Кадриу: Осудените за „мерцедесот“ беа „земени на врат“, а случајот со Нешковски беше „чист“, иако Заев мавташе со снимките

t

Во случајот „Тенк“, набавката на блиндираниот „мерцедес“, Владата не била обврзана да објавува оглас, односно да распишува тендер. Значи, не била должна. Можела да го купи „мерцедесот“ со спогодба во четири очи, затоа што законот тоа го дозволува, бидејќи е специфична набавка. Се набавува возило што ќе се користи за специјални услови, како за нашето државно раководство, така и за гости кои доаѓаат. Такви автомобили поседуваат и други држави, а тие што немаат или имаат потреба од повеќе такви возила во одредени ситуации, плаќаат огромни пари за рентирање. И гледно и од човечки и од професионален аспект, тука, осудените луѓе беа „земени на врат“. И жал ми е, и жал ми е за госпоѓа Јанкуловска, затоа што таа тогаш имаше бебе. Ја одвоија од бебето и ја затворија за ништо. Државата нема штета во тој случај. Злоупотребата би постоела ако има штетна последица. А во овој случај, кому е направена штета? Никому! А Јанкуловска дури и спровела јавна набавка, а не била должна – го објаснува случајот „Тенк“, адвокатката Лејла Кадриу, која кратко беше и во СЈО на Катица Јанева, а долги години поминала и како еден од најпрофесионалните државни обвинители во правосудниот систем на нашата земја.

На прашањето од водителот Богдан Илиевски, во емисијата на ТВ Алфа, како во СЈО се набавуваа автомобили, кога веќе за „мерцедесот“ луѓето беа осудени, таа одговара:

„На колегиум се зборуваше од кого ќе се набават автомобили. Велеа „ајде да земеме од овој, зашто имаме договорено со него“. Јас ги слушав разговорите, но не учествував во набавките, зашто не бев дел од тие што беа во екипа за јавни набавки“.

Според нејзиното тврдење, во почетокот од работата на СЈО, со парите раководела Елизабета Јосифовска.

„Ние се уште немавме вработен за таа дејност, а Јосифовска го знаеше занаетот од мајка ѝ, па така, како што кажуваше и она, тоа се работеше“, вели Кадриу која вели дека во СЈО трескавично се трошеле парите за да не дозволат на крајот на годината да се вратат во буџетот, па така кон крајот на 2015 година за два ипол месеци потрошиле милион евра, а во наредните години трошеа по четири милиони евра, меѓудругото делејќи си и бонуси.

Таа раскажува и за случајот со Мартин Нешковски, за кого беше искреирана ситуација дека тогашната Влада и министерската Јанкуловска сакале да го забошотат случајот, па тоа беше и дел од нелегалните снимки кои Зоран Заев нелегално ги употребуваше, а смртта на момчето беше користена и во „Шарената револуција“.

„Тој разговор, за Мартин Нешковски, го слушав. И го прибавив, бидејќи тоа беше пресуден предмет, го прибавив од судот. Да се види дали тука има или нема криминал. Го проучив предметот и требаше да направам стратегија да ги сослушам лицата кои се спомнуваат – кој каде бил, што и каде направил, со кого комуницирал, каде Мартин бил, како настрадал и како дошло до смртна последица. Значи, тоа го испитував. И дојдов до заклучок дека тука предметот е чист, потврден од Стразбур. Но тие го користеа Игор Спасов, го носеа ваму-таму, и на крај ништо не испадна од тоа. Тоа што јас го реков од самиот старт, од моето преиспитување на целиот предмет, тие го работеа уште година ипол“, истакнува Кадриу.

За предметот „бонуси во СЈО“, поради што настрада обвинителот Мустафа Хајрулахи бидејќи не сакаше да го затвори случајот зашто според него, тука има криминал од специјалните обвинители, Кадриу вели:

„Па тоа е тоа. Требаше да се потрошат парите. И измислуваа како и се’ излегуваше од рамките на законот. Тоа не смееше да се дозволи, тоа не смееше да го дозволат ниту обвинителите, ниту Јанева имаше право тоа да го дозволи. Се знае колку изнесува обвинителската плата, плус додатоците до 35 отсто. Порано, републичкиот јавен обвинител ќе определеше за некои посебни услови доверливост, за ризик и ќе додели 35 отсто. Тие не смееле да излегуваат од тие 35 отсто, но не – на тие 35 отсто тие си додавале уште по околу две илјади евра. Тоа е тотално незаконито“, вели Кадриу.

За обвинителката Ленче Ристовска која неодамна бараше извинување од премиерот Мицкоски и која тврди дека го заслужила тие пари (бонусите од СЈО за што има предмет во ЈО), Кадриу вели дека таа од секогаш изигрувала жртва:

„Не може, не оди тоа така. Немаме ние мајмунска меморија, па по три дена да заборавиме се што се случувало. Помниме, знаеме како се однесуваше, а потоа излезе со изјава дека Катица е криминалец. Иако со неа беше нон стоп. Како сега ѝ текна да излезе? Сега изигрува жртва повторно. Таа постојано бара некое внимание и изигрува жртва за да ги постигне своите цели“, тврди Кадриу.

Таа во моментов работи како адвокат во Тетово. За себе, вели:

„Имам два правни факултети, на Тетовскиот и на Приштинскиот универзитет. Магистер сум по форензички науки. Тоа го завршив на Факултетот за безбедност, тука во Скопје. Мотив за факултетот, за оваа магистратура за форензика, беше токму тоа што бев обвинител, и сакав да знам и да бидам сигурна како да се наоѓаат трагите, како да се докаже кривичното дело, за да можеш во судница да влезеш, што се вели, со чист образ и со докази. Новиот Закон за кривична постапка, тоа ќе додадам, предвидува една законска норма која вели дека се што е сомнително оди во полза на обвинетиот. Во многу случаи се влегува во судница со несигурни докази. Со такви докази никогаш не сум сакала да влезам.

А инаку сум мајка на четири, факултетски образувани деца, со докторати. Така, што јас сум една горда мајка.“

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Кадриу: Осудените за „мерцедесот“ беа „земени на…

Во случајот „Тенк“, набавката на блиндираниот „мерцедес“,…

Судир меѓу „мерцедес“ и мопед на Партизанска,…

Синоќа во полицијата било пријавено дека на…

Жени се тепале во трговски центар во…

На 07.02.2026 во 21:30 часот во СВР…

„Ројтерс“: Малку веројатен е мировен договор меѓу…

Американските и украинските преговарачи разговараа за можноста…

Италијанската премиерка Мелони ги нарече антиолимписките демонстранти…

Италијанската премиерка Џорџа Мелони денеска ги осуди…