Западен Балкан поблиску до ЕУ-без членство, туку со постепена интеграција
Предлогот на германскиот канцелар Мерц е на маса и лидерите на ЕУ размислуваат за опцијата: Западен Балкан како набљудувач во ЕУ, а Украина како придружна членка без право на глас. Дел од европските дипломати даваат позитивни сигнали за оваа можност – не како замена за полноправно членство, туку како механизам да се приближи Унијата до земјите-кандидати.
Во писмото на канцеларот Мерц од пред една недела, се предлага да се разгледаат иновативни решенија за земјите кои долго време се подготвуваат за пристапување. А, премиерот Мицкоски денеска изјави дека сака да слушне повеќе детали за идејата.
„Љубопитни сме да дознаеме повеќе каква е идејата. Тоа претпоставувам ќе се случи на самитот којшто ќе го имаме сега во Тиват, од четврти до петти јуни. Јас ќе бидам таму така што со нетрпение очекувам да ги слушнам овие концепти и овие идеи. Откако ќе имаме повеќе суштина, тогаш ќе можеме и да зборуваме во јавност“, изјави премиерот Мицкоски.
Додека Владата се подготвува за самитот ЕУ-Западен Балкан во Тиват, останува отворено прашањето – дали ќе има придвижување на блокираниот европски пат на Македонија, наспроти другите земји-кандидати од регионот кои прават крупни чекори кон полноправното членство. За европските перспективи на регионот денеска се разговара и на конференција во Виена каде што, меѓудругото, се отвори и темата за постепена интеграција на Западниот Балкан. Од земји-членки на Унијата порачуваат: „ добра е можноста за обичните граѓани од земјите-кандидати да почувствуваат што значи да се биде дел од ЕУ“.
„Јасно е дека ако сакаме овие земји да се приклучат, мораме да бидеме поактивни и покредибилни. Од таа причина, оваа идеја на постепена интеграција што беше развиена пред неколку години и беше прифатена, сега е нешто што мора да го прошири овој концепт. Тоа е нешто што значи дека не мора да се помине целиот процес на преговори, без да се ужива во некои од придобивките на ЕУ“, рече Улрике Хартман од одделот за Западен Балкан и проширување, МНР Австрија.
Европратеникот и известувач за Македонија во Европскиот парламент, Томас Вајц, зборуваше за националистичката реторика присутна кај дел од земјите-членки на Унијата, како и методологијата која според него го прави процесот понеизвесен и им дава на членките повеќе простор за политички блокади.
„Ние во Европската унија мораме да работиме бидејќи со новата методологија којашто Франција нѝ ја наметна, да дозволиме секоја држава земја-членка да може да направи вето за секој мал чекор за проширувањето – тоа е многу проблематично. Бидејќи, овие идентитетски прашања и оваа националистичка и идентитетска реторика не е добра за регионот. Тоа го имаме и тука, во Австрија и во Бугарија и секаде. Ние од ЕУ мораме домашната задача да си ја сработиме за да ги надминеме овие наративи“, кажа Томас Вајц, европратеник и известувач за Македонија во ЕП.
На 2 јуни во посета на Скопје доаѓа претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, непосредно пред самитот за Западен Балкан кој ќе се одржи во Црна Гора. Тој ќе ја донесе пораката дека проширувањето на ЕУ повторно е високо на агендата.
А, премиерот Мицкоски денеска запрашан за посетата на Кошта, вели дека некултурно би било Македонија преку ноќ да го промени ставот, нема отстапки од позициите и нема уставни измени без гаранции за земјата.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Западен Балкан поблиску до ЕУ-без членство, туку…
Предлогот на германскиот канцелар Мерц е на…
Милошоски: Македонија не смее повторно да влегува…
Антонио Милошоски, пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ…
Петрова бара од Македонија да не влегува…
Министерката за надворешни работи на Бугарија, Велислава…
Судир за јавното земјиште во Тетово: ДУИ…
ДУИ ја обвини Општина Тетово и мнозинството…
ОСУДЕН НА 15 ГОДИНИ ЗАТВОР АВСТРИСКИОТ ГРАЃАНИН…
21-годишен Австриец е осуден на 15 години…