И Европската Унија сака повратни центри во Западен Балкан
Европските планови за нови центри за враќање мигранти ја откриваат длабоката поделба меѓу земјите членки. Австрија бара строги гаранции за почитување на човековите права, Брисел инсистира на поширока соработка со трети земји, Италија го турка моделот со Албанија, а Унгарија целосно го одбива механизмот. И покрај новите правила, Унијата останува без заеднички пристап кон миграцијата.
Плановите на Европската комисија за формирање нови центри за враќање мигранти надвор од Унијата повторно ја отворија длабоката поделба меѓу земјите членки, но и меѓу европските претставници задолжени за миграции. Австриската министерка за правда, Ана Шпорер, најави дека ќе бара строго дефинирани услови за отворање вакви центри, додека европскиот комесар за миграции Магнус Брунер веднаш ѝ возврати дека ограничувањето само на држави членки на Советот на Европа е непотребно и нереално. Во меѓувреме, Италија се подготвува да го рестартира моделот со центрите во Албанија, а Унгарија веќе порача дека нема намера да прифати ниту еден мигрант. Овие различни позиции го отсликуваат сложениот момент во кој се наоѓа европската миграциска политика непосредно пред примената на новите правила.
Министерката за правда на Австрија Ана Шпорер изјави дека формирањето центри за враќање може да се случува само во држави кои можат да гарантираат почитување на човековите права, нагласувајќи дека тоа подразбира членство во Советот на Европа, а со тоа и исклучување на голем број африкански земји. Според неа, можна локација би биле држави како Турција или земјите од Западен Балкан кои веќе се дел од европската правна рамка. Таа порача дека Австрија мора да биде особено внимателна за да не се создадат центри во средини каде што правната заштита е слаба, а третманот на мигрантите неизвесен.
Комесарот за миграции на Европската Унија, Магнус Брунер, веднаш реагираше, оценувајќи дека ставот на Шпорер е премногу рестриктивен. Тој истакна дека Европската Унија мора да соработува и со држави кои не се членки на Советот на Европа, бидејќи многу од нив, според неговите зборови, обезбедуваат стабилни услови и го почитуваат меѓународното право. Брунер додаде дека затворањето на вратата за ваква соработка би ја ограничило можноста за договори кои се неопходни за брзо и ефикасно спроведување на враќањата.
Критики доаѓаат и од Европскиот парламент. Европратеничката од редовите на австриската крајна десница Петреа Стегер оцени дека планот на Унијата е недоволен, бидејќи центри се предвидени само како опција, а малолетниците и нивните семејства се исклучени. Според неа, механизмот за надзор кој треба да обезбеди контрола на примената лесно би можел да стане, како што рече, средство за политичка злоупотреба од невладини организации кои ги смета за идеолошки мотивирани. Таа порача дека вистинска системска промена сè уште нема.
Албанските центри повторно се активираат, отпорот од Унгарија расте
Италијанскиот министер за внатрешни работи Матео Пјантедоси најави дека двaтa миграциски центри во Албанија ќе бидат целосно оперативни до летото, веднаш по конечното усвојување на европските регулативи. Тој оцени дека договорот кој го постигнаа министрите за внатрешни работи во Брисел претставува важен пресврт во миграциската политика на Европската Унија и дека со забрзаните гранични процедури ќе може побрзо да се утврдува кои лица имаат право на влез и кои треба да бидат веднаш вратени.
Во моментов центрите во Албанија функционираат ограничено поради судски одлуки, но според Пјантедоси, веќе сега се користат за враќања, што се смета за прв чекор кон нивното целосно активирање. Тој ја поздрави европската согласност за новите правила и истакна дека тие носат повеќе контрола на границите, посистематична солидарност меѓу државите членки и побрзо враќање во држави кои се сметаат за безбедни. На критиките од италијанската опозиција, која овој модел го нарекува неефикасен и идеолошки мотивиран, министерот возврати дека локалните власти под тешки услови прават извонредни напори.
Паралелно со тоа, Унгарија категорично го отфрли новиот механизам за солидарност.
Bладин министер задолжен за канцеларијата на премиерот Виктор Орбан порача дека државата нема да прифати ниту еден мигрант и дека Европската Унија нема право да одлучува со кого треба да живеат унгарските граѓани. Како аргумент го наведе референдумот од 2016 година, на кој мнозинството граѓани се изјаснија против распределбите. Унгарија останува при ставот дека миграциските политики мора да бидат целосно во национална надлежност.
Извор: Слободен Печат
Зоран Русмир, дописник на Слободен печат од Виена, Австрија
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
И Европската Унија сака повратни центри во…
Европските планови за нови центри за враќање…
Одреден притвор за напаѓачот на Инфомакс
Поднесена кривична пријава против лицето кое насилно…
Голем дел од Скопје остана без парно
Поради планирано приклучување на објектите на ул.…
Владата на Мицкоски доцни со социјалната помош,…
На адресите на примателите на социјална помош,…
(Фото) Продолжуваат повиците за линч на екипата…
Ако имаше било каква дилема кој е…