Изет Меџити го нарече Арбен Таравари министер за канабис – тој најави тужба
Чаирскиот градоначалник, чија партија е дел од владејачката коалиција ВЛЕН, рече дека Таравари, додека бил министер за здравство, потпишал седум лиценци за производство на канабис. Таравари, пак, на Фејсбук порача дека нема друг начин како да се одбрани од клеветите против него, освен со тужба
Градоначалникот на Општина Чаир и лидер на Демократското движење, дел од владејачката коалиција ВЛЕН, Изет Меџити, вчера во гостување на ТВ Лајм, го нарече Арбен Таравари министер за канабис, посочувајќи дека кога бил на чело на Министерството за здравство потпишал седум лиценци за производство на канабис.
По изјавата на Меџити, Таравари се огласи на својот фејсбук-профил, каде што најави тужба за клевета.
Меџити, зборувајќи за обвинувањата од Таравари во врска со случајот за компанијата „Ѓока констракшн“, која требаше да стопанисува со паркингот на Клиничкиот центар во Скопје, се надоврза на акцијата што изминатиот период се спроведуваше, а во која се запленети над 40 тони марихуана на повеќе локации низ земјава.
„Денеска имаме тема за канабис, па затоа е добро јавноста да знае дека тој (Таравари, н.з.), во својство на министер за здравство, за четири-пет месеци, за седум месеци, потпишал седум лиценци за одгледување на канабис. Значи, тој не беше министер за здравство, туку министер за канабис, министер за марихуана. Со тоа, тој го донесе подземјето на регионот на Македонија, а денес ги гледаме политиките што тогаш ги спроведуваше“, рече Меџити за ТВ Лајм.
Арбен Таравари, лидер на дел од Алијанса за Албанците, на Фејсбук реагираше на изјавата на Меџити, најавувајќи дека ќе поднесе тужба, за која рече дека ќе ја повлече, ако добие извинување од градоначалникот на Чаир.
„Немам друг начин, освен правен, за да одговорам на сериозните клевети што повторно се упатени кон мене. Така, господинот Меџити рече дека во мое време сум издал седум лиценци за одгледување канабис и ме нарече министер за канабис. Ќе поднесам тужба за клевета и ќе ја повлечам само ако ми упати јавно извинување“,
напиша Таравари на Фесбук.
Таравари беше министер за здравство од јуни 2024 до мај 2025 година, кога ја напушти коалицијата ВЛЕН и на локалните избори настапи во коалиција со ДУИ.
Инаку, Владата пред два дена донесе одлука за спроведување вонредни контроли во сите правни лица и објекти кои имаат добиено лиценци за одгледување марихуана за медицински цели.
Ова следува откако министерот за внатрешни работи Панче Тошковски заедно со премиерот и дел од раководните структури во МВР покажаа дел од марихуаната што изминатата недела се запленуваше на неколку локации во земјата.
Според Тошковски, комисија од Министерството за здравство веќе констатирала оти марихуаната била третирана незаконски односно дека е произведувана, складирана и чувана надвор од оние утврдени протоколи.
Од ОЈО ГОКК засега нема наредба за спроведување истрага, ниту осомничени во случајот со запленетата марихуана.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Изет Меџити го нарече Арбен Таравари министер…
Чаирскиот градоначалник, чија партија е дел од…
ССМ: Ако газдите не се одважат да…
Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) денес…
УЖАС: Откриена меѓународна педофилска мрежа, момчиња биле…
Француските и сенегалските власти открија меѓународна педофилска…
Мисајловски: Здружени во НАТО можеме да го…
Министерот за одбрана Владо Мисајловски денеска присуствуваше…
(Видео) Трендафилов објави видео од Дафина Стојаноска…
Претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија…