Израел гради огромен песочен ѕид за да ја подели Газа
Без никаква јавна најава, Израелските одбранбени сили (ИДФ) градат голема бариера од песок, со која се одделуваат 50 до 70 отсто од Појасот Газа што ги контролира Израел од подрачјата под контрола на Хамас, потврди вчера израелската војска.
Компанијата за сателитско снимање „Планет лабс ПБЦ“ ги забележала промените на теренот и снимките ѝ ги доставила на агенцијата „Асошиејтед прес“, која прва ја објави информацијата.
Според сателитските снимки, во изминатите месеци биле изградени повеќе од 23 километри песочни насипи низ Појасот Газа. Тие честопати минуваат низ подрачја каде што некогаш имало палестински населби, кои во меѓувреме биле урнати од израелската војска.
Толку долга песочна бариера би изнесувала повеќе од половина од должината на Газа, која е долга околу 40 километри и широка најмногу 11 километри.
Засега не е јасно дали целта на ИДФ е бариерата да се протега низ целиот Појас Газа, ниту, пак, дали Израел настојува Хамас и повеќе од два милиона Палестинци да ги ограничи на околу 30 отсто од територијата на која моментално живеат или на приближно 47 отсто, колку што Хамас задржа по прекинот на огнот од октомври 2025 година.
Во последните месеци израелската армија, без поголеми судири, постепено ја проширувала територијата под своја контрола во Појасот Газа. Хамас беше потиснат од линијата што опфаќаше околу 47 отсто од енклавата кон подрачје од приближно 30 отсто. Израел тврди дека станува збор за реакција на одбивањето на Хамас да го почне договорениот процес на разоружување. Палестинската група, пак, условува делумно предавање на оружјето со дозвола за обнова на разурнатата Газа.
Одборот за мир, задолжен да посредува според примирјето од октомври 2025 година, досега главно ја поддржувал израелската позиција во спорот. Сепак, Одборот и американскиот претседател Доналд Трамп се противат на нова израелска офанзива во областите под контрола на Хамас.
„Зона во која Палестинците не смеат да влегуваат“
ИДФ објаснува дека песочниот насип „треба јасно да ја обележи зоната во која Палестинците не смеат да влегуваат“ и да спречи упади кон блиските израелски населби.
Сателитските снимки покажуваат дека јужниот дел од бариерата меѓу 1 и 15 јули бил продолжен од околу 500 метри на 2,4 километри. Тој минува низ урнатините на Рафа, а доколку изградбата продолжи, би можел да се спои со насип долг околу 17 километри, кој се протега од Кан Јунис до близина на градот Газа.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Израел гради огромен песочен ѕид за да…
Без никаква јавна најава, Израелските одбранбени сили…
Џеј Ди Венс: Дел од израелската влада…
Американскиот потпретседател Џеј Ди Венс изјави дека…
Вучиќ: Хрватска тајно се обидува да го…
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави минатата…
Израел ќе гради уште 34 нови населби…
Израелскиот кабинет за безбедност одобри буџет од…
Палестински доктор од Газа тврди дека бил…
Случајот со палестинскиот лекар д-р Хусам Абу…