Зулфиќар Зејнула избран за нов министер без ресор

t

Собранието денеска го избра претседателот на Демократската партија на Турците во Македонија, Зулфиќар Зејнула, за министер без ресор во Владата. За неговиот избор гласаа 67 пратеници, 13 беа против, а ниту еден пратеник не беше воздржан.

По завршувањето на гласањето, Зејнула ја даде свечената изјава во законодавниот дом и официјално стана нов член на владината структура.

Предлогот за негов избор пред пратениците го образложи премиерот Христијан Мицкоски, кој истакна дека станува збор за избор на човек кој треба да придонесе во работата на институциите и решавањето на проблемите на граѓаните.

„Не барам поддршка само за кандидат за член на Владата, туку за принципот дека институциите треба да ги водат луѓе кои имаат одговорност, носат одлуки и работат во интерес на сите граѓани“, рече Мицкоски.

Премиерот посочи дека на државата ѝ се потребни стабилни институции и функционери кои ќе се фокусираат на резултати, наместо на политички пресметки.

Од опозициските редови не го поддржаа предлогот, при што пратеникот Оливер Спасовски оцени дека изборот на нов министер нема да донесе суштински промени.

Според Спасовски, не било јасно со какви конкретни задолженија ќе располага Зејнула како министер без ресор и какво портфолио ќе има во Владата.

„Не слушнавме кои ќе бидат обврските кои ќе му бидат делегирани. Очекуваме резултати во економијата, образованието, здравството и земјоделството“, изјави Спасовски.

Изборот на Зејнула следува откако ВМРО-ДПМНЕ и Демократската партија на Турците во Македонија постигнаа коалициски договор, со кој оваа партија доби претставник во извршната власт.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ