Калин Ивановски го победи Украинецот Орлов и го освои турнирот во Скопје

t

Македонскиот тенисер Калин Ивановски продолжува со одличните настапи и ја потврди добрата форма со освојувањето на титулата на турнирот „Македонија опен“, кој се одржа во Скопје.

Во финалето, Ивановски го совлада Украинецот Орлов со 2:1 во сетови, по возбудлив меч со големи пресврти. Македонскиот тенисер доминираше во првиот сет, кој го доби убедливо со 6:1, дозволувајќи му на противникот да освои само еден гем.

Во вториот сет следуваше целосно поинаква слика. Орлов ја презеде иницијативата и со максимални 6:0 го израмни резултатот во сетови, оставајќи го Ивановски без освоен гем.

Сепак, во решавачкиот трет сет, Калин повторно го пронајде својот ритам. Поттикнат и од поддршката од трибините, одигра сигурно во клучните моменти и со 6:2 стигна до победата и трофејот пред домашната публика.

Ова е уште еден значаен успех за македонскиот тенис, откако ден претходно титулата во конкуренција на двојки ја освоија Обрад Марковски и Горзад Србљак.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ