Заглавени 69 милиони евра, празни зони и договори без покритие
Финансиски неправилности, недоволна искористеност на државниот имот и проблематични јавни набавки создаваат значајни правни и фискални ризици за Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони (ДТИРЗ), покажува деталниот извештај на Државниот завод за ревизија за работењето на институцијата во 2024 година.
Ревизорите утврдиле состојби што резултирале со неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи на сметката на основниот буџет (637), како и со мислење со резерва за сметката на буџетот од самофинансирачки активности (787), што укажува на сериозни слабости во финансиското управување и во усогласеноста со законите.
Технолошките индустриски развојни зони без целосна функција, милионски инвестиции без амортизација
На територијата на државата се формирани 16 технолошки индустриски развојни зони и три индустриски зони, со кои управува ДТИРЗ, а во тек е и постапка за формирање нови зони во општините Куманово и Липково. И покрај тоа, ревизијата покажува дека значителен дел од постојните капацитети не се користи.
Од вкупната корисна површина, 287 хектари не се дадени под закуп, додека седум ТИРЗ со површина од 203,5 хектари и една индустриска зона од 3,2 хектари воопшто не се ставени во функција. Во периодот од 2009 до 2023 година, во овие нефункционални зони биле вложени 143,4 милиони денари (2,3 милиони евра), средства што не генерираат никакви економски ефекти.
Ревизорите нотираат дека инвестиции во тек, во вредност од 4,243 милијарди денари, односно 68,99 милиони евра, и понатаму се водат како материјални средства во подготовка. За овие средства не се пресметува амортизација, иако голем дел од инфраструктурата фактички се користи. Причината за ваквата состојба, според извештајот, е тоа што не се исполнети законските услови за добивање одобренија за употреба, што дополнително го нарушува реалниот приказ на финансиската состојба на ДТИРЗ.
До крајот на 2024 година, Дирекцијата немала донесено тригодишна инвестициска програма, како клучен стратешки документ за планирање на капиталните вложувања. Програмата е усвоена дури во декември 2024 година и се однесува на периодот 2025–2027, што, според ревизијата, влијаело за несоодветно и ад-хок планирање на инвестициите.
Милионски договор без анализа и студии
Еден од најсериозните наоди се однесува на договор склучен во 2023 година, за изградба на објекти во повеќе ТИРЗ (Скопје 1, Скопје 2, Штип и Прилеп), по принципот „клуч на рака“, во вкупна вредност од 1,78 милијарди денари (28,97 милиони евра). Ревизијата утврдила дека била спроведена набавката без анализа на трошоците и на придобивките, без физибилити студија и без детална проектна документација, и покрај тоа што станува збор за исклучително комплексна капитална инвестиција. Проценетата вредност била утврдена исклучиво врз основа на ценовник за инженерски услуги, без пазарни анализи и без користење на можноста за технички дијалог со економските оператори.
Дополнително, набавката не била спроведена како делива, иако опфаќа различни објекти и локации. На крајот од 2023 година бил исплатен аванс од 20 %, односно 302 милиони денари (4,9 милиони евра), иако договорот не содржел јасно уредени одредби за плаќање на проектната документација. Овие слабости, според ревизорите, создаваат правна несигурност и висок финансиски ризик, поради што во јули 2025 година ДТИРЗ ја информирала Владата за потреба од спогодбено раскинување на договорот.
Дополнителни неправилности се утврдени при изградбата на административен објект во ТИРЗ Штип, за кој во декември 2022 година бил склучен договор во вредност од 212,4 милиони денари (3,47 милиони евра). Поради недоволно прецизна проектна документација, бил склучен анекс за дополнителни и непредвидени работи.
Ревизијата посочува дека потпорниот ѕид и пристапната улица не биле опфатени со проектната документација за која е издадено одобрение за градење, што е спротивно на Законот за градење. Изведувачот започнал и со набавка и со монтажа на пречистителна станица без претходно одобрение за измените во текот на градбата.
Консултантски услуги без резултат, маркетинг без мерливи ефекти
Во јануари 2023 година, ДТИРЗ склучила договор за консултантски услуги за избор на партнер за јавно-приватно партнерство за ТИРЗ Гевгелија, во износ од 39 милиони денари (635 илјади евра). Поради поставени ограничувачки и дискриминаторски критериуми, била доставена само една понуда.
Иако бил реализиран договорот во износ од 33 милиони денари, односно 85 % од договорената вредност, двата јавни повици за избор на партнер во 2023 и во 2024 година биле поништени поради недостиг на понуди. Клучните активности од проектот, според ревизијата, не биле исполнети, што укажува на неефикасно и неекономично користење на буџетските средства.
Во септември 2023 година, Дирекцијата склучила рамковна спогодба за промоција на странски директни инвестиции во вредност од 15,34 милиони денари, која со анекс во 2024 година била зголемена на 18,29 милиони денари, што претставува зголемување од 19 %. Во 2023 и во 2024 година биле преземени обврски од 16,86 милиони денари. Ревизијата утврдила дека дел од активностите се преклопуваат со надлежностите на постојниот Сектор за маркетинг и комуникација во ДТИРЗ, а поради невоспоставени индикатори за мерење на ефектите, не може да се оценат оправданоста и придобивките од овие трошоци.
Во сметководствената евиденција на ДТИРЗ се евидентирани 39,65 милиони денари задржани депозити по основ на склучени договори за градежни работи од минати години. Поради фазната изградба на инфраструктурата и недобиените одобренија за употреба, депозитите не се враќаат, што создава реален ризик од судски постапки и дополнителен финансиски товар за институцијата.
Дополнително, по договор за закуп на деловен простор склучен во јануари 2024 година, ДТИРЗ исплатила депозит од 7,18 милиони денари, кој поради раскинување на договорот и судска постапка, сè уште не е вратен.
Покрај наведеното, ревизијата укажува и на слабости во управувањето со државната помош, долготрајно водење објекти како инвестиции во тек и на законска неусогласеност во делот на платите. За сите утврдени состојби, Државниот завод за ревизија дал конкретни препораки со цел подобрување на финансиската дисциплина, зголемување на транспарентноста и поефикасно управување со јавните средства.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Заглавени 69 милиони евра, празни зони и…
Финансиски неправилности, недоволна искористеност на државниот имот…
Пробиен безбедносниот систем на БКТ, најголемата банка…
Голем број клиенти на Национална трговска Банка…
Помошта доаѓа, кажа Трамп и ги повика…
Доналд Трамп ги повика Иранците да продолжат…
Трамп: Доаѓа денот на пресметка и одмазда
Американскиот претседател Доналд Трамп на својата социјална…
Алиу: Половина од населението зависно од цигари,…
Министерот за здравство Азир Алиу тврди дека…