјалистичка Македонија. Но, затоа раката на УДБА преку нејзиниот систем на сврзани садови го контролирала животот на македонскиот актер дури и во деновите и месеците кога тој го достигнал врвот на својата слава и популарност со неговите улоги во „Републиката во пламен“, „Нели ти реков“, „Табакерата“, „Македонска крвава свадба“, „Црно семе“, „Истрел“ и „Најдолгиот пат“. Брилијантната глума на Шишков во ликовите на Гоце Делчев и војводите Питу Гули и Александар Турунџе, се одвивала во исто време кога се полнело неговото досие со разни инфомации за негови вербални настапи на јавни места каде зборувал за сагата на Егејските Македонци- која била и негова лична заради потеклото од егејскиот дел на Македонија.

Доушниците на УДБА ревносно и „вредно“ го запишувале и секој негов истап во кој го критикувал тогашното југословенско и македонско државно- партиско раководство заради нивниот однос кон Македонија и македонското прашање. Особено чувствителни за УДБА биле извештаите од оперативните работници и кодошите во кои јасно се гледа дека Шишков отворено го напаѓал југословенскиот претседател Тито и неговата сопруга, што се сфаќало како највисок непријателски чин против Југославија, нејзиниот уставен поредок и социјалистичкото општествено уредување. Но, по повод сите овие истапи, УДБА и соодветните државни органи не можеле веднаш да преземат конкретни мерки против Шишков, затоа што се работело за вербален деликт, а и популарноста на актерот претставувала извесна пречка. Како УДБА можела веднаш да го затвори и осуди Шишков, затоа што го навредувал Тито, Партијата и државното уредување без некои посериозни настапи од негова страна, на јавни места, пред поголем број на сведоци? Потребно било уште „подебело“ досие за една таква постапка. Информациите за негова „антидржавна“ дејност секојдневно пристигнувале до оперативците на УДБА, воглавно од неврзаните разговори што актерот ги водел со некои колеги во МНТ, во кафеаната „Букет“ или на некои други јавни места каде најчесто доаѓал Шишков после пробите или театарските престави.

Зависта и злобата била главен мотив кај дел од доушниците на УДБА за да го дискредитираат Шишков, а неговата емоционална состојба и настап заради незадоволството поради статусот на Македонците од Егејска Македонија во нивната матична држава, да го прикажат како антидржавен и непријателски чин на македонскиот актер. Личното досие на Ристо Шишков се зголемувало од ден на ден, од месец на месец. УДБА започнала да го прислушкува и неговиот домашен телефон, за што документацијата од неговото лично досие содржи стенограми од десетици разговори со пријатели, колеги и членови од семејството, но ниту еден од тие разговори нема ништо друго, освен интимни семејни работи и секојдневни теми, со ништо опасни или непријателски за СФР Југославија или СР Македонија. Шишков секогаш се наоѓал еден чекор напред пред Службата и имајќи претчувство дека неговиот телефон се прислушкува, не ретко знаел да крене слушалка и да им предочи дека знае за тоа, иронизирајќи и обраќајќи им се со зборови дека не се плаши и дека „немаат доволно голема ќелија“ за него. Парадокс! УДБА ги документирала и тие искази на Шишков! Состојбите со кариерата на Ристо Шишков ескалирале во 1979 година за време на снимањето на филмот „Води“ што се случувало во Струга.

Работите излегле надвор од контрола при една наизглед беззначајна филмска сцена во која македонскиот актер требало да глуми секвенца на пијан српски жандарм во кафеана, а сцената се повторувала неколкупати заради забелешките на членови на екипата околу говорењето и познавањето на српскиот јазик од страна на Ристо Шишков. Емоциите на бардот на македонскиот филм и театар биле на највисоко ниво. Вербалниот конфликт што избил меѓу него и членовите на филмската екипа кои биле од други југословенски републики бил искористен од државните институции, конечно да покренат кривична пријава во која Шишков се обвинувал за националистички и шовинистички навреди кон лица од друга националност. Иако тоа била сурова реалност, настаните за актерот се ределе како на филмска лента, по претходно утврдено сценарио, но не од филмски работник, туку од Службата за државна безбедност УДБА.

Врз основа на исказите на сведоци на настанот, а по судскиот процес против него, Ристо Шишков во почетокот на 1980 година заминал на отслужување на неколкумесечна затворска казна. Тоа бил еден од последните удари врз него, што тешко можел да го поднесе. По излегувањето од затвор, Шишков ги почувствувал вистинските удари и суровоста на комунистичкиот режим и не случајно, еден дел од негова песна која е приказната на неговиот живот, оди со зборовите: „Се родив во време опасно, време комунистичко…“. Продолжиле мерките на УДБА против него: физичко следење, прислушкување на телефонот, писмени извештаи на кодошите до УДБА во кои се измислувале најневозможни приказни за негова целосна дискредитација и елиминација. Шишков добивал се помалку улоги на „штиците што живот значат“, филмските улоги најчесто биле маргинални, како споредната улога во „Црвениот коњ“, а налудничавите идеи оделе до тој степен што имало предлози од некои кругови да се бришат сцените каде што најчесто имал главни улоги! Тоа е последната фаза од животот на Големиот Ристо Шишков! Неговата големина му пресуди, неговите огромни актерски способности беа причина да му пресудат потпросечните и беззначајните! Во една крајно тешка ситуација, маргинализиран и речиси заборавен, освен од поединци и неговите најблиски, Ристо Шишков по кратко боледување, прерано го завршил својот животен пат на 17 јуни 1986 година!

40 години без Ристо Шишков! Утре е годишнината од неговата смрт! Великанот физички не е меѓу нас, но неговите улоги се живи, преку неговата глума воскреснати се и Гоце Делчев, Турунџев и Питу Гули кои така ги доближи, ги оживеа пред очите на македонската филмска публика, како да ги извади од временската машина и ги донесе пред нас! Растевме со улогите на Ристо Шишков, а незаборавните сцени од култните македонски играни филмови не напојуваа со искрен и чист македонски патриотизам и љубов кон Македонија! Денеска можеме и да се запрашаме, колку направи нашата држава да не се заборави ликот и делото на Ристо Шишков? Досега се напишани неколку книги за неговиот живот, постои и работи филмски фестивал со неговото име и во негова чест, снимен е македонски документарен филм за неговиот живот, изложена е восочна фигура во Музејот на ВМРО и жртвите на комунистичкиот режим која можат да ја видат посетителите, објавен е дел од неговото лично досие во едицијата „Црните страници на УДБА“. Сепак останува да се довршат уште неколку работи, за да Ристо Шишков целосно го добие своето заслужно место, највисоко на пиедесталот во македонската филмска и театарска историја, во историјата на Македонија и македонскиот народ. Македонската историографија мора да се зафати со пишување и публикување на научна монографија за Ристо Шишков каде нема да има табу теми и каде ќе се осветлат сите страници од неговиот живот, вклучително и сите сегменти од неговото лично досие.

Во таа монографија за Шишков еднаш засекогаш треба да се расчисти со темната страница на македонската историја поврзана со дејствувањето на репресивниот апарат на Службата за државна безбедност УДБА и тоа на начин што истата ќе се размонтира и обзнани до најситни детали, до последното зрно на злото кое таа го содржи во себе! Само на таков начин вистински ќе му се оддолжиме и на Ристо Шишков и на сите репресирани неистомисленици на комунистичкиот систем и едноумието. И на крајот, филмските работници и нашата држава Македонија да размислат дали конечно не е дојдено времето да се сними и македонски игран филм за Ристо Шишков, филм во кој ќе бидат изложени и опфатени сите сегменти на неговиот живот: актерството, семејството, неговиот однос кон Македонија и македонското прашање и неговото политичко досие.
Во името на историската правда, во името на вистината, нека е вечен споменот за Ристо Шишков! Вечна памет на македонскиот актерски Великан, Ристо Шишков!

Пишува: Проф.д-р Никола Жежов

Скопје, Македонија, 16 јуни 2026 година

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ЕДЕН И ЕДИНСТВЕН- РИСТО ШИШКОВ

Огромна одговорност и особено тешко е да…

Македонската амбасадорка во Софија повикана на разговор…

Вршителката на должноста амбасадор на Македонија во…

Виктор Стојанов со закани за премиерот Мицкоски

Бугарската фондација Македонија повикува на блокирање на…

Израелски медиуми тврдат дека Катар и Иран,…

Израелските медиуми денеска објавија дека Катар, пред…

Сиљановска-Давкова: Западен Балкан е понапред од Украина…

Претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова оцени дека…