Каде одредени луѓе од „врвот“ на СДСМ се пронајдоа во „талогот“ за кој зборуваше Мицкоски?

t

На секоја афера која медиумите ќе ја објават за актуелната власт, има пет афери од актуелната опозиција…

Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, во својот говор по повод одбележувањето на 2 Август, покрај пораките дека треба да се запре со омразата и да се зачува споменот на Илинденците, упати и апел граѓаните да не веруваат на „талогот“ кој се радува на потешкотиите на државата.

– „Она што ме загрижува е што наместо да имаме натпревар со идеи, концепти и предлози, се создава блато составено од многу нихилизам, омраза, ширење на епидемија од дефетизам како супститут на квалитетната понуда. На секој успех се гледа како со недоверба, на секоја наша потешкотија или борба, се гледа нивната радост да не успееме. Сакам да им порачам дека никогаш нема да се откажеме од борбата да ја направиме Македонија подобро место за живеење, наш дом и наша иднина. Никогаш нема да го прифатам нивното однесување на отстапки кон прашањата кои се блокада на нашиот пат кон Европската унија и никогаш нема да го разочарам народот. Јас предавства на штета на државата и народот, како што тоа се правеше во минатото по ниту една цена нема да направа. Драги пријатели, ве молам, не паѓајте во замката на талогот кој тие го создаваат, ве молам внимавајте и не им верувајте, на тој талог на неуспеси, цинизам и мразење на се што е успешно. Нашата генерација има обврска да се избори за нешто што е подеднакво важно, да ја сочува душата, да ја врати вербата во институциите, достоинството на чесниот човек и повторно да ја направи надежта најсилната движечка сила на нашето општество.“ – рече Мицкоски во дел од својот говор.

Во овие изјави се пронајде дел од раководството на СДСМ, од каде пристигнаа низа соопштенија и прес-конференции.

„Денеска мораме да изреагираме на тоа што го видовме за време на илинденските празници, а тоа е еден говор полн со омраза и навреди од страна на премиерот. Истиот човек кој со години нас, граѓаните, нè нарекува, цитирам, „талог на општеството“, „мекотели“, „мочуриште“, „медиокритети“, „лешинари“, повторно, и тоа од говорницата во Пелинце, каде што требаше да се испрати порака за обединување, го користи истиот јазик на омаловажување.“ рече Андреј Жерновски на прес-конференција од партиското седиште.

Прашањето е, кој се пронајде во талогот? Мицкоски секако не, бидејќи самиот веројатно смета дека е подобар од тие за кои зборува.

Ги оставаме политичарите на страна, дали обичниот граѓанин кој работи, придонесува за себе, за семејството, за државата и општеството се пронајде во „талогот“? Дали се пронајде македонскиот работник, реагираа ли уметниците, професорите, лекарите?

Не видовме реакција од никого, освен од раководството на Социјалдемократскиот сојуз, кои очигледно се единствените кои се пронајдоа во овој талог, а веројатно има и зошто.

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче и раководството се маргинализирани и непрепознаени од партиското членство, особено откако Филипче не ги испочитува анкетите на последните локални избори. Членството со право се чувствува предадено и како да го носи на грб политичкиот багаж на лидерот и тие околу него.

Премиери, министри, градоначалници, дипломати кои имаат богата кариера на политички скандали и промашувања, познати афери од кои за дел произлегоа и кривични процеси и судски одлуки, како и афери кои и до овој момент сѐ уште постојат и секако круната на сите влади на СДСМ, промената на уставното име на државата.

Самиот Филипче има тежок политички багаж позади себе, запаметена секако ќе остане модуларната болница за која се зборува дека и самиот се распрашувал по обвинители „дали навистина има нешто за мене“, случај во кој обвинети беа лекарите кои биле на смена, а заврши без речиси никаква одговорност за одговорните кои предизвикаа смрт на пациентите кои отишле во модуларната болница за нивниот живот да биде спасен. Филипче ја влече зад себе и КОВИД-пандемијата, фамозната набавка на респиратори каде првата набавка каде едно парче чинеше 16.000 евра беше поништена, а подоцна респираторите беа купени за 25.000 евра. Тогашната опозиција обвини дека биле фаворизирани поскапи цени за респираторите. Фантом-фирмите за набавка на вакцини против Ковид-19 исто така остануваат запаметени како и фаворизирани фирми на блиски роднини, пропадната изградба на Клиничкиот центар за кој се плаќаа и милионски казни, афери со лаборатории и најново, непостапување по пријави за небезбедна вода за пиење во Гостивар.

Филипче во ниту еден момент не се огради од поранешниот претседател на партијата, Зоран Заев, за кој веројатно македонските граѓани имаат доминантно негативни асоцијации, повторно овде стои промената на името, десетици тендери, затворени генерални секретари на Влада и договорот со соседна Бугарија, од кој и денес ги влечеме проблемите со вето за пристапните преговори.

Жерновски, кој ја одржа оваа прес-конференција и самиот има багаж веројатно колку и Филипче. Аферата „Паразити“ беше позната во македонската јавност, а од неа се дозна дека Жерновски во период од година и половина секој месец добивал по 1.000 евра (вкупно над 18.000 евра) од Министерството за здравство. Тој бил ангажиран како проектен менаџер за изградба на новиот Клинички центар во Штип. Истражувачките медиуми за време на неговото градоначалникување објавија стории за тоа како Општина Центар потрошила над 1 милион евра за хортикултурно уредување (зеленило, жардиниери, садници) преку јавни тендери. Спорниот момент беше што на тендерите имало само „еден единствен понудувач“, што во јавноста отвори сомнежи за однапред договорени зделки и фаворизирање на конкретна фирма. Како заменик-министер за надворешни работи во владата на СДСМ, Жерновски се поврзува и со спорната н адворешна политика на тогашната Влада.

Поранешни министри сега се пратеници, а активноста на пратеничката група на СДСМ не е особено истакната. На нивните критики кон актуелната власт, речиси секогаш следува одговор дека во нивно време било полошо. Бисера Костадиновска Стојчевска јавноста ја памети како „Бисера Антоанета“, поради нејзините трошоци за време на службени патувања, поранешниот министер за транспорт, Благој Бочварски, познат по милионските тендери за фирмата на неговиот татко и неговиот чичко, Љупчо Николовски и истрагата за путерот, Оливер Спасовски и аферата „Двојник“ каде македонскоот МВР издавало пасоши на мафијаши од целиот свет, аферата „Броило“ на Димитар Ковачевски… Речиси целата пратеничка група не може да каже ништо, бидејќи веднаш следува набројуавње на нивните афери, а со тоа се преиспитува и нивниот кредибилитет да ги претставуваат граѓаните кои сакаат да бидат опозиција во оваа држава.

И по сето ова, останува прашањето, кој се пронајде во „талогот“ за кој зборуваше Мицкоски?

На секоја афера која медиумите ќе ја објават за актуелната власт, има пет афери од актуелната опозиција, што од сега, што од годините кога биле власт. Медиумскиот простор лесно се покрива со секојдневни препукувања и вниманието лесно се свртува кон минатото, но тоа секоја власт го искористува, а опозицијата не смее да дозволи да биде така.

Секоја Власт има потреба од силна, но и чиста опозиција, која може да ја контролира работата на Владата, да даде критика, а со тоа да придонесе не само за подобрување на сопствената позиција, туку и за објективно претставување на граѓаните и нивните ставови. Во Македонија таквата опозиција не ја гледаме. Власта без опозиција води кон апсолутизам, но опозицијата во Македонија тоа очигледно не може или не сака да го сфати…

А. Петровска

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Каде одредени луѓе од „врвот“ на СДСМ…

На секоја афера која медиумите ќе ја…

Ковачки: Тие што со децении ја влечеа…

Никој не ги спомна со име, ама…

МНРиНТ: Тврдењата за постоење таен договор или…

Денешната прес-конференција на СДСМ е уште еден…

Владата го демантира СДСМ: Шише вода од…

Владата ги отфрли како „невистинити“ и „целосно…

СДСМ: Владата купи вода за Гостивар за…

Додека граѓаните на Гостивар со недели пиеја…