Кардиологот и алпинист Сашко Кедев одликуван со Орден „8 Септември“

t

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова го одликува кардиологот и алпинист Сашко Кедев со Орден „8 Септември“, за особените заслуги во медицината, не само дома, туку и во европски и светски рамки, како и за историскиот подвиг во алпинизмот како прв Македонец којшто ги искачил 14-те светски планински врвови над 8 000 метри надморска височина.

Сиљановска-Давкова, на доделувањето на орденот вечерва во Македонската филхармонија, порача дека академик Сашко Кедев е човек, чијшто персонален и општествен интегритет ги надминуваат границите на потесната стручна област и се интегрирааат во колективната меморија на државата и општеството.

-Сите го знаеме како врвен медицински авторитет, еден од пионерите и лидерите во развојот на интервентната кардиологија. Неговата личност ја красат  благородноста, моралниот интегритет и хуманоста… Биографијата на академик Кедев е поучен пример за секој од нас, но и добар прирачник за идните генерации. Таа е доказ дека успесите не се ниту привилегија, ниту случајност, туку логична последица и заслужена награда за енормните, натчовечки напори на човек со голема буква, рече Сиљановска-Давкова.

За сето она што го направи за медицината, науката, спортот, за меѓународниот углед на нашата земја, но и за македонската демократија, најмалку што можеме да сториме, рече Сиљановска-Давкова, е да му оддадеме признание. Не може да говориме за него, а да не го занемариме неговиот активен и видлив придонес за македонската демократија од првите денови на самостојноста и независноста до денес.

-Каде и да оди и што и да работи по светот, тој ја персонифицира на најдобар начин Македонија. Доказ за тоа е и неговиот статус на почесен конзул на Индонезија, плод на неговите неимарски способности во градењето мостови на доверба и партнерство меѓу народите и државите, нагласи Сиљановска-Давкова.

Доктор Кедев, нагласи, има биографија што не ја опишуваат епитети, туку ја потврдуваат суперлатив.

– Фактите говорат дека тој е меѓу водачите, првенците – интервентни кардиолози на Универзитетската клиника за кардиологија, но и во другите центри во земјата, како и во бројни престижни меѓународни медицински институции, од Канада до Јужна Африка, што од него прави своевиден колумбовски или магелановски докторски профил, порача претседателката.Неговиот научен опус е вонсериски во домашeн контекст, рече Сиљановска-Давкова, нагласувајќи дека академик Кедев вовел револуционерни техники во нашата кардиологија, со што поставил повисоки стандарди, отворил нови и пошироки хоризонти, давајќи  им нова шанса на илјадници пациенти.

-Ако во медицината, д-р Кедев ги достигна највисоките професионални и хумани височини, тогаш во алпинизмот, буквално, ги освои највисоките врвови на светот. И тоа, не во младешките денови на бунтовник без причина, туку во зрелата доба, како бунтовник со цел:  умен, искусен, но се уште детски љубопитен; храбар, но внимателен;  желен за нови подвизи, но наоружан со богато искуство, дисциплина и истрајност и … разбран и придружуван, дополни Сиљановска-Давкова.

Таа истакна дека во период подолг од две децении, Сашко Кедев ги искачи сите 14 највисоки врвови над осумилјади метри.

-Неговите подвизи не само што предизвикуваат дилеми, чудење и восхит, туку ги поместуваат границите на човечката издржливост и верба… Цврсто верувам и ве уверувам дека успесите на академик Кедев не се случајност, туку резултат на енормно знаење и сизифовски напори, потпрени на цврст морален темел и чиста и длабока духовност. Храброста и неуморноста што ги учел и вежбал во салите за операции, го поттикнуваат и водат на највисоките планински врвови, а вербата во правдата и моралот, го инспирираат и придружуваат во општествената битка за подобро, поправедно, демократско општество, изјави Сиљановска-Давкова.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Септемвриската пензија ќе биде зголемена само за…

Христијан Мицкоски пред изборите вети дека ќе…

(Видео) Пендаровски ја одликуваше ОН со Орден…

Претседателот Стево Пендаровски, во рамки на учеството…

Додик го одликуваше Путин со орден на…

Претседателот на Република Српска Милорад Додик го…

Стопанската комора доби Орден на заслуги од…

Претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија,…